Нема холандско државјанство без 10 години придонес за општеството

Холандската влада двојно ќе го зголеми минималниот период на непрекинат престој во земјата како неопходен услов за странците да добијат холандско државјанство. Дојденците ќе бидат обврзани да исполнат низа други услови за да докажат пред комисии дека се целосно интегрирани и дека заслужиле холандски пасош. Мерките ги заоструваат многу други земји во Европа.

Имигрантите во Холандија досега можеа да покренат процес на натурализација по пет години постојан престој во земјата. Властите проценуваат дека тоа не е доволно време за интеграција во системот и бараат рокот да биде зголемен на една деценија.

Со продолжување на периодот на натурализација од 5 на 10 години, ние осигуруваме дека луѓето имаат посилна врска со нашето Кралство, дека се навистина добро интегрирани и дека можат целосно да придонесуваат во општеството пред да станат холандски државјани, рече државниот секретар Арно Руте.

Странците кои сакаат да станат Холанѓани мора да положат испит за граѓанска интеграција и да положат тестови за читање, пишување и говорење холандски јазик на основно ниво. Тие исто така мора да потпишат изјава во која се наведува дека законите на Холандија важат за нив. Овие услови нема да бидат променети со новото законодавство.
Владините предлози влегоа во двомесечен период на консултации.

Мерките може да бидат заострени, во зависност од тоа кој ќе победи на вонредните парламентарни избори на 29 октомври. Владата изгуби мнозинство откако од коалицијата се повлече Партијата на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, токму поради несогласувања со политиката за имигрантите. Вилдерс освои најмногу гласови во 2023 година, со манифест со кој повикуваше на четиригодишно запирање на сите барања за азил, како и на забрана на сите исламски училишта. Пред неколку месеци се повлече, фрустриран од бавното спроведување на неговите клучни ветувања.

ПВВ според анкетите е пред нова победа на изборите, но овој пат на Вилдерс ќе му биде многу потешко да најде партнери за владина коалиција, бидејќи сите досегашни сојузници јавно одбиваат нова соработка.

Холандија не е единствената во Европа што ги заострува критериумите за натурализација за странците, со фокус на нивна ефикасна интеграција. Ова прашање, на барање од граѓаните, го отворија популистичките и десничарските партии, но го прифатија партиите од мејнстримот за да останат релевантни. 

Во Австрија, Шведска, Франција, Белгија, Холандија, сите политики на мејнстрим партиите за имиграцијата се поттикнати од десницата, вели Меган Бентон, директорка за глобална програма на Институтот за миграциска политика Европа.

Британската министерка за внатрешни работи Шабана Махмуд најави дека лабуристичките власти ќе го зголемат од 5 на 10 години времето што мигрантите ќе мора да го поминат во Британија за да добијат право на неопределено престој. Тој период може да се намали за мигрантите што се вклучуваат во добротворни иницијативи, волонтерска работа или на друг начин придонесуваат за заедницата и општеството. Британија воведува и дигитални лични карти заради поголема контрола на правото на престој и на работа.

И во Швајцарија пред една недела граѓаните на референдум со тесно мнозинство го поддржаа планот за воведување електронски лични карти на доброволна основа.

******
Види и: Мигрантите ќе мора да го заработат гостопримството во Британија

2 октомври 2025 - 12:23