Зетот на Трамп си купи видео игри, топтан со компанијата

Џаред Кушнер како дете пораснал со компјутерските игрици на гејмерското студио Електроник Артс. Зетот на Трамп сега е „пресреќен“ што за рекордна сума од 55 милијарди долари може да го купи производителот на ФИФА, Симс и Бетлфилд. Здружен е со саудискиот престолонаследник, кој си игра со инвестирање на кајмакот од нафтата во индустрии што ќе му носат уште повеќе пари.

Фирмата за приватен капитал „Афинити Партнерс“ на Џаред Кушнер е во меѓународниот конзорциум што го купува калифорниското студио за видео-игри Electronic Arts (ЕА), заедно со Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (ПИФ) и американската фирма „Силвер Лејк“.

Ова е најголемата инвестиција во која е вклучен „Афинити партнерс“ основан во Мајами пред само четири години. Кушнер, кој е во брак со Иванка Трамп од 2009 година, му беше советник на Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат во Белата куќа.

Се восхитував на нивната способност да создаваат трајни искуства. Како некој што израснал играјќи ги нивните игри, а сега ужива во нив со своите деца, не би можел да бидам повеќе возбуден за она што нè очекува, изјави Кушнер.

EA ги потпишува најпопуларните франшизи за видео игри во светот, вклучувајќи ги ФИФА, (сега позната како EA Sports FC), пукачката Battlefield и симулацијата The Sims. Во САД е најпозната нејзината спортска симулација Madden NFL.

Договорот поставува историско најголемо преземање на компанија поттикнато од долгови. ПИФ дава 36 милијарди долари во готово, а другите 20 милијарди се долг финансиран од JPMorgan. На акционерите ќе им бидат исплатени по 210 долари за акција во кеш, што е премија од 25%, бидејќи акциите вредеа 168 долари пред да биде објавена зделката.  

Додека за Кушнер зделката можеби е исполнување на детската мечта, за саудискиот фонд од 1.000 милијарди долари оваа инвестиција е можност да создаде глобална база за видео-игри и спорт, во рамките на стратегијата за проширување на сферата на инвестиции. 

ПИФ претходно купи удел во производителот на конзоли „Нинтендо“. Престолонаследникот Мохамед бин Салман, кој практично управува со фондот, наводно исто така е голем љубител на видео игри.

30 септември 2025 - 12:34