Една од индустриите каде што ова непречено цвета е модата.
Откако светот се свести дека мора нешто да се менува или останавме без планета, модните куќи побрзаа да се вклучат со внимателно бирање материјали, вработени и ресурси, не само големите туку и малите. Некаде на средина се наоѓаат огромните синџири на продавници што уживаме да ги посетуваме: H&M, Примарк и слични што само кажуваат дека станале „зелени“, па некои активисти се обидуваат да го научат светот како тоа да го препознае.
Брендовите за брза мода продаваат парчиња по 5-10 евра и единствениот начин да им успее ова и плус да бидат профитабилни е да работат со екстремно евтини и нискоквалитетни материјали. Ако имате две исти парчиња облека, ама на едното има етикета „еколошки произведено“, во 99% од случаите ќе се фатите за еколошкото. Ова на „фаст фешн“ гигантите им е јасно, па бидејќи не смеат да лажат, се обидуваат да најдат дупки во концептот и во законите за да го наведат купувачот да мисли дека прави нешто корисно.
Според Жустин Леконт, меѓу брендовите што вака се мигољат, е очекувано H&M (со каталози и фотографии од моделите во полиња, па зелени фустани, па залепен зборот „освестени“ преку цела кампања), од каде што донираат пари во фондови за унапредување на работничките услови во Бангладеш.
Но, ако се навлезе подлабоко во ситуацијата, ќе излезе следново: минималната плата во Бангладеш е екстремно ниска - не можеш на пример, да платиш кирија и да храниш семејство со нејзе (познато?). H&M се обврзале дека до 2018 ќе даваат плати што ќе обезбедат основни услови за живот (што е четири пати повеќе од минималната) и еве 2021 сме, ама ситуацијата сѐ уште не е до таму. Бангладеш зависи од извозот на облека и клиентите како H&M, па владата не сака да ги зголеми минималните плати од страв да не не останат компетитивни на пазарот.
Што значи, животот на голем дел од популацијата во Бангладеш зависи од добрата волја на брендови како H&M што нам ни се супер-convenient затоа што имаат гаќи од 2 евра.
Што може да се направи за да се заштитиме (и да заштитиме други) од greenwashing?