Гоце Митевски на својот сајт се опишува како „дизајнер заљубен во инженерството“. Неговото богато портфолио вклучува анимации, графички и веб дизајн, илустрации. Неговиот најнов проект е Дигитален каталог на делата на Шпато, сајт на којшто неговото творештво може да се пребарува преку неколку критериуми: вид на композиција или аранжман, изведувач, автор.
Како што ни изјави Гоце, идејата за дигиталниот каталог постоела уште од 2013 година, кога за првпат ја прочитал монографијата на Ванчо Димитров, „Драган Ѓаконовски - Шпато Музичка Легенда“. Во недостаток на време и брз начин за обработка на овие податоци, дигиталниот каталог се материјализира, еве, дури 13 години подоцна.
„Сѐ почна со дигитализација на податоците објавени во монографијата. Ги поставив на GitHub и ги направив достапни за сите. За среќа или несреќа, никому не му текна да ги искористи за ништо. Деновиве, тестирајќи го големиот јазичен модел „DeepSeek v4.1“ конечно се сетив што сакам и можам да направам со овие податоци“, вели Гоце.
Базата е дигитален каталог на делата на Драган Ѓаконовски – Шпато што се чуваат во фонотеката на МРТВ. Во моментов има 433 единици: 74 вокални и 55 инструментални композиции и 304 аранжмани - значи околу 70 отсто од зачуваното се аранжмани, што и не е чудно за човек што зад себе оставил над 3.000 аранжмани. Покрај насловот, изведувачот, авторот, времетраењето и сигнатурата, за 162 дела е прикачена и снимка од YouTube, а познатото времетраење (за 263 од нив) излегува на некаде 13 и пол часа музика.
Стартна точка, значи, била монографијата на Ванчо Димитров. За понатамошниот технички дел од работата Гоце објаснува (за оние што разбираат):
Од табелите со делата, ги внесов во едноставни CSV-датотеки, а потоа напишав мала скрипта во Python што ги нормализира: изедначува имиња и наслови, открива и спојува дупликати, ги проверува траењата и гради индекс за пребарување и на кирилица и на латиница. Ништо не се поправа тивко - секое изедначување и секое отфрлено повторено дело е запишано на страницата „Забелешки“ (во моментов 520), со правилото по кое е направено и со редот од изворот. Каталогот е двојазичен, македонски и англиски (иако, без преведување на имињата на композициите и изведувачите), работи и на телефон, и може да се преземе во CSV или JSON. Снимките ги поврзував дел рачно, дел автоматски; оние најдените автоматски се означени како такви, за да се знае што е проверено, а што не.
Планот за понатаму му е да продолжи во истата насока: да ги поврзе снимките и за останатите 271 дело, да ги задржи забелешките достапни за секој што сака да провери од каде е некој податок, и базата да остане отворена - за пребарување, извезување и користење.
Алал, Гоце!