Интервју за Офф.нет

Раул Гонзалес: Ќерка ми не сака да си одиме од овде

Не знае кладилница, не знае да предвидува резултати, не знае што ќе биде со Каталонија... Ама затоа има една карактеристика која овде е дефицитарна: многу добро да го знае она што му е работа. А дома има проблеми како ќе се оди од Македонија.

Кога поранешното крило на шпанската ракометна репрезентација пред безмалку четири години за прв пат се појави во салата „Јане Сандански“ во Скопје, тоа го направи тивко, речиси нечујно.
 
Во багажот што со себе го донесе Раул Гонзалес (47), имаше од сè по нешто: ракометар на клубот Валјадолид каде што е и роден, одиграни 57 меча и дадени 55 голови за шпанската репрезентација, бронзен медал од олимпијадата во Атланта, десетгодишно искуство како помошник тренер на Талант Душебаев во Атлетико Мадрид... Денес тој куфер е малку потежок, но и поскапоцен. Во него се и една европска клупска титула, како и признанијата за најдобар тренер во Сеха и Лигата на шампионите.

Иако е извесно дека приказната со Вардар за скромниот „ел команданте“ е веќе завршена, допрва почнува онаа другата - за македонската машка ракометна репрезентација,- која трпеливо чека да биде напишана.

РАЗГОВАРА И ПИШУВА: НОНЕ АБРАШЕВА НОЦИЌ

 
Одлично зборувате македонски. Почнавте ли да учите француски?
 
Да, да. Францускиот е многу сличен со шпанскиот и не ми паѓа тешко. Нешто како македонскиот и српскиот, македонскиот и бугарскиот. Нема да треба да учам многу. Кога пред четири години дојдов во Македонија и почнав да го учам јазикот, ми беше многу тешко. Комплетно непознати зборови, но го совладав полека, збор по збор. Вие викате одлично зборувам, јас мислам катастрофа. Ајде, ќе ви верувам. Надвор од Скопје не разбирам ништо. Не ги разбирам дијалектите.
 
Зошто решивте да го напуштите Вардар и да заминете во Париз Сен Жермен?
 
Договор, тоа е договор. Таква е нашата професија. Имав понуди и од други екипи, но се одлучив за оваа. Решив да одам затоа што тоа ми е нова шанса за докажување, во малку поинаква средина.
 
Можете ли да предвидите во која насока ќе се движи Вардар во наредниот период? Може ли да се повтори успехот од минатата сезона?
 
Да, како да не. Јас ќе продолжам да ги учам играчите, тоа се врвни спортисти. Мислам дека најдобрите играчи во светот се нашите. Секогаш Вардар ќе биде на врвот, затоа што Вардар има школа и реноме кое се наследува. Мислам дека имаме шанси за уште една успешна сезона.
 
Ќе останете да бидете тренер на репрезентацијата уште 3 години. Има ли нашиот национален тим слаби точки и кои?
 
Да, ќе останам до крајот на договорот, до 2020 година. Имам многу квалитетни македонски играчи и ќе имам многу работа.

Какви се шансите на репрезентацијата за Европско првенство?
 
Никогаш не размислувам така. Тоа е ваша, новинарска работа. Вие мерете ги шансите, предвидувавајте ги можностите. Јас гледам далеку само до првиот нареден натпревар. Треба да се обидеме да ја поминеме првата група и тогаш ќе имаме шанси за добар резултат.
 
Имате ли зацртани цели со репрезентацијата до крајот на Вашиот мандат како селектор?
 
Крајот на мојот договор се поклопува со квалификациите за олимпијадата. Сакам да ја видам Македонија во Токио! Никогаш екипа од Македонија не била на олимпијада и ова ќе биде добра шанса. Ќе одам полека затоа што оваа цел, е многу далеку. Фокусот треба да биде на Европско првенство, а ако имаме добар резултат ќе играме и квалификации за олимпијада.
 
Се добива впечаток дека играчите Ве сакаат и Ве почитуваат. Можете ли да претпоставите зошто?
 
Мене ме гледаат само како еден играч повеќе. Јас сум дел од нив. Можеби некој мисли дека ако се постави строго и ако отвори војна со играчите ќе добие авторитет. Јас не мислам така. Има почит и од двете страни и некои линии не се поминуваат.
 
Често кажувате дека ви треба полна сала пред некој важен натпревар дома. Каква е улогата на навивачите во однос на успехот на некој клуб или на репрезентација?
 
Никој не сака да игра против Вардар и против Македонија дома во Скопје. Тоа го знам со сигурност. Клубовите се плашат да дојдат овде, затоа што се знае дека сигурно ќе поминат полошо од очекувањата. Не сум видел до сега вакви навивачи!

Кои карактеристики треба да ги има еден добар ракометар?
 
Треба да има три работи: мозок, срце, и јајца! Не може да ги имаш првите две зошто ќе ти фали храброст и карактер. Ако имаш карактер, а немаш мозок нема да слушаш ништо и ќе бидеш глуп. Морални се сите три работи.
 
Треба ли ракометарите да бидат високи , крупни, корпулентни, затоа што има многу тепање, влечење, буткање на натпреварите?
 
Ракомет може да игра секој. И висок и низок и дебел и слаб. Тоа зависи од позицијата во која ќе се најдеш. Малку има интензитет, тоа е точно. Уствари има тепање, да. Ама во суштина ракометот е многу убав спорт. Често пати е борба, војна. Затоа е и убав.
 
Бевте и играч и тренер. Што е потешко да се игра или да се научи некој како да игра?
 
Нема споредба. Кога си играч имаш само еден проблем. Ти. Кога си тренер имаш 20 играчи, дваест посебни проблеми. После имаш еден куп новинари, кои се проблем. Имаш раководство на клуб, имаш публика, јавност... Многу проблеми. Поголема одговорност, поголеми проблеми.
 
Кој е според вас најдобар играч на светот во моментов?
 
Јас мислам дека така генерално не може да се каже. Ракометот не е исто што и фудбалот. Има одбрана, има напад. Има играчи на различни позиции. За една екипа е најважно да има добар голман и добра одбрана. Сите мислат дека е клучен нападот, но не е така!

Како Ви се допаѓа животот во Македонија? Има ли сличности со оној во Шпанија?
 
Јас сум овде како дома. Најважно од сè е што има сонце, има високи температури, можеш да се шеташ, со сите да зборуваш без да ги познаваш. Луѓето се насмеани, пијат кока кола и кафе, и пушат. Сите викаат „сè е катастрофа“. Има море на два часа патување. Темпераментот е ист.
 
Како ги доживеавте случувањата во Шпанија неодамна?
 
Тешко, тешко. Мислам дека работите не се едноставни. Некој сака да оди надвор, некој не сака. Не гледам како може да се реши ова. Ако Каталонија се прогласи за независна, многу луѓе ќе останат без работа. Не можеш да си играш со животот на сите. Многу фирми, големи компании и корпорации, ги откажуваат своите милионски инвестиции по настаните што се случија. Нема сигурност. А големите инвеститори бараат безбеден пазар и сигурен профит.
 
Си одите ли често дома?
 
Јас не. Немам време. Многу се чудат кога ќе кажам вака, ама ќе ви кажам зошто. Имам одмор најмногу три дена. И не сакам да ги поминам во патување. За да стигнам во Валјадолид треба да се качам на авион од Скопје до Истанбул. Па, од Истанбул да одам за Мадрид, па од Мадрид имам уште три часа до дома. Нема логика. Дури и сега кога ќе имам подолг одмор нема да одам никаде. Ќе останам овде со играчите.
 
Кого имате во Шпанија? Доаѓаат ли тие во Скопје?
 
Имам родители и брат. Доаѓаат секое лето и многу им се допаѓа.
 
Ви се допаѓа ли македонската кујна? Што најмногу сакате да јадете?
 
Да, ми се допаѓа. Има месо, има салата, има вино, има пиво. Многу сакам да пијам македонско бело вино, затоа што во Шпанија има само црно. Што ми треба повеќе?

Како Ви се прилагоди семејството тука? Ќе им биде ли тешко на девојчињата кога ќе заминете?
 
Уф, сите уживаат овде. Мојата постара ќерка Ана има 15 години и игра ракомет за Вардар. Во клубот и се сите другарки, се дружат и излегуваат. Помалата Сузана има 10 години и тренира хип-хоп. Минатата недела освои златен медал на некој интернационален натпревар во Србија. И двете зборуваат македонски и учат во гимназијата „Нова“. Ана прави повеќе проблеми, не сака да оди во Шпанија, не сака да оди во Франција, сака да остане во Скопје. Ама, животот е таков, таа знае дека ќе мора да оди.
 
Ќе тргне ли Ана по Вашите стапки, ќе продолжи ли професионално да се бави со ракомет?
 
Не мора професионално. Ќе продолжи со спортот сигурно, затоа што спортот е култура! Таа е во чувствителни години, но спортот учи на ред и дисциплина во животот. Тој е начин на живот. Подалеку од пороците.
 
Работи ли Вашата сопруга?
 
Во Шпанија работеше. Но, овде заклучивме дека некој треба да се грижи за домот и за децата, затоа што јас многу често не сум со нив. Некој треба да ги превземе тие обврски.
 
Играте ли спортска прогноза?
 
Не, не не.
 
Зошто? Кај нас сите обложувалници се константно полни. Тоа е некаков национален спорт.
 
Во Шпанија нема вакво нешто. Јас прв пат видов овде дека типувањето е толку популарно. Не знам ни како функционира тоа, едноставно не ме интересира. Ние во Шпанија имаме само национална лотарија.

Да ми кажевте дека играте, ќе Ве прашав дали би се кладеле на Вардар?
 
Јас на било каква игра не би се кладел. Никогаш. Поготово од оваа позиција кога си тренер или селектор. Не е етички.
 
Какви други интереси имате освен спортот? Што Ве опушта?
 
Многу лесно се опуштам. Кога немам работа сакам да си лежам, да не правам ништо. На пример жена ми Ана сака да патува. Јас не. Од патувања ми е преку глава. Кога сум дома не сакам ништо, ни телевизија, ни книга, ни музика, ништо.
 
Не слушате музика?
 
Не. Никаква. Ни македонска ни шпанска, ни никаква.
 
А, „Деспасито“ ја знаете?
 
Сите ја знаат, ама сите не ја сакаат.
 
Ви пречи ли популарноста? Ве застануваат ли луѓето на улица ако ве препознаат?
 
Да, ме застануваат. Јас не мислам дека сум популарен. Не сум некоја супер ѕвезда. Само си ја работам мојата работа. Сите сакаат да се сликаат со мене и на натпреварите и на улица. Вие ако ме сликате немојте од многу блиску. Не сакам да ми се познаваат грижите.
2 декември 2017 - 20:13