Нè уморија сеприсутните реклами

Во дигиталната економија, каде сè е оптимизирано, автоматизирано и внимателно тестиранo, се појавува едно чувствo што многумина го споделуваат во последно време: ништо веќе не делува автентично, затоа што сè околу нас - буквално сосе секој празен простор или рандом човек - станува потенцијална реклама.

Идејата за „ad fatigue“ не е нова, но денес се подразбира. Илјадници маркетинг мејлови ни се трупаат во инбокс и нѐ потсетуваат дека не сме само корисници, туку и бази на податоци. Јутјуб бара три реклами за да пушти еден рецепт за вечера. Пинтерест и Инстаграм, кога се појавија, беа дигитални тефтери и инспиративни албуми; денес одат кон формат каде секој пин, пост или карусел носи некаква агенда.

Кога имаш вирално видео, огромни се шансите во првите десет коментари веќе да се појави корпорација која се обидува да звучи како 19-годишен стажант. Блек Фрајдеј трае еден месец, а попусти нема, границата меѓу човек и бренд се топи до точка во која инфлуенсерите стануваат живи рекламни паноа, а обичните корисници почнуваат да се брендираат себеси во привремени амбасадори во надеж дека еден ден ќе ги валидира некој реален договор.

Интернетот, некогаш претставуван како демократски простор, денес функционира како бескрајна маркетинг-прерија. Платформите се полнат со рекламни блокови до степен што содржината - не дека ќе исчезне, но - мора да се пробива низ нов слој комерцијална магла. И додека концептот „ако е бесплатно, тогаш производот сте вие“ одамна стана клише, новата иронија е дека и за платените верзии - стриминг претплати, премиум функции - сè уште гледаме реклами.

Во тој амбиент, парадоксално, маркетингот ја губи моќта. Досадата се претвора во рамнодушност. Наместо да нè убеди, честопати нè одбива. Многумина се свртуваат кон половна купопродажба и поедноставена потрошувачка, делумно затоа што производите навистина се влошија, а делумно затоа што се заситени од тоа да бидат само целна група.

Можеби тука лежи тивкиот заклучок: ако сè е реклама, тогаш речиси ништо повеќе не функционира како реклама. Заситеноста создава имунитет - и во тој неочекуван простор, автентичноста може да значи просто - да не кликаш.

@hannahglennhannahglenn This week’s essay is about having a case of ad fatigue🫠 full essay is on substack and my Tik tok #writing #videoessay #culture ♬ original sound - Hannah Glenn
1 декември 2025 - 11:54