Новогодишните празници во САД одат некаде од 23 декември до 1-2 јануари. Во тој славенички, изгубен и депресивен период, Американците со сите сили се обидуваат да избегаат некаде далеку од дома. Дилемата дали да се оди некаде на топло, на некоја плажа каде жена ми вели дека би ни се здосадило до болка, или некаде на студено, каде јас и помалиот би се мрзнеле по ски-лифтови, а таа... би се досадувала до болка во некој бар, ја решивме така што најдовме компромис. Ќе одиме во Торонто. Ем ќе ја осетиме канадската зима, ем ќе ја искусиме од топло, од станот на другар ми од детството. И ја осетивме зимата, некаде кај границата, возејќи по селските патишта на државата Њујорк, низ една душманска снежна бура која ги зафати Бафало и Нијагара, и која го затвори автопатот.
Елем, успеавме не само до Торонто, туку и до Галеријата на уметностите на Онтарио, каде, домаќините ни обеќаа, ќе ја видиме најзначајната збирка статуи на Мур, и специјална изложба посветена на Гиљермо дел Торо. Од изложбата ни бутур (ја промашивме за ден-два) така што решивме да истрчаме барем до статуите на Мур. Но по пат забележав нешто друго - изложба посветена на Леонард Коен, насловена Everybody knows, како неговата песна која веднаш почнав да ја потпевнувам, на големо негодување на другар ми (тој е повеќе накај Џејмс Браун деновиве).
Изложбата започнува со долга витрина тетратки. Знаев дека тука ќе ги најдам оние славните, како на пример „Алелуја“, но се изненадив од чувството на воајеризам гледајќи некои помалку познати текстови. Коен имено чкртал не само стихови, туку и цртал, изгледа насекаде носел камера, се сликал по автомати (ги памтите ли? онаква вертикала од 4-5 слики?) размислувал, и џабалебарел (или тоа се викаше мечтаел?) во 60-тите. Очигледно не размислувал дека некој ќе му ѕирка во интимата на ракописите.
Добар дел си минал во Грција, на остров со стереотипните бели ѕидови. Се дружел со Џони Мичел, со која се допишувал преку телеграми. Луѓето, или барем тие двајцата, во тоа време си текстирале со тоа последното Т од ПТТ, кога оделе по одмори. Џони еднаш отишла до пошта во ЛА, и му пратила телеграма во Грција: „Драг Леонард, можеш ли сè уште да мислиш на мене?”
Не го разбрав контекстот на телеграмата, ама подобро „те сакам како другар” од ова, здравје. Дали ова се случувало пред или после нивната кратка врска? Во секој случај, Џони била мајсторка во тие времиња, изгледа. Во иста реченица успеала да каже дека Леонард влијаел врз нејзините текстови и дека бил „будоарски поет” (се сеќавам на зборот будоар од пред неколку децении, каде ли исчезна тој збор?).
После неколку ходници и сали исполнети со уште тетратки, и слики со љубови, и цртежи на столици, чаши, кутии, раката на мајка му, и што ти уште не, еден цртеж на неговата гитара ме потсети дека Коен, замислете, и свирел и пеел. А тука е и самата гитара, неугледна и некако малецка. Се сетив дека во неговите рани песни гитарата е онака само присутна, некаков дрон без многу мелодија, налик на балканското гуслање. На Коен, дали намерно или не, се чини дека музиката во тие денови му служела како изговор да си ја рецитира поезијата, не многу далеку од другите фолк музичари во тоа време.
Но и понатаму, на крај на ходникот во еден ќош стои клавијатурата, исто неугледна, и зафрлена. Всушност некои од албумите кои ќе го прослават во 80-тите и 90-тите се снимени токму со ова синтисајзерче. Се прашувам дали тука е некаде цаката на сите оние поеми кои морав да ги читам во средно, но кои ми прелетаа високо над глава. Од цело читање го памтам едно Nevermore! - и толку. Можеби не треба да се читаат туку да се слушаат со нешто малку ритам од некоја тарабука или жица. Дали така всушност луѓето го слушале Гилгамеш, седнати по некои бразди на полиња во Ирак? Ми се чини дека Коен добро го разбрал тоа? The minor falls, the major lifts.
Е да, на крај на изложбата стои едно Греми во витрина, задоцнето и осамено.
За Букбокс, Илија Дуковски
(изложбата трае до април 2023-та)
Претходно од Илија:
Репортажа од концертот на Дејвид Брн во Бостон тука
Птичарење во подкастот „Обични луѓе“ тука
„Шит ќе умрам а не го прочитав Гилгамеш“ тука