Мигрантите ќе мора да го заработат гостопримството во Британија

Лабуристите ќе воведат низа нови услови што мигрантите ќе треба да ги исполнат за да се квалификуваат за право на престој на неопределено време во Британија. Ќе мора да научат англиски јазик на високо ниво, да плаќаат национално осигурување, да имаат чисто криминално досие и да придонесуваат за своите заедници. Во спротивно нема да им биде продолжена визата за престој.

Мигрантите што нема „особено значително“ да ѝ се оддолжат на заедницата финансиски или преку добротворни активности, ќе мораат да чекаат десет години за да го добијат статусот „неопределен легален престој“ (ILR), наместо сегашните пет години, предупреди министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд. 

Нивниот придонес ќе биде вреднуван врз основа на систем со поени. На мигрантите со најслаби резултати, кои воопшто не придонесуваат за заедницата, кои се потпираат на социјална помош или кои ќе ги прекршат законите, ќе им биде поништена визата за привремен престој и работа во Британија.

Според сегашните правила, повеќето мигранти кои доаѓаат во Британија со временски ограничени работни или семејни визи можат да поднесат барање за ILR по пет години. Правото на престој првенствено се базира на должината на времето поминато во Британија, а не на економските и социјалните придобивки за земјата.

Разгледувам како да се осигурам дека населувањето во нашата земја – долгорочното, со неопределено право на престој – е поврзано не само со работата, платата и даноците, туку и со поширокиот придонес што го давате за нашите заедници, изјави Махмуд.

Таа зборуваше за искуството на своите родители кога пристигнале во Британија и кога лично била жртва на кражби кога работела во семејната продавница. 

Знам какво е чувството да се чува палка за крикет под касата за секој случај, изјави Махмуд. 

Предлозите на лабуристичките власти се директен одговор на плановите што пред една недела ги објави Најџел Фараж, ако неговата партија Реформ УК дојде на власт. Реформистите, според анкетите, сега се најпопуларната партија во Британија и сигурно би победиле ако сега се одржат избори.

Фараж бара да им биде поништен статусот ILR на неколку стотици имигранти што не се државјани на членки на Европската Унија. Тие би морале повторно да аплицираат, но со построги критериуми – да докажат дека добро го владеат англискиот јазик и да приложат документи дека заработуваат доволно за да не зависат од социјална помош.

Опсерваторијата за миграција проценува дека има околу 4,5 милиони луѓе кои имаат неопределено отсуство за престој, вклучувајќи околу 430.000 граѓани кои не се членки на ЕУ.

Махмуд признава дека лабуристите мораат да разберат зошто толку многу луѓе во Британија не се задоволни.

Ако не се справиме со овој предизвик, ќе овене нашата визија за отворена, толерантна, великодушна земја. Заедниците од работничката класа ќе се оддалечат од лабуристите и ќе бараат утеха во лажните ветувања на партијата на Фараж, изјави Махмуд. 

30 септември 2025 - 08:24