Платеници од новиот Блеквотер ќе војуваат против бандите на Хаити

Новата приватна армија на основачот на Блеквотер ќе испрати засилувања од стотици искусни „кучиња на војната“ на Хаити за да се пресмета со моќните банди, на кои војската и полицијата не им може ништо. Цената на ангажманот приватната армија ќе ја наплати со советодавна улога и со целосна контрола на трговијата и собирањето даноци. Истото што сега го прават бандите.

Ерик Принс, поранешен американски морнарички командос, основач на озлогласената армија за обезбедување Блеквотер и истакнат донатор во кампањата на Доналд Трамп, најави дека ќе испрати 200 елитни војници и експерти на Хаити за да ја засили борбата против криминалните банди во карипската земја.

На покана од Порт-о-Пренс, компанијата Вектус Глобал на Принс во март го испрати својот прв контингент на Хаити, за да подготви терен за распоредување на главнината. Со новиот премиер склучила договор од 10 години за „долгорочно советување ѝ собирање приходи на владата, изјавил анонимен извор на Асошиетед прес.

Принс во интервју за Ројтерс објаснува дека Вектус Глобал ќе спроведува програма за оданочување и царинење стоки увезени од Доминиканската Република, откако ќе се стабилизира безбедносната ситуација. Доминиканската Република е клучен извор на жита, брашно, млеко, вода, лекови и други основни производи за Хаити. Принс очекува неговата армија платеници во рок од една година да ја преземе од локалните банди контролата врз главните патишта и стратегиските позиции.

Клучна мерка за успех ќе биде ако можете да возите од Порт-о-Пренс до Кап Хаити во неблиндирано возило и да не ве запрат бандите, вели Принс. Тој одбил да коментира колку пари му понудила владата на Хаити ниту колку даноци е предвидено да собере кога ќе воспостави контрола врз земјата.

Вектус во март распореди на Хаити беспилотни летала и формираше работна група за координација со владата. Сега ќе ја испрати главнината од околу 200 војници и офицери од САД, Ел Салвадор и од европски земји, вклучувајќи снајперисти и специјалисти за разузнавање и комуникации. Тие ќе бидат опремени со хеликоптери и бродови. 

Од другата страна на фронтот се криминалните банди Г9 и Г-Пеп, поранешни лути непријатели, кои во септември 2023 година се здружија во групата Вив Ансанм. Прогласена за терористичка во САД, оваа група е најмоќната вооружена сила на Хаити. Водач на бандите е Џими Шеризие, попознат како Барбикју. Во серија координирани акции лани Вив Ансанм ослободи повеќе од 4.000 затвореници, три месеци го блокираше меѓународниот аеродром, поставува контролни точки на патиштата и изнудува пари од локалните бизниси. Обвинета е за убиства, грабнувања, мачења и силувања.

Во периодот од април до крајот на јуни во Хаити се убиени повеќе од 1.500 луѓе. Речиси 900 загинале во пресметки на бандите со полицијата и војската, а уште неколку стотини во судири со локалните групи за самоодбрана. Раселени се 1,3 милион луѓе. Немоќен да ги запре бандите, премиерот Ариел Анри лани поднесе оставка. 

Само симболична е улогата на мировната мисија на Обединетите нации со 991 припадник, далеку помалку од предвидените 2.500, и со фонд од 112 милиони долари наместо потребните 800 милиони, според извештај на Интегрираната канцеларија на ОН.

Ангажирањето приватни воени компании не е решение за несигурноста во Хаити. Тоа често пати завршува со кршење на човековите права, предупредува Гедеон Жан, раководител на Центарот за анализа и истражување на човековите права на Хаити.

Принс во 1997 година ја формираше приватната армија Блеквотер, но ја продаде во 2010 година откако нејзини припадници беа осудени за убиство на 14 невооружени цивили во акција за обезбедување конвој од американската амбасада на плоштадот Нисур во Багдад. Претседателот Доналд Трамп ги помилува платениците за време на својот прв мандат во Белата куќа. Откако Трамп се врати во Белата куќа, Принс склучи договори за советување на безбедносните сили на Еквадор и за помош на Демократска Република Конго за обезбедување и оданочување на рудниците.

Тешко е да се замисли дека тие работат без согласност на администрацијата на Трамп, вели Ромен Ле Кор, раководител на Програмата за Хаити во Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

******

Види и: Пентагонска економија

Како американски платеници беа уапсени во обид да преместат 80 милиони долари за претседателот на Хаити

15 август 2025 - 08:35