Директивата „EmpCo“, која се спроведува од понеделникот, ги опфаќа ознаките за одржливост, информациите за издржливоста и можноста за поправка на производите, како и практики поврзани со предвременото застарување.
Изразите како што се „еко“, „зелено“, „еколошки прифатливо“, „био“, „природно“ или „јаглеродно неутрално“ повеќе не смеат да се користат без објективно и проверливо оправдување.
За прекршителите се предвидени казни кои може да достигнат до 4% од годишниот промет на компаниите.
Обемно истражување на Европска организација на потрошувачи (BEUC) покажа дека 48% од потрошувачите претпочитаат да купуваат производи со еколошки ознаки, а 40% се подготвени да платат повеќе за одржливи алтернативи. Притоа дури две третини од анкетираните луѓе се соочиле со барем еден случај на „гринвошинг“ при купување производ.
Согласно новите правила, компаниите ќе мора да ги заменат општите еколошки пораки со поконкретни информации за карактеристиките на нивните производи. На пример, наместо едноставно да претстават пакување како „одржливо“, би можеле да наведат дека тоа содржи 30% рециклирана пластика. За облека би можеле да наведат дека содржи 50% рециклирани текстилни влакна.
Истиот принцип важи и за производите што се нудат како „јаглеродно неутрални“. Општите изрази како „нулто влијание“ ќе треба да се заменат со информација дека штетните емисии се намалени за одреден процент. Компаниите, исто така, нема да смеат да претстават производ или услуга како „јаглеродно неутрални“ ако тој заклучок произлегува од механизмите за компензација на јаглероден отпечаток, а не од директно и ефикасно намалување.
Засилена ќе биде проверката на симболите што се користат за да се претстави еколошка одржливост – слики на лисја, капки вода, животни или кружни стрелки - кога се користат без квантитативни и објективни информации.
Се прифаќаат само признати сертификати, како EU Ecolabel или EU Biolabel, кои се потврдени преку транспарентни и ригорозни системи.
Компаниите исто така, ќе мора да им дадат повидливи и јасни информации на потрошувачите за издржливоста на производите, векот на траење, можностите за поправка и законските гаранции. Оваа мерка треба да ги намали комерцијалните практики на прикривање информации за предвремените дефекти на хардверот или софтверот, или ситуации во кои потрошувачите се принудени да вршат непотребни замени.
******
Види и: Што значи „greenwashing“ и како стои со модниот свет?