Кинески лепак за коски санира фрактури за три минути

Научници во Кина развија хируршки лепак кој овозможува речиси инстантно лекување на фрактури кои со традиционалните третмани заздравуваат со месеци. Откако ќе ја изврши функцијата лепакот се разградува во телото. Се избегнуваат сложени операции на вградување метални шипки, кои може да бидат отфрлени од телото или треба да бидат отстранети со нова операција.

Хируршкиот лепак Bone-02 бил успешно тестиран на 150 пациенти со скршеници, тврди истражувачкиот тим од Медицинскиот факултет на Универзитетот Жеџијанг. Три месеци по употреба кај пациент со скршен зглоб снимките покажале дека фрактурата целосно заздравела без компликации. 

Конвенционалниот третман на фрактури бара фиксирање на коските со метал, што го отежнува прецизното усогласување на малите коскени фрагменти и одзема многу време. Во тој процес често пати се губат фрагменти што ја намалува коскената маса и има негативно влијание врз квалитетот на животот на пациентите, објаснува професорот Пан Сјунву, ортопедски специјалист и водач на истражувањето.

Во долгогодишните обиди да се создаде материјал за лепење коски, научниците не успеаја да надминат два клучни технички предизвици: биолошка безбедност и јачина на лепење во влажни средини.

Професорот Пан го почнал своето истражување во 2016 година, црпејќи инспирација од способноста на остригите цврсто да се закачат на подводните површини во океанот. Неговиот тим извршил стотици разни тестирања врз лабораториски животни за да се надмине предизвикот на биокомпатибилност и да се овозможи хируршка практичност. По десетици менувања на формулата, Bone-02 покажал моментални и силни ефекти во влажни средини, дури и во крвоток. Залепените коски покажале цврстина на затегнување од 180 килограми, што го докажува потенцијалот на лепакот да ги замени металните уреди за фиксација. 

Лепакот се внесува со инејкција. Главната предност му е итното дејство. Може за само две-три минути прецизно да фиксира коскени фрагменти дури и во високо васкуларизирани хируршки средини. Направен е од биоразградлив материјал и како што коската заздравува, природно се апсорбира по приближно шест месеци. Со тоа се елиминира потребата од секундарни операции типични за  конвенционалните третмани.

Истражувачите додаваат дека употребата на Bone-02 ги елиминираат можните реакции на метални туѓи тела и ризиците од инфекција, го скратуваат времето за оперирање и ги минимизираат можните интраоперативни оштетувања.

Овој материјал е погоден за лекување на фрактури од сите големини и делови од телото, особено на мали фрагменти од коски кои тешко се поправаат со конвенционални алатки. Поради брзата леплива јачина и леснотијата за употреба, се очекува да се користи за итен третман на фрактури во посебни ситуации како што се војна или природни катастрофи, објаснува Лин Сјанпенг, учесник во истражувањето.

30 септември 2025 - 14:14