Седумте војни кои Трамп ги „прекина“

Трамп упорно се фали дека откако се врати во Белата куќа успеал да запре седум војни низ светот. Во јули се пофали дека просечно завршува по една војна секој месец. До август беа шест, а во говорот пред ОН станаа седум. Реалноста потврдува дека две војни измислил, во една учествувал, а во другите имал епизодна улога, што не им пречи на смирените земји да го предложат за Нобелова награда.

Голема мака на Трамп му остана тоа што до 10 октомври, кога ќе биде прогласен годинешниот добитник на Нобеловата награда за мир, нема да ја запре војната помеѓу Русија и Украина, а во кампањата се фалеше дека тоа како претседател може да го направи „за 24 часа“.

За свои миротворни трофеи тој ги смета помирувањата на Србија и Косово (!?), Иран и Израел, Индија и Пакистан, Египет и Етиопија (!?), Ерменија и Азербејџан, Тајланд и Камбоџа, ДР Конго и Руанда. Анализа покажува дека САД годинава имале епизодна улога за  неколку договори за прекини на огнот и дека Трамп си присвојува миротворен успех и таму каде што немало војни. 

1. Србија и Косово

Косово во 2008 година прогласи независност, која Белград не ја признава, но тие се далеку од војна како онаа во 1998-1999 година, која беше запрена откако НАТО ја бомбардираше Србија. 

Србија се подготвуваше да влезе во војна, но тоа не се случи... Тие ќе имаа голема војна и ние ја спречивме поради трговијата. Тие сакаат да тргуваат со САД и јас реков дека не тргуваме со оние што одат во војна, изјави Трамп на 27 јуни годинава.

Косовската претседателка Вјоса Османи ги призна неговите мировни напори: „Ја цениме улогата на претседателот Трамп како миротворец дење и ноќе за мир во светот“. 

2. Иран и Израел

Кога Израел во јуни ненадејно ракетираше цели во Иран, Трамп одобри американски воен удар врз ирански нуклеарни постројки. Иран одговори на двата напади. Крајот на американската акција Трамп го смета за запирање војна. Израелскиот премиер Нетанјаху го призна влијанието на Трамп за крај на престрелката, но го задржа правото повторно да удри врз Иран.

3. Индија и Пакистан

Во шестиот голем воен судир на Индија и Пакистан за спорната територија Кашмир во април годинава загинаа 26 лица. Индија бомбардираше „терористичка инфраструктура“, а Пакистан возврати со гранатирање. Престрелката траеше четири дена. Ни Пакистан ни Индија не прогласија војна. Трамп тврди дека ги убедил двете земји да го запрат огнот. Индија објави дека го договорила мирот во директни преговори и дека никогаш не прифаќа посредници, но пакистанскиот генерал Асим Мунир го пофали Трамп и јавно го номинираше за Нобелова награда за мир.

4. Камбоџа и Тајланд

По неколкумесечни тензии кон крајот на јули, избувнаа погранични судири меѓу Тајланд и Камбоџа. Никој не објави војна, но Трамп се пофали дека со закана од царини ги принудил двете земји да се согласат на безусловно примирје. Територијалниот спор не е надминат и може да избувне нова пресметка во секој момент.

5. Ерменија и Азербејџан

Поранешните советски републики тивко војуваа уште откако прогласија независност од СССР. Азербејџанските сили пред две години во блиц-криг конечно воспоставија контрола врз спорната територија Нагорно-Карабах, по што околу 100.000 Ерменци избегаа во Ерменија. Дури две години подоцна азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан дојдоа во Белата куќа за да потпишат договор за зајакнување на економските врски. И двајцата го номинираа Трамп за Нобел, а на САД им дадоа ексклузивни права за развој на „Трампова рута за меѓународен мир и просперитет“.

6. Египет и Етиопија

Царството Етиопија и османлиската покраина Египет војуваа од 1874 до 1876 година. Не е јасно зошто Трамп е убеден дека ги смирил. Египет ја критикуваше изградбата на Големата етиопска ренесансна брана на Нил и предупредуваше дека ќе ја разнесе браната ако го запре протокот на вода.

7. ДР Конго и Руанда

Демократска Република Конго и Руанда тивко војуваат уште од геноцидот во Руанда во 1994 година. Ситуацијата ескалираше откако проруандската бунтовничка група М23 изврши напади во ДР Конго. Во јуни двете земји потпишаа договор, кој Трамп го нарече „мировен“. М23 продолжи со нападите.

******

Види и: Трамп попусто се гребе за Нобел?

29 септември 2025 - 16:19