Koрона-дневник на наш човек

„Шит, ќе умрам, а не го прочитав Гилгамеш“

Ниту една статистика, графикон или новинарски текст не може да се спореди со лично сведоштво на некој кој заболел од Ковид-19 и (фала богу) преживеал за да раскаже. Наш читател кој живее во САД се согласи да го објавиме неговиот дневник, со делумно променети имиња. Бесен, уплашен, грижлив, оптимистичен - ова е текст кој што е пред сè искрен и многу човечен поглед кон новата реалност која ја опишува.

13 март 2020

Вчера се уплашив многу. Седев на каучот и ме стегна нешто во градите, плуќата како зафатена. Готово, си викам. Тоа е тоа, симптом. Наоколу комшивчето се моташе. Детето имаше астма, мајка му вели прерасте, нема веќе. Кујзнае. Да му речам да бега дома. Зошто па ние се мотаме со комшиите? Ѝ реков на Драгана, она вели претерувам. Шит. Станав, прошетав низ стан, буштум барам нешто, грицкалица, пенкало (немам што ни да напишам со пенкало). Ми пројде. Нема ништо. Преку ден не се плашам. Дури ме фаќа некоја чудна еуфорија. Ќе се променат работите, си велам, иако знам дека нема ништо да се промени.

Гилгамеш? Има ли чума во Гилгамеш? Шит, ќе умрам, а не го прочитав Гилгамеш.

Допишано на 14 април:

Првиот симптом, пролив, се јави кај Драгана наутро на 4 април. Не ни помисливме дека може да е COVID-19. Вечерта Драгана ја болеше грлото, и беше суво и кашлаше доста. Се насекиравме малце.

Наутро, следниот ден, 5 април, се разбуди со малку повишена температура, 37.2C. Необичен симптом беше дека чувствуваше како кожата да ѝ гори. На рацете највеќе, но и телото воопшто. Во 11 наутро температурата ѝ се покачи на 38.2C. Тогаш се јавивме на доктор. Тој ни рече дека е можно да е Ковид, но дека со овие симптоми не се квалификува за тест во нашата матична болница. Ни препорача клиника во близина, каде се вршат тестирања. Отидовме, Драгана се тестираше. Се јавивме кај сестра ми. Дома промуабетивме за тоа дали Драгана ќе се изолира или не? Со аргумент дека за изолација веројатно е секако прекасно, одлучивме да одиме “шведски,” без изолација дома. Сите ќе делиме купатила и соби. Во реалност, децата следниот период ќе го поминат на вториот кат, во нивните соби, каде имаат купатило.

Вечерта на 6 април, Драгана почна да кашла „мокро“. Искашла засирена грутка крв. Се јавивме на доктор, ни рече можеби и не е корона.

Седми април го поминавме смирени. Вечерта температурата на Драгана се спушти на 36.8C.

8 април 2020

Денес стигнаа резултатите од тестот. Драгана е позитивна на COVID-19. Како фатени во небрано се однесувавме. Ем страв, но ми се чини без потреба, освен ако симптомите не одат накај лошо. Од друга страна ни олесна. Неизвесноста тепа појако и од вирусот. Се јавивме кај фамилија и пријатели. Некој не верува, мислат дека се зезам. Игор вели одлично, сега сме дел од супер-популацијата која ќе ја наследи земјата. Павле на некое време доаѓа долу, бара уверување дека ќе сме OK. Врдам, мотам, му објаснувам за веројатноста. На крај ми пука филмот, му велам да порасне. Тоа изгледа го смири. 

Алекс има 37.7C. Попладне паѓа на 36.8.

Драгана ми вели, се чувствува крива. Јас ѝ велам, глупости. Како можеш ти да си крива? Станувам хајпер, скоро еуфоричен. Не можам да спијам. Ја читам „Сапиенс“, речениците ми бегаат. Одам на ФБ, се враќам на книгата. Легнувам и лежам во кревет. Не ми се спие.

Допишано на 11 април: Учествував на Зум форум по покана на Ненад. Муабетам со Илина на чет, како да си додаваме ливчиња на предавање. Ѝ кажувам дека сме позитивни, не е за муабет преку ливчиња, ама ете. Апостол е тука, вика здраво. Учествувам во дискусијата, иако сум супер иритабилен, ко да ми се криви луѓето. 

9 април 2020

Се разбудив со оган во устата. Ме пече и грлото. Правам гаргара со сол. Сестра ми Јована ми препорача. Којзнае дали ќе помогне. Ми помогна. Се мислам, што ако ја иритирам слузокожата со солта и правам да е полошо?

Долу комшивката пак готви нешто. Или ми се чини. Не го поднесувам мирисот ако не е од моја кујна.

Драгана се буди, добра е. Има малку температура, 37.2C. Јас и Павле, 36 и кусур. Алекс спие сè уште. Драгана ми вели, на Триша и Мараја, комшивките, им е полошо. Тие не знаат дали и како ќе ги стрефи. Ние барем знаеме како ни е. 

Алекс се разбуди со малку температура. Се шмугна во ВЦ, излезе, пројде низ дневна и го снема.

Ја празнам машината за садови, се задишав, се уморив. Драгана вика се умори од доручкување. Гледам да нарачам достава на намирници од самопослуга. Сервисот постои и работи, ама е резервиран до крај на април. До тогаш... на диета. Јас изгубив веќе 3-4 кила.

Се јавуваме на блиски, пријатели.

Страв од стохастичност и теории на завера ми доаѓаат на памет, за ова ќе пишувам.

Ред за марихуана во продавницата до нашата куќа. Разбирливо.

Драгана ги изгуби чувствата за мирис и вкус. Јас за вкус, устата ме пече. Муабетиме колку е чудно да пиеш чај вака, само топла вода.

10 април 2020

Денес, и Драгана и јас осетивме стегање во градите. Кашлањето мене ми стана како ризик кој не смеам да си го дозволам. Целите дробови ми се тресеа. Ме фати некој чемер, или бес, ни сам не знам. Избегнав Зум состаноци на работа, и со Импровсајенс, ама држев час. Им кажав на студентите дека го закачив вирусот. Предложив еден студент да ја преземе улогата на наставник. Часот пројде одлично, со жива дискусија, онака како би требало часовите да се одвиваат. Во неволја луѓето, и особено групите, функционираат најдобро.

Допишано на 14 април: Дон ни донесе храна денес. Маријана и Драгана ја организираа работата. Планираме да се најдеме кога ќе пројде ова.

Вечерта гледаме Шитс Крик. Серија тамам за време на чума.

11 април

Ноќта беше најтешка до сега, Драган имала пролив, морала да легне на под во купатилото, ѝ било тешко, не можела да ме викне да ѝ помогнам.

Сабајлето јадеше полента, ама со напор. Сега спие, го преспа утрото.

Коментар на ФБ како луѓето се држат до правилата само кога им е наложено, немаат осет самите без некој да им каже. Се зборува за менталитетот.

„Многу интересен менталитет имаме. Тука во Аеродром маркетите воведоа ред и пуштаат по двајца откако двајца ќе излезат. Надвор луѓето уредно и трпеливо чекаат на прописно растојание. Внатре во маркетот во зависност од големината има приближно по десетина луѓе. И додека се вршат набавките луѓето стојат едни до други додека го бараат тоа што им треба, се разминуваат во непосредна близина, и потоа на каса повторно се прави растојание. Како вирусот магично да престанува да се шири во одредени моменти. Заклучокот е дека редот се почитува не поради свеста за лична заштита и заштита на другите туку поради тоа што е наложен. Логично е ако постојано се повторува дека клучно е физичкото растојание од два метра во секој момент, тогаш тоа да се практикува така и да се внимава на растојанието, а не само кога некој ќе воведе ред надвор или кога ќе обележи растојание со ленти пред касите.”

Мој коментар: „И тука во САД го забележав истото. Треба да им кажеш на луѓето дека кога одат на крајот на редот, да не се движат покрај редот. Не им текнува. Не дека се нема свест, едноставно на луѓето не им текнува. Не заради некои социолошки или не знам какви причини. Едноставно не им паѓа на памет.”

Си мислам за лидерите, предводниците, денес и оние во традиционалното селско (аграрно) општество. И за поединците. На денешницата секој еден е универзум за себе. Секој си е автономна единка, која според идеологијата на либерализмот, може сама да функционира. Значи потполно е слободен сам да размислува и одлучува во вакви ситуации. Фантастично, но тука се крие и црвот, во претпоставката е дека сите сме исти, или барем приближно исти. Идеологијата смета дека некој е успешен заради вложениот труд. Не заради талентот, или интелигенцијата, или среќата. Значи со волја и труд, секој може сам да се образува и да „успее”. Настрана калвинистичкото потекло на овој фетиш на трудот, идеологијата на вродена еднаквост (како се вели во декларацијата на независност на САД, на пример) всушност природно го елиминира лидерството. Идеологијата природно, кај е да е, некогаш ќе избере кловнови за водачи. Така денес бираме кловнови. Во селото, напротив, секогаш постои некаков шаман, некаква бајачка, кој/а ги капира работите поинаку. Заради тоа е шаман, или поп, или даскал. Не помалку демократски избрана од лидерите на денешницата. Таа знае троа повеќе од селото, а нејзиното постоење вон селото нема смисла. Не постои шаман или поп без селани. Ние денес имаме професори без студенти. Лидери без народ. А не дека се криви за тоа, туку дифолт современа состојба е секој сам да се образува. Секому сам да му текне. Често слушам: „Какви идиоти, не вклучуваат мозок да сознаат дека...” Често се случува контра во форма: „Па кажи ни ти, ако веќе знаеш.” Во тој момент доаѓа она незаборавно, „Па нема јас да ти читам. Најди читај, имаш референци.” Референци. Референци за народот.    

Пак ме болат дробовите, ќе морам да одморам.

Излегов надвор да фрлам рециклажа. Драгана е подобра. Муабетиме за ноќта, се исплашила, и се слошило, паднала на подот и не можела да ме викне. Сè уште е уплашена. Јас сум подобар. Се навикнав на болката во градите. Мала е, ама присутна.

Се враќам во нормала изгледа. Ги хранам рибите. Еден Apistogramma borellii мажјак не е во добра состојба. Го хранам со смрзнати артемија ракчиња. Другите се ОК. Три Crenicichla sp. Orinoco, три Mesonauta festivus, и осум Hyphessobrycon herbertaxelrodi.

Му праќам на Трендо статија за тоа како ќе нè мафтаат кога ќе заврши сето ова. Како ли ќе се враќаме во нормала, откако го видовме царот гол?

Јован ми вика, немој да умреш, ти си ми бфф. Ми покажува колку поминал денес на точак. Ах, точак...

Муабет со Софија, ми дава совети за Драгана, да пие супа... Од целата наука, медицината секогаш се сведува на пилешка супа. Ме прашува за децата. Децата не би ни приметиле дека има нешто да не им мерев температура. Ме кара дека не се изолиравме од комшивките. Ама, комшивките се здрави.

Денес муабетев и со Јорго од Брисел. Да не беше “името” немаше ни да се запознам со ова другарче. Си мислам за Грците и Грција. Ако некој е OK со Македонците, голема е веројатноста неговата фамилија да била со левите во Граѓанската војна. И обратно, ако мисли за нас како змии (таква една објава прочитав деновиве) тогаш веројатно фамилијата била на десната страна. Од сета античка историја, она што ги дефинира Грците денес е токму Граѓанската војна. Како и многу други нации, Американците, па и Македонците со студената граѓанска војна околу промената на името на државата. Нациите прелесно влегуваат во граѓански војни, не знаејќи дека граѓанските војни им ја ресетираат историјата. 

Драгана сè уште со температура, 38.3C. Со стомакот е ОК, шуќур. Цел ден го прележа, не стана од кревет.

12 април

Ноќта помина лесно. Драгана се разбуди со температура 38.0C, за еден саат падна на 37.7C.

Сончев ден. Орхидеите цветаат ко луди. Посебно оние во купатилото. Мирисаат на чоколада и кокос. Мирна недела.

Зборував со мајка ми. Не ѝ кажувам дека имаме корона. Мачно е да зборуваш напразно, со тешко на глава. Ми ја покажа јаболкницата во дворот, цвета за Цветници.

Отспавме со Драгана добри два саата на пладне. Спиењето е изгледа најдобар лек. Температурата ѝ падна на 37.5C. Коментираме дека Триша и Џејми се негативни. А Драгана беше по намирници во иста кола со Триша ден пред да добие симптоми. Ама носеа маски. ЦДЦ ја зезна работата, не препорачуваа маски на почетокот. „Абе една секирација помалку” вели Драгана. Да, кај и да е, ќе го закачевме вирусот. Само беше прашање на време. Добар ѝ е духот. Дај боже, само да ѝ спадне температурата, и толку. 

Премина да лежи од спална во дневна, се враќаме накај бинџ гледање Шитс Крик.

Каква ќе биде нормалноста кога ќе заврши сето ова? Што значи да заврши? Вирусот веројатно ќе остане во популацијата. Со вакцини и некаква медицина ќе биде скротен, но тешко дека ќе го уништиме. “Ова” ќе е постојана состојба.          

Може да се осети дека се приближуваме кон “нормалност”, по тоа дека сè помалку наоѓам теории на заговор на ФБ и по мрежите. Се смируваат луѓето. Веројатностите веќе преминуваат во статистики.

Неверојатно е тешко интуитивно да се прифатат веројатностите. Стохастичноста, всушност неизвесноста,  е ужасот. Детерминизмот, знаењето дека нешто сигурно ќе се случи, макар тоа да е нешто потполно трагично, умот полесно го прифаќа. Најлесен начин да се избега од ужасот на стохастичноста се теориите на заговор. Во секоја теорија на заговор постои личност, ум, кој владее со ситуацијата. Тој ум може да е злотвор, но сепак е злотвор со контрола. Тој ум одредува што и како ќе се случи. И кон него секогаш може да се испрати апел. Да се замоли. Макар и да е злотвор. Молитвите помагаат. Макар да се работи за Природата. Природа, детерминистичка. Природа која ги контролира работите. Можеби сурова, но сепак има контрола. Работите ќе си се сложат природно. Со закони кои можеме да ги спознаеме и разбереме.

Ужасно е кога ќе не удри стохастичноста по глава. Кога на прашањето: “ќе се случи или не?” не постои детерминистички одговор. Кога не можеш да кажеш ни знам, ни не знам, туку одговорот е: „малку е веројатно, 99.99% сме сигурни дека нема да се случи.” Ама тие 0.01%, тие се изворот на теориите на завери. Немоќни пред веројатноста, создаваме приказни. Но штом стохастичноста ќе почне да се реализира, штом ќе добиеме броеви, фреквенции, тогаш веќе му е полесно на нашиот ум. Статистиката нè смирува. Со статистика, почнуваме да размислуваме дека можеби стохастичноста ни не е вистинска. Можеби стохастичноста е недостаток на информации, а не вистинска, инхерентна невозможност да знаеме што ќе се случи понатаму. Штом бројките ќе почнат да пристигнуваат, гледаме правилност, законитост, и се буди надежта дека, кога тогаш ќе имаме увид во она што навистина се случува. Се надеваме дека, гледајќи наназад, ќе научиме и разбереме како да ги контролираме вирусите. Но, можноста вирусите да се појават спонтано, инхерентно стохастично, таа можност е стравот во коски. Што ако, како во Квантната механика, најмногу што можеме да дознаеме е веројатноста нешто да се случи. Што ако тука е крајот на нашето сознание. Токму таа, суштинска, инхерентна стохастичност, таа е ужасна. Умот бега од тој ужас.

Се качив двапати по скалите на втор кат, се задишав. Имам болка во градите. Не замина ова, мајку му... Изгледа имам оштетување, на левата страна. Ќе треба време, изгледа, да зарасне.

Вечерва температурата на Драгана падна на 36.4C. Ух, олеснува.

13 април

Денес Драгана има само 37.0C. Нема други симптоми. Проаѓа изгледа.

Зборувам со Мирјана. ОК се, не ги фати. Фабриката фактички престана со работа. Ми кажува, изнервирана, видела трудница како пазари во продавница. Не држела растојание, не се пазела. Мажот ја чекал во кола. Ми вели, „до кило кромид ли ѝ дојде работата”.

Зборувам со колега на работа. Добацува идеја да се тестирам за антитела, постои и можност да се донираат за терапија.

Верверичка ми дојде на терасата, ме гледа, сака храна. Земам парче тесто од пица, отворам, бега. И оставам, ќе се врати.

Ѝ сварив компири на Драгана, вкусни  се. Ѝ се враќа чувството за вкус и мирис.

Ја празнам машината за садови. Ја полнам машината за садови. Ако постои перпетум мобиле, сигурно има облик на машина за садови. Ова нешто не престанува. Ми се чини дека само тоа го правам деновиве, ја вади садови, ја ставај садови.

Денес се јавија од градот, здравствениот работник. Добри се, сето време се јавуваа на два-три дена.

Драгана, вечерва пак со пролив. Нема температура, 37.2C.

Читам денес, сјебале некаква стара калдрма “властите” некаде во Македонија. Луѓето коментираат, само за пари се прави ова итн. на таа тема. Да беше за пари, ќе беше добро. Мислам дека “властите” на денешницата, насекаде низ светот се отприлика исти. Кловнови. Работите ги прават скришум, преку ноќ, да не разбере никој. Потоа се надеваат на колективна амнезија. Менуваат, кројат, копаат, ни самите не знаат зошто. И сето тоа време, луѓето им даваат неверојатен кредит, само за пари било. Да умееја “битните” да размислуваат за пари, немаше сега да сме со уништена економија. И битните, ги носи времето како ќе стигне. Не е за пари. За ништо е, за џабе.  

14 април

Денес Драгана стана, шета низ стан. Јадеше ориз и банана. Нема температура, 36.6C. Сè уште е слаба. Ми вели, гадна болест е ова.

Им јавувам на Јована и на Магда. Ме охрабруваат. Јована ми вели и понатаму да сме претпазливи, муабетиме дали може да се врати по втор пат. Ми вели, “Како велеа старите, втор пат е потешко.” Муабетиме за strains на вирусот, за мутациите. Дали ќе бидат како кај грипот или не? Грипот брзо мутира, се менува. Тоа е причината заради која вакцините за грип се само делумно ефикасни. Ќе биде ли и овој вирус таков? Сè уште не се знае. 

Вчера најдов статија од група медицинари од ЛаХоја, вели губење на мирис и вкус потврдено како симптом специфичен за COVID-19. Може да се користи за дијагноза. Ха, ние знаеме веќе. Насловот сугерира дека оние со губиток на мирис и вкус, поминуваат полесно, само во амбуланта. Оние кои немале губиток, почесто завршуваат во болница. Препрочитувам 100 пати, не е најјасно напишано. Му праќам на Трендо, вика ова му „мириса” на оптимизам.

Вчера се пријавив во NIH да донирам крв, за истражувања на антитела, кон развој на вакцина. Ќе видиме дали ќе одговорат. Денес се враќам кон работа. Тешко е да се вратиш во колосек после повеќе од недела.

Правиме едно селфи со Драгана, во кујна.

Муабетам со Трендо на ФБ. Ко у кафана да сме. Пријатно друштванце...

Пријателка на Драгана ни донесе храна. Колачиња и крекери, има две недели немам јадено. На Драгана ѝ се вкусни, ѝ се враќа чувството. Пие вода со лед. Прв пат откако почна со симптоми. Добар ѝ е ледот. Лежи на под, ја боли половината. Гледа Елен Деџенерес шоу. Болките во грбот и мускулите, иако јаки, проаѓаат незабележани во споредба со другите симптоми.

Муабетам со Илина за текстов, мета-разговор, ха.

Драгана се закашла, ја заболеа дробовите. Ѝ велам, и мене ми беше така пар дена. Веројатно има оштетување, зарастува.

15 април

Драгана денес се разбуди со нормална температура, 36.7C. Пржени јајца на око за поручек. Правилото кое ни го кажа докторот за крај на болеста е: најмалку седум дена после првите симптоми, плус три дена без висока температура. Тука сме. Можеме и надвор да излеземе.

Ѝ велам да излеземе во двор. Не сака. Не може. Мисли дека е премногу слаба да се врати (по скалите). Уплашена е. Попосле.

После еден саат се качи на кат, кај децата. Се гушкаат со Алекс. Слушам звуци, си муабетат горе. Ми хепи.

Врапче дојде под прозорецот во спалната. Ѝ го покажувам. Вели, Fluffy.

Павле се мота по дневната, Драгана го задева. Му вели на Павле, „татко ти ме следи низ дома, не знам зошто?” Се смееме.

Ја наоѓам облечена за надвор, покрај вратата. Ѝ велам, ќе излеземе? Да. Земам маски.

Излегуваме...

17 април 2020 - 12:48