ЕУ ја спакува и амбалажата во бирократија

Економистите, бизнисмените и стопанските комори со години попусто се жалат дека Брисел и Берлин со секоја нова директива уште повеќе ја гушат економијата. Есенската сезона на реформи носи нови апсурдни закони што ги излудуваат фирмите, како воведувањето „комесар за амбалажа“ и обврската за овластени претставници во сите 27 членки на ЕУ.

Новата европска „Директива за зајакнување на потрошувачите“ им помага на купувачите да не бидат доведени во заблуда поради лажно претставување на еколошкото потекло на производите. Но, Никол Груневалд, претседателка на Индустриската и трговска комора во Келн, предупредува дека „нереалните детали“ во регулативата го претвораат проектот на ЕУ во „убиец на приходите“ за малите и средните претпријатија, пред се поради обврската за приложување докази, дури и за амбалажата.

Секој што користи сопствена амбалажа со лого, законски се смета за „производител“ и мора да обезбеди техничка документација со која се докажува дека се исполнети барањата во однос на ограничувањата за одредени супстанции, можноста за рециклирање и означувањето, во согласност со прописите. Ова важи дури и за локалните пекарници ако користат кеси за леб на кои е отпечатено нивното сопствено лого, објаснува Груневалд.

На ова се надоврзува и барањето за овластени претставници.

Потребен ви е посебен овластен претставник за секоја земја од ЕУ во која испраќате амбалажа. Тоа значи 26 претставници. За секој од нив е потребна посебна регистрација, документација и, се разбира, трошоци за лиценцирање. И ова барање важи уште од првиот испратен пакет, додава претседателката на стопанската комора.

Овие обврски, како и барањето сите основни информации на амбалажата да бидат на јазикот на земјата во која се врши продажбата, предизвикува одбивност кај многу трговци, поради што малите бизниси се решаваат да не испраќаат стока во други европски земји.

Ако компанија случајно даде неточен одговор на сложените прашалници, се соочува со казни до 200.000 евра, а во најлош случај со целосна забрана на продажба.

Германија не се разликува многу. Уште од времето на канцеларот Хелмут Кол, владите ветуваат намалување на административните пречки за бизнисите. Актуелната коалиција на ЦДУ и СПД го објави принципот „две за едно“, кој предвидува за секој нов усвоен закон да се укинат два стари. Но, најновиот годишен извештај на Националниот совет за регулаторна контрола (NKR) наведува дека од почетокот на мандатот на оваа коалиција, бирократските трошоци се зголемени за приближно 1,3 милијарди евра, првенствено поради обврските за доставување информации од деловните субјекти.

Бројот на параграфи и членови во германското законодавство достигна 93.000 - речиси двојно повеќе отколку во 1990 година. Според Германскиот економски институт, регулативите воведени од сојузната влада создаваат тековни трошоци од 64 милијарди евра на годишно ниво. На ова се надоврзуваат правилата што произлегуваат од законите на сојузните покраини и локалните прописи, како и од регулативите на ЕУ.

******
Види и: ЕУ забранува лажни „зелени“ етикети

6 ноември 2026 - 16:42