Голем број ученици што учеле латински се соочиле со истото искуство — читање сложени текстови од Вергилиј, Овидиј, Хорациј, Цицерон или Јулиј Цезар, каде преведувањето само неколку редови може да одземе часови работа. Иако овие автори претставуваат врв на класичната книжевност, за многумина тие знаат да бидат и обесхрабрувачки, особено кога секоја реченица бара дополнителни историски објаснувања и коментари. Секако, тоа не значи дека учениците не треба да ги изучуваат класичните текстови и историскиот контекст. Но повремено, полесен и подостапен пристап може значително да помогне во одржувањето на интересот.
Токму таков пристап имал Еди О’Хара - поранешен британски пратеник и професор по класични јазици. По неговата смрт во 2016 година, неговиот син објавил на социјалните мрежи преводи на песни од Битлси што татко му ги подготвувал уште во 1960-тите за своите ученици.
Во време кога Битлси биле врв на популарната култура, О’Хара увидел дека нивните песни можат да послужат како мост меѓу современиот свет на учениците и древниот јазик што го учат. Наместо тие да се соочуваат исклучиво со епови и говори, можеле да преведуваат и пеат познати рефрени на латински.
Така, песната „All My Loving“ добила латинска верзија со стихови како „Ita totum amorem dabo“, додека „She Loves You“ станала „Amat te, mehercle“. Иако секогаш постои простор за дебати околу точноста и стилот на преводите, многумина веруваат дека О’Хара, како искусен класичар и педагог, добро знаел што прави.
Неговиот син го опишувал како човек роден за образование — наставник кој не само што предавал, туку знаел како да ја оживее училницата. Во текот на кариерата предавал во повеќе британски училишта и колеџи, вклучително и во Ливерпул, родниот град на Битлси.
Локалните медиуми го паметат како омилен професор кој успевал да ги направи часовите живи и интересни токму преку вакви необични идеи. Иако нема податоци дали навистина ги пеел латинските верзии со учениците, лесно е да се замисли училница во која класичниот јазик станува помалку застрашувачки и многу позабавен.
Приказната за О’Хара отвора и пошироко прашање: ако песните на Битлси можеле да го приближат латинскиот до младите во шеесеттите години, кои современи песни, филмови или интернет феномени би можеле да ја имаат истата улога денес?
Нашите омилени стихови: "Diei duri nox/Canisque modo laboravi" :)
извор