Пречекани од тројца блиски луѓе на претседателот, Моиз Жовенел, екипата и целата опрема на брзина е мината преку царината и контролата на најголемиот аеродром во земјата, кои во моментот уште не се дојдени на работа.
Во гостинската екипа меѓу другите има двајца поранешни морнарички Фоки, поранешен вработен на Блеквотер, двајца српски платеници кои живеат во САД. Лидер на тимот е 52-годишен поранешен пилот од маринците, Кент Крокер, кој на своите луѓе им кажува дека акцијата е лично побарана и одобрена од Моиз.
„Луѓето на претседателот на Хаити му кажуваат на Крокер дека нивна мисија е да го придружуваат претседателскиот советник, Фриц Жан-Луи до централната банка на Хаити, каде електронски ќе префрлат 80 милиони долари од нафтениот фонд на владата на друга сметка контролирана само од претседателот. Притоа, според локалците, тие ќе помогнат да ја зачуваат демократијата на Хаити.
Ова е премногу добра зделка за група полу-вработени воени ветерани да ја одбијат,“ пишуваат Метју Кол и Ким Ив во текстот за Интерсепт.
Притоа ниту еден од тимот не зборувал директно со Моиз околу операцијата, ниту пак добиле или виделе официјален документ на владата на Хаити во кој се одобрува мисијата. И покрај ова ниту Жан-Луи, ниту другиот клучен организатор, Хосуе Леконте, Хаиќанец кој живее во Бруклин и е близок пријател со Моиз, излегува дека не работат на своја рака.
Заради серија глобални политички измени и серија лошо менаџирање на сопствените приходи, Моиз од јуни минатата година постојано се соочува со протести и немири во својата држава. Освен демонстрации, Моиз има проблем и со Жан-Анри Сеан, премиерот на земјата, кој постојано бара Моиз да ја напушти претседателската позиција со што тој ќе стане лидер на земјата.
Овие двајца, плус гувернерот на народната банка, ја контролираат сметката од која Хаити го плаќа горивото (на Венецуела). Заради судирот меѓу двајцата на сметката остануваат замрзнати околу 80 милиони долари.
Во верзијата што ја раскажуваат Американците, ним им било објаснето дека со тоа што овие 80 милиони долари ќе бидат пренесени на сметка која ќе биде под контрола само на Моиз, претседателот ќе може ефикасно да ја води земјата, и со тоа тие ќе ја поддржат демократијата на Хаити.
Американските платеници парите ги добиваат од човекот во Бруклин, кој пак за возврат во знак на благодарност од Моиз, ќе го добие договорот за изградба на мрежата на националниот телеком.
Жан-Луи, Крокер и неговите петмина колеги пристигнуваат во Народната банка на Хаити во 14 часот во недела, на 17 февруари, околу 36 часа по слетувањето.
Тимот се паркира со три возила пред банката и излегуваат. Платениците се тешко вооружени и го обиколуваат Жан-Луи. Иако банката е затворена Жан-Луи му кажува на стражарот дека се дојдени по официјална работа. И покрај тоа стражарот одбива да ги пушти да влезат во банката (во недела во 14 часот). Во меѓувреме некој вика полиција.
Полицијата ги опколува платениците и околу 2 часа и двете страни држат напната дистанца. Тогаш Крокер го вика седмиот член на неговиот тим, поранешен припадник на националната гарда кој разбира француски. Човекот успева некако да ја смири ситуацијата и платениците и се предаваат на полицијата објаснувајќи и дека се дојдени службено.
На прашањето од полицијата зошто ако се службено ги избегнале сите проверки, еден од платениците одговорил „затоа што претседателот не ви верувам вам“.
Полицијата ги приведува: 52-годишниот Кент Крокер; поранешните морнарички Фоки 49-годишниот Кристофер Меккинли и 44-годшниот Кристофер Осман; поранешниот вработен на Блеквотер, 51-годишниот Талон Бартон; 43-годшниот припадник на националната гарда Дастин Порте; и двајцата Срби, 36-годишниот Данило Бајагиќ и 40-годишниот Владе Јанковиќ.
Полицијата на Хаити објави дека платениците целото свое оружје го донеле со себе од САД, заради што најверојатно ќе треба да одговараат и на домашно тло.
Жан-Луи успеал да избега во целиот застој со полицијата.
По апсењето, првиот човек на полицијата на Хаити објави разговори од повеќе високи функционери на земјата во кои од него се бара ослободување на Американците затоа што тие биле вршеле официјална работа и дека сето тоа било одобрено од Моиз. Овие барања биле одбиени.
Според Кол и Ив од Интерсепт, акцијата можеби ќе била успешна кога екипата би имала какво било претходно искуство во спроведување тајни мисии. Наместо тоа станува збор за мешавина од воени ветерани и локални бараби.
„Иако Американците беа добро вооружени, тие ги немаа покриено основите на тајните операции: осигурување, медицински план за евакуација, дозвола за внес на оружје во Хаити, и план за бегство доколку работите тргнат на лошо,“ пишуваат Кол и Ив.
Целата екипа е ослободена и вратена во САД по притисокот од Стејт департманот. До тогаш Жан-Луи и Леконте веќе имаа избегано од Хаити. Се знае дека Леконте се вратил во Њујорк, а за Жан-Луи уште не е познато каде е.