Владиниот хаос за пандемијата ги осакати децата

Британската влада мора официјално да им се извини на децата што ги трпеа последиците од грешките и лошите политики за време на пандемијата на ковид-19, порача поранешната комесарка за деца на Англија. Наметнатите рестрикции и затворањето на училиштата предизвикале експлозија на проблеми со менталното здравје и благосостојбата на многу генерации.

Владата можела да ги избегне сите грешки што им нанеле штета на децата за време на пандемијата на ковид и затоа премиерот мора официјално да им се извини, порача баронесата Ен Лонгфилд сведочејќи во парламентарната истрага.

Децата и младите луѓе што ја претрпеа пандемијата на ковид, од кои некои сега ќе бидат возрасни, а некои тукушто почнуваат со училиште, заслужуваат извинување од премиерот кога ќе биде заклучен извештајот. Официјалното признавање дека биле направени грешки што можеле да се избегнат може да бие знак дека навистина сме ги научиле лекциите, ако во иднина има уште некоја пандемија или национална вонредна состојба, изјави поранешната комесарка за децата во Англија.

Таа истакна дека долготрајните рестрикции и затворањето на училиштата придонесоа за експлозија на тешкотии во менталното здравје, благосостојбата и однесувањето на децата.

Последиците сè уште се чувствуваат, со двојно повеќе случаи на отсуства од училиште, зголемување од 80% на грижата за деца со посебни потреби и зголемувањето од 300% на случаи на аутизам кај децата, во споредба со нивото пред пандемијата. Има целосно убедливи податоци дека е зголемен практично секој индикатор за зголемена ранливост, од периодот пред ковид до денес, изјави баронесата.

Таа е убедена дека пристапот бил добронамерен, но поради начинот на кој била спроведена политиката таа повеќе претставувала казна отколку обид да им се помогне на семејствата.

Во хаотичната реакција за време на пандемијата, властите им дале предност на возрасните. Пабовите и продавниците биле отворени пред училиштата, кои беа затворени во март 2020 година, а потоа и во јануари 2021 година. 

Беше целосен хаос. Не беше јасно кој е одговорен за плановите како да им се помогне на децата, изјави Лонгфилд.

Таа ја критикуваше и владата поради откажувањето на многу елементи од социјална грижа. Наместо лични посети на децата од ризична категорија, биле спроведувани разговори преку интернет, што им овозможило на семејства да ги прикријат лошите услови за живеење. Социјалните работници не разговарале на само со ранливи деца.

Во врска со наставата, Лонгфилд не видела никакво инвентивно размислување како да се задржат училиштата отворени. 

Толку многу работи можеа да се направат поинаку, но не беа направени. Поважно беше разводнувањето на одговорноста, сведочеше Лонгфилд. 

3 октомври 2025 - 08:33