Како започна запознавањето и предавањето македонски на Шпанците во црвено-црниот дрес?
„Целата приказна датира од поодамна. Јас претходно имав многу добра соработка со сите странци кои беа во Вардар. Не знам колку се сеќавате, некаде во 2012-та во ФК Вардар дојде Хорхе Хименез, кој стана првиот Шпанец кој заиграл за македонски клуб. Излезе тој да се пресели во станот до една другарка на брат ми која му раскажала дека до неа се доселиле многу фини луѓе, Шпанци, но иако се многу комуникативни, англиски не знаат и тешко се разбираме. Ни раскажа дека таа се труди да им раскаже нешто за градот, каде има продавничка, нешто најосновно, но гледа дека не ја разбираат. И се сетила дека јас студирам шпански, а јас тогаш уште втора година на факултет, што се вика уште јазикот не сум го ’скршила’. Првата средба со нив беше во едно кафуле на кејот каде беа воодушевени и пресреќни што некој зборува шпански јазик. Шпанците немаат култура на пречесто излегување од својата земја, и тоа за нивната поширока фамилија беше шок. Замисли ти да не знаеш збор јазик, во туѓа држава, со документи, со клуб, со потпишување договори, со агенти... После 2-3 месеци му дојде тогашната девојка, а сега жена Лорена. Се најдоа со мене и почнаа да се адаптираат на животот во Скопје. Јас и другарката на брат ми им бевме што се вика и очи и уши. Ги носевме секаде, било на лекар, било во некоја институција. Беа доста популарни, имаа гостувања по телевизии, по приеми ,дипломатски настани во амбасади и јас одев буквално секаде со нив како придружба, за превод.“
До кога траеше дружбата со првиот Шпанец во историјата на македонскиот фудбал?
„Следното лето кое дојде, ним не им се веруваше дека јас не сум била во Шпанија, им беше шок како сум научила добро да зборувам. И од нигде-никаде ми кажаа ’Спремај се, доаѓаш со нас во Валенсија. Ќе седиш месец дена со нас’. И така отидов во Валенсија, имав супер лето, се изнашетав, бевме и во Мадрид каде Хорхе вадеше некои документи во македонската амбасада... А не ми кажаа дека планирале да се венчаат додека јас бев таму и тоа излезе прекрасно изненадување.“
Откако го ’скршила’ јазикот, Сања не претпоставувала дека ја чекаат нови предизвици и предавања.
„По доаѓањето на Самсоненко во ракометниот клуб, кога Вардар почна да расте, почнаа и новите аквизиции на играчи. Меѓу првите, од северот на Шпанија, од Ла Коруња дојде Бегоња Фернандез и Хорхе и Лорена ме запознаа со неа. Во меѓувреме почнав да им предавам англиски и македонски на Хорхе и на Лорена, но на пријателска база зошто јас тогаш не бев ниту професор ниту ништо. Хорхе брзо напредуваше со македонскиот. Англиски мораше поради разбирање, но пак ќе кажам културата на англиски јазик во Шпанија е многу ниска и не е вообичаено да се знае и да се збори. Бегоња од старт виде дека тешко ѝ оди македонски, па ме замоли да продолжиме да учиме англиски, требаше да полага некој испит па договоривме термин“.
Тоа што следело во целост ја изненадило Сања Таневска.
„Бегоња низ разговор во клубот им спомнала на соиграчките дека оди на англиски, тие се заинтересирале и одеднаш имав девет ракометарки на час кои сакаат да учат англиски. Сите ракометарки живееа во Козле заедно и таму им предавав. На крај имаш ситуација Србинка да учи англиски, Шпанка да учи македонски, Црногорка шпански и на крај имав агенда на часови и се движев во зградата од еден до друг спрат“.
Дали веднаш се нафаќаат на спортска терминологија поради подобро разбирање на тренинг и натпревар, или општо?
„Најчесто општо, граматика и сè останато.“
Како стигна до „Ел Команданте“ Раул Гонзалес?
„После девојките, муабетот за часоови се пренесе и во машкиот клуб. Ако се сеќавате прво во Вардар дојде Малумбрес, дојде Душебаев, тука некаде дојде и Раул. Имавме часови и со девојките и со мажите, некогаш пред тренинг, некогаш после тренинг, блок часови по саат, саат ипол, кога како имаа време. Девојките сакаа кај нив дома за да сменат амбиент од хотел „Русија“, а по извесно време сопственикот Самсоненко откупи некои згради, некои простории на Водно па одев и таму. Малумбрес и жена му имаа комбинирани часови а еднаш ми спомна ’Знаеш што, нашиот тренер сака да учи македонски’. Пред да почнам часови со Раул, му предавав и на Јан Пиклик (тогашен помошник на Индира Кастратовиќ во ЖРК Вардар), но него некако не му тргна, тој беше позатворен тип, типичен Данец, и му беше тешко да се опушти па се откажа.“
„Неколку ракометари се откажуваа, па продолжуваа, па се откажуваа. Поучена од искуството со Јан Пиклик, бев скептик за Раул Гонзалес, си викам ако не е сериозен ќе биде тешко зошто и за предавачот е трошење енергија. Сум имала прв час со сите, а втор со 50 посто. По неколку дена ми се јави Раул и на шпански ми кажа: ’Здраво, јас сум Раул, тренерот на Вардар, ми кажа Малумбрес (Ињаки) дека предавате македонски и би сакал да земам часови.’ На прашањето што и како, само ми одговори ’Ќе се видиме, ќе збориме. Сега немам баш време, дојдете утре во 5 во Пелистер (на плоштад) ако ви одговара, па ќе се договориме. Доаѓам јас во Пелистер а Раул веќе седнат со тефтер, со пенкало, со весник. Во прв момент ми беше непријатно да почнам да објаснувам глаголи среде ресторан, немав ни книги со мене, а замислете Раул беше првиот човек што научи да чита кирилица уште на првиот час. Тоа беше неверојатно. Раул не беше толку флуент на англиски колку што беше на македонски.
Како Раул успеа да го завладее македонскиот јазик?
„Самиот имаше развиено некој фонетски систем на бележење на гласовите, со знаци, знаци кои не постојат, ама тој сам ги имаше измислено и развиено како комбинација од повеќе јазици коишто ги учел претходно. Јас бев убедена дека Раул има некое филолошко образование. Дојдов дома и на моите им кажувам јас вакво нешто не сум видела. Му ја кажав азбуката како се изговара, ја забележи еднаш, не ме праша по вторпат, сега ѕ, ч, ќ, ѓ, се нормално поспецфични па барав да му ги најдам со соодветни зборови каде што приближно имаат ист глас во шпанскиот јазик, тој си запиша по еден пример збор каде што е најблиску гласот и вика: ’Епа добро, не е толку тешко, што зборат сите ова тешко кирилица, не е тешко’. Бев фрапирана. Викам добро, еве го весникот, ајде отвори го и читај. Раул го отвора весникот и чита! Не разбира што значи, меѓутоа гласовите ги произведува толку добро што ти можеш да препознаеш што ти кажува. Се фрапирав и ми вика: ’Добро. Друго?’. Викам јас не подготвив книги за средбава, добро вика еве како е глаголот ’сум’ во македонски јазик да ми го кажеш. Му го кажувам и веќе почнува да ги составува првите реченици: ’Јас сум тој и тој, ти си таа и таа, тие се, ние сме, вие сте’... Вика добро, утре можеш исто во 5? Секако, можам. И пресреќен Раул, заврши првиот час, утредента исто.
Часовите ги одржувавме на почеток на јавни места зошто ’Русија’ (хотелот) не беше уште изготвена. Следниот ден јас спремна со книги, со вежби, со материјали... Раул ја помина првата книга многу брзо, меѓутоа дојдоа некои клучни утакмици во Лига на шампиони, Вардар требаше да се спрема, па го снема.
Како на почеток ги водеше тајм-аутите, на шпански или?
„Па тој знае нешто малку англиски кој самиот го вика ’тарзан-инглиш’, колку да се разбере. Генерално тимот беше интернационален не дека нема да се разберат така што на почеток ги водеше на англиски. Имаше после некоја пауза, не се видовме неколку месеци и јас помислив толку беше, си викам зафатен е човекот. На телевизија, прес-конференции, натпревар по натпревар многу забрзано темпо. После месец и пол дена часови го снема воопшто. Но подоцна кога можеше да искористи слободен период секој ден ми се јавуваше: “Сега сто правис, сега слободна си. Да не ти сметам“? Ми се јавуваше секој ден за да учиме. Обично по крајот од сезоната имаа пауза до јули, а јуни им беше цел слободен. Секој ден одев во ’Русија’, среде лето вежбавме глаголи по високи температури.
Веќе од септември сфати дека мора да збори македонски. И тогаш темпото беше што да кажам, плус од летниот одмор малку подзаборавил, и кога ќе почуствуваше дека заборава, тој уште повеќе сакаше да учи. Од септември имавме прилично многу часови. Некогаш секој ден. Па некогаш кога патуваа, буквално трга за Чешка или за Данска, Раул со куферите седнат во хол на ’Русија’ и повторуваме. Максимално посветен.
За што беше најзаинтересиран на часовите?
„Секогаш викаше: ’Немој да ме прашуваш ново кога ќе ми предаваш’, туку дај ми еден ден да го поминам, да го научам и утре ќе видиш ќе го знам. Како ќе ги научиш? Епа вака, на траката за трчање ќе си ја ставам тетратката и си ги повторувам глаголите: ’Јас одам, ти одиш, тој оди’... Јас сакав се да оди со ред зошто знаев дека ќе дојде до дупка кога нема да може да ги поврзе сите работи во синтакса. Првин ме слушаше, па еден период водеше инает тогаш кога запна да води прес на македонски, не можев да го убедам па се фокусиравме на спортска терминологија, на тоа како да одржи тајм-аут, како да презентира едно видео, па колку видеа изгледавме заедно. Тогаш имавме комични ситуации кога викаше: ’Овој ќе оди тука а овој ќе оди тука, па го корегирав не овој ќе оди таму’. Вика они ќе ме разберат, битно е јас да го кажам.
За првите прес-конференции на „Ел Команданте“ на македонски.
„Еднаш дојде и вика во четврток морам да зборам. Станавме толку блиски што си дозволив да го прашам: ’Раул, што ти е, вторник сме денес, каков четврток’? И дојде четврток и тој почнува: ’Сега ќе играме со Чеховски Медведи, натпреварот ќе биде тежок....’ Му објаснував малку да го успори темпото на зборување зошто зборуваше со шпански акцент којшто динамичен акцент и има различен тоналитет на зборување. Викам подобро застани, смисли го тоа што сакаш да го кажеш, избери ги наједноставните зборови, не се плеткај многу, зошто после доаѓаат глаголски времиња, конструкции, се, сконцентрирај се, а тој вели: ’Ама ти не знаеш колку е тешко кога блицови штракаат во тебе’. Знам, те слушав на последниот прес, но ти можеш многу подобро од тоа. Јас и ти зборуваме на час многу подобро од тоа. Но вика, таму треба да пазиш што ќе кажеш зошто новинарите можеби ќе го извртат тоа што си го кажал, да не те разберат погрешно и јас еден збор да утнам тоа може да биде скандал. Раул беше апсолутно претпазлив од таа страна.
Делува дека е професионален до максимум и никогаш не открива детали од соблекувална?
„Со Раул нема да дознаеш тоа. Иако новинарите сакаат да дознаат повеќе работи од внатре и односите меѓу играчите, Раул е сто проценти професионален. Многу пати се обидов да го буцнам да каже нешто, како на пример за Македа, или да каже за Червар нешто и за Металург, нема шанси, ни пред мене. Професионален до крај.
Каков е Раул настрана од ракометот?
„Сме зборувале на различни теми. Со него ги имам водено најдлабоките разговори во животот. Неверојатно е широк, сестран, и знае многу работи надвор од спортот. Честопати сме правеле муабети за политичка состојба во државата, генерално, меѓутоа за нешто од соблекувалната никогаш не зборува. Сто десет проценти професионален. Еднаш раскажа дека кога доаѓа дома после тренинзите, сопругата Ана го тера да излезат некаде, да одат во шопинг а тој вика ’Ништо не сакам да правам. Сакам само да пуштам телевизор, вака да легнам и да гледам ракомет. Раул неретко е во сала од 8 до 20 часот навечер. Некогаш имавме часови од 20 до 21 или од 21 до 22. Тоа се по 12-13 часа во ’Русија’. Некако се му беше таму. По извесно време и ќерките почнаа да му тренираат ракомет, жена му одеше на фитнес таму. Постарата ќерка на Раул многу се интересира за ракомет, најверојатно се здружи со овој спорт. Тој инсистираше сите деца да се занимаваат со спорт. Најчесто ме прашуваше: ’А ти што сакаш, децата да бидат здрав или паметни?“ Вика јас сакам да ми бидат здрави и да созреат на еден друг начин, преку социјализација во група, школо што ми е важно колку видови почва има? Важно ми е? Дојди утре си го заборавил. Спортот образува така како што ниту едно школо не може.
Во слободно време Раул го водеше младинскиот тим каде беше ќерка му. Беше горд на нивните успеси. Беа на некоја турнеја во Србија каде победија повозрасна категорија девојчиња од 16 години и Раул беше пресреќен. Често им дава совети на тренерите од клубот. Не му пречеше да застане во ходник со Индира, па и со сегашниот тренер Ирина Дибирова. Па го прашуваат за совет, а тој им дава пар-екселанс мислења.
Луѓето го знаат како неверојатен стратег. На Европското имаше и моменти кога на тајм-аут во цајтнот, времето истекува, тој се вртеше кај Кире (Лазаров) и се обраќаше на шпански.
„Тој е многу голем тактичар. Неверојатно е интелегентен. Раул е човек кој секогаш се дообразува во однос на ракометот. Ги следи сите трендови, оди на конференции. Скоро му преведував некој текст од англиски, чита магистерски тези за ракомет, одеше минатото лето во Португалија. Каде и да е, и дома во Ваљадолид (родниот град) да е, зема авион, оди во Порто, во Лисабон или во Париз, Истанбул, каде има семинар или конференција за ракомет. Не е човек што препушта на случајот во стилот: ’Ајде, што ќе ми е, јас сум тренер’. Не. Кај Раул нема такво нешто. Генерално за ништо друго не е заинтересиран освен за ракомет. Дури и кога ќе дошла тема музика, викаше: ’Ја не слушам музика’. Викам кажи ми нешто со глаголот ми се допаѓа, а тој одговара: „Ми се допаѓа ракомет“.
Сега има три ипол месеци како не сме имале час, тој веќе почнува да го подзаборава зошто се фокусира на тоа што ќе дојде во иднина, а знаеме што за жал ќе дојде во иднина. Пред некој ден ми пиша, му честитав роденден, вика од кога не сме се виделе, да поминат гужвите со Европското па да те викнам да те почестам за роденден. Последен пат се видовме да почасти за титулата и бевме на вечера. Викаше „Ај да збориме на македонски“. Кога ќе запнеше некаде продолжувавме на шпански.
Какви беа на часовите Македа, Душебаеев?
„Македа доаѓаше на првите неколку часа, но подоцна се откажа. Душебаев со оглед на корените, одлично зборува и разбира македонски. Јас обично за него викам дека знае некој словенски есперанто. Раул едно време се жалеше дека не ги разбира Србите и Хрватите на тренинг и натпревар. Нему не му беа проблем играчите. Нему не му беше јасно како е можно да имаме спортски кадар, вработени луѓе во клубот кои живеат овде десетина и дваесет години можеби, и не знаат да зборуваат македонски. Раул беше поголем македонист од сите македонисти на факултет заедно. Вика: “Не разбирам како некој живее и работи петнаесет години во Скопје и не знае да зборува македонски“. Тој препознаваше кога некој зборува македонски, српски, хрватски. Еднаш се жалеше дека не ги разбирал од Струмица. Тие вика, на Југ кога одиме, Струмица ли беше, Кавадарци, леле вика абе што зборат тие така брзо ништо не ги разбирам. Едно време му ја пренесов онаа скопска дијалектика, па после почна да ’се филма’ со некои фрази од типот: „ми се свиѓа“, „кај ќе идеш“ и слично. Се случуваше да му се допадне едно нешто и постојано да го користи цела недела.
И Дејвис (помошникот тренер во РК Вардар) учеше македонски, се појавуваше во јавност, и иако се трудеше, вие мора да ги сослушате на некое неформално интервју кога ги прашуваат за падел, и двајцата многу играат падел што е многу популарна игра во Шпанија. Зборува Дејвид Дејвис и зборува Раул. Дејвид Дејвис научил пет-шест фрази кои постојано ги употребува. Ти го слушаш и се прашуваш што сакаше да каже? Не го разбирам. Тоа е напамет учење, без изјаснување на мислата, тоа е папагалско учење. Ти ги вртиш зборовите што ги знаеш без разлика што те прашуваат. Јас на Раул му викав, внимавај, сослушај го човекот што те прашува. Не ти веднаш да покажеш дека знаеш да збориш. И многу пати го гледав на прес кога застанува и сочекува. Во втората година од предавањата и часовите, дојде до некое ниво меѓу Б11 и Б12. Некогаш кога му укажував дека јазикот не е само спортска терминологија реагираше: „Ама јас не можам, има тука многу глаголи“, на што му одгоаварав дека некогаш ќе треба да влезе во продавница, на пример на сопругата Ана да ѝ купи штикли, а тој: ’Ана сама купува.’ После имаше имплентација за воведување спорт преку Владата, па го викаа на семинари и конференции и Раул веќе сфати дека јазикот не застанува до Б1.
Има ли нешто што не успеа да научи добро?
„Во еден период учевме минато-определено свршено време и после беше интересно на прес-конференција кога го гледав како се труди да уфрли глаголи во минато време. Иако вежбавме во тоа време, минато-определено никогаш не научи заради самиот концепт на немање исто време во шпанскиот јазик. Се отрув од објаснување, едно шест месеци го објаснував, но не одеше и сега гледам дека го избегнува зошто е климаво. Беше тоа многу симпатично кога учевме нешто, па на прес јас одев со тефтерчето и му ги бележев грешките и кога пак седнувавме, зборувавме за тоа. Се случуваше и да зборуваме за тринаесетта тема, нешто сосема друго, како на пример кога беа земјотресите во Скопје, жена му беше преплашена, пребледена, а додека бележев во тефтерчето кога тој зборуваше, ме гледаше колку грешки сум забележала. Шегата на страна, таа есен кога удри силниот земјотрес, ми се јавија на телефон дека излегле пред зграда со останатите соседи, беше страшно за сите.
Сега во Париз го очекуваат часови по француски?
„Знае нешто. Знае малку француски а тој е близок јазик до шпанскиот. Има учено и германски, така што не би требало да има проблем.
Како реши да ја води репрезентацијата покрај обврските во клубот?
„Искрено да ви кажам ретко зборува за такви работи. Раул имаше понуди од други репрезентации, но се реши да прифати да ја води селекцијата на Македонија. На некој начин е затворен по тоа прашање, јас го викам германски Шпанец. Весел е, комуникативен, но и е воздржан. Нема типичен шпански физикус. Жена му е погласна, побучна, но тој е повоздржан но тоа не значи дека не си го доживува во себе така бурно и емотивно. Ние кога го гледаме така „мртов-ладен“ и не се треска од земја како на пример друг тип на тренери како Вујовиќ, но Раул сам си знае. Кажуваше кога и колку е под стрес иако воопшто не изгледаше така. Дури и сезонава која што е одлична, а кога не се одеше по насока како лани, тој беше под голем притисок. Прашање е ако Вардар сезонава не ја одбрани титулата, кога следен пат ќе може да направи таков успех. Сме имале среќа што таков човек прифати да дојде тука. Многу пати сме зборувале како се решил да дојде. Тој беше помошник на Талант Душебаев и кога ја добил поканата, немал што да изгуби. Се решил да ризикува, зошто да не пробаме, па Боже мој, ако не оди оди, не го сфаќам драматично зошто Шпанија ми е на три часа од дома. Ако не од Скопје, од Софија има лет. Клучниот момент кај него е што фамилијата брзо му се адаптираше. Им се допадна целиот живот овде а и тоа шпанско јас го викам ’гето’ кое тука се создаде, многу значеше. Кога веќе има тројца сè е веќе поинаку.
Во интервју за нашиот портал Раул изјави дека неговите најблиски не сакаат да ја напуштат Македонија и дека ја засакале земјава.
„Многу им се допаѓа Скопје и Македонија со тешко срце ќе ја напуштат. Мислам дека и жената и децата не сакаат да си одат, но сепак Париз е Париз, нели, мора да се следи кариерата на едно поинакво ниво. Често кажуваше дека многу му се допаѓа што има многу сонце, луѓето седат надвор по кафулиња, и како да е во Шпанија. Ниту еднаш не се почуствувал дека му е криво или дека го фаќа носталгија. Не. Многу пати им доаѓаат пријатели кои ги шетаат. Раул зборуваше и дека пријателите кои им доаѓале не верувале дека е толку убаво и прашувале дали има патишта? А кога дојдоа, не можеле да поверуваат колку е убаво. Семејството Гонзалес живее во преубав дел на Водно, познати се, популарни насекаде каде и да одат, но тоа не ги прави поинакви од што се. Верувам дека ќе им недостасува Македонија колку што и нам ќе ни недостасуваат.