РТВ ревија, август 1981, Драшко Аќимовиќ.
Алфонс Боби Фарел, танчар, рецитатор и пејач на популарната диско-група „Бони-М" стана наш зет, земајќи ја за жена 18-годишната Јасмина Шабан од Скопје. Над 20.000 Скопјани ги поздравија младенците.
За само два месеци, доживеавме две „свадби на деценијата". Скопјаните велат дека свадбата на Боби Фарел и нивната сограѓанка Јасмина Шабан ќе ја надмине сензационалната церемонија која ни ја приредија лејди Дајана и принцот Чарлс.
Појдовме на лице место да се увериме во вистинитоста на тие тврдења.
Четири години траеше идилата помеѓу Алфонс Боби Фарел и 18-годишната Јасмина Шабан. Не помогнале залудните кукања на нејзините родители да се врати дома во Виена, каде живеат југо-гастарбајтерите, мајката Мизакет и таткото Невзат.
Додека Боби жареше и палеше низ Европа со групата „Бони М", Јасмина стрпливо го чекаше во неговата раскошна вила со 13 соби, која се наоѓа триесетина километри од Хановер. И така сè до први август, кога е закажана свадбата во скопскиот хотел Континентал.
Сите го очекуваа доаѓањето на црнкињите од групата Бони М, но атрактивното трио не се појави. Боби рече дека девојките се зафатени со купување на некоја куќа на Флорида. Изостанаа и нивните скапи подароци, кои заинтригираа многумина.
Циниците велат дека тој е само марионета во групата, и дека тоа е главната причина за нивното недоаѓање. Како и да е, во Скопје оваа свадба беше „хит на летото".
Неколку денови пред свадбата Боби со братот пристигна во Скопје. Веднаш покажа дека не сака контакти со новинари и фото-репортери. Беше намрштен и нервозен. Малку препотентно, рече дека „веќе доволно фото-репортери намлатиле милиони на негови фотки".
И Јасмина не сакаше многу да се слика, иако пред еден месец двајцата се смешкаа пред фото-апаратите и нашироко го рекламираа нивното венчавање. Чичкото на Јасмина, Сали, ја водеше прославата. Заедно со родителите се трудеа да ги кријат младенците од големиот број љубопитни.
Свадбата почна во 16.00 часот.
Кога Боби во големата црна „волга" дојде по младата, пред нејзината куќа веќе имаше над 200 Роми. Воодушевено го поздравуваа Боби а паднаа и првите солзи, од страна на неговите бројни обожавателки.
Колоната автомобили пристигна пред зградата на матичарот, каде веќе беа собрани 8000 посматрачи. Кордонот милиција едвај одржуваше ред.
Салата на матично личеше на сауна. Сите се бањаа во пот. Младенците ги изнервира звукот на апаратите и вревата меѓу присутните. Во еден момент Јасмина заплака, а Боби викна на сет глас: „Доста, доста, доста..."
Потоа станаа и ја напуштија просторијата пред завршениот чин.
После половина час пауза регистрацијата е сепак направена. Во придружба на сообраќајната милиција, свадбената поворка пристигна пред хотелот „Континентал", каде дури 12.000 луѓе со аплауз ги дочека новите брачни другари.
Повторно настана хаос.
На многумина не им успеа да допрат до салата за банкет. Влегоа само оние со пропусници, а милицијата ја чуваше влезната врата. Но голем број известувачи и новинари не можеа да дојдат до салата за венчавање. Мајката Мизакет дежураше на вратата заедно со милицијата.
Веројатно се уплаши претставниците на „седмата сила" да не изедат многу од менито коешто чинеше 330 динари и да не испијат пијалоци кои вешто економизирајќи ги купија по продажна цена.
По интервенција на некои скопски функционери, новинарите се пуштени но само до фоајето пред салата. Не се послужени ни со чаша вода, а изостана и традиционалното парче торта.
Младенците повторно рано го напуштија славјето, се вратија пак околу 23:30, малку поседоа, а потоа ги оставија гостите и се повлекоа во хотелскиот апартман.
Иако имаше „чочек" за Боби, тој не сакаше да го покаже на присутните своето играчко умеење, иако тоа го вети. И Јасмина не заигра. Младенците беа премногу мирни, а Јасмина ниту еднаш не го симна фереџето.
Изостанаа и голем број најавени атракции. Немаше ТВ екипи од Германија и Англија. Дури ни телевизија Скопје не го снимаше овој голем настан за којшто се зборуваше со денови. Се откажаа откако семејството Шабан побара 30 стари милиони како „надомест за сликање".
Единствено Вардар-филм ја сними церемонијата.
Се раскажуваше дека венчаницата на Јасмина ќе биде од платно купено во Индија, дека ќе биде од оригинални златни нишки, дека само материјалот чинел 2,000 германски марки.
Но венчаницата делуваше скромно, какви што има во секоја улична продавница. Свадбата чинеше 14 стари милиони, иако се спомнувани цифри од над стотина милиони.
Околу 360 гости прилично мирно ја мина свадбената веслба. Ромите не ја покажаа сета онаа своја атрактивност и темперамент. Не се лумпуваше многу ниту пак се пееше на глас.
Хотелските гости мирно спиеја. Персоналот вели дека никогаш немало помирна свадба во овој објект. Додаваат дека не се скршени ни десетина чаши.
Милиционерите употребиле и пендреци кога некои момчиња по секоја цена сакале да влезат во салата.
Околу четири наутро гостите се разотидоа, иако веселбата беше планирано да трае до седум. Така се заврши оваа скопска „свадба на деценијата", која не ги задоволи оние кои очекуваа дополнителни сензации.
- Ќе живееме на Јамајка, на островот Аруба каде што имам куќа. Не сакам ништо повеќе да кажам. Што има некого да го интересира мојот приватен живот? - изјави Боби кој беше многу скржав на зборови.
- Не знам зошто сите толку полудеа? - рече Јасмина која сето време беше прилично нерасположена. - Нашиот брак е наша работа.
- Можам само да додадам дека ќе запишам школа за модна креаторка, затоа што веќе имам завршено кројачки курс. Имаме намера да отвориме бутик во Париз. И јас сакам да работам. Не сакам да бидам класична домаќинка.