
Дури 76% од Американците се убедени дека претседателот Доналд Трамп не заслужил да добие Нобелова награда за мир, покажува нова анкета на „Вашингтон пост“ и „Ипсос“, спроведена две недели пред Норвешкиот комитет во Осло да објави кој е годинешниот добитник.
Мнозинство од 60% не се задоволни од начинот на кој Трамп се обидува да ги притисне Украина и Русија да ја запрат војната, а речиси исто толкав процент ја оцениле за негативна неговата улога за крај на војната во Газа. Дури и кај републиканските гласачи, 49% не го сметаат Трамп за миротворец.
За утеха на Трамп, анкетата покажа дека 54% од Американците се убедени дека ни претседателот Барак Обама не ја заслужил Нобеловата награда за мир во 2009 година.
Вашингтон пост забележува дека составот на Норвешкиот комитет не му е наклонет на Трамп. Тројца од петте членови веќе отворено го критикувале. Претседавачот Јорген Ватне Фриднес ги осуди притисоците од Трамп врз медиумите за време на претседателската кампања лани, а друг член на комитетот во мај го обвини за „демонтирање на американската демократија“.
Асле Тоје, заменик-претседател на Комитетот, предупредува дека лобирањето може да биде контрапродуктивно, бидејќи членовите претпочитаат да работат независно и изолирано.
Не ни се допаѓа кога некои кандидати навистина силно се залагаат. Навикнати сме да работиме во заклучена просторија и да не сме под влијание. Доволно е тешко да постигнеме договор меѓу себе, а не, пак, кога некој врши притисок, вели Тоје, не спомнувајќи го Трамп.
Историчарот Асле Свен е убеден дека Трамп нема да ја добие наградата, пред сè поради поддршката за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и обидот за зближување со рускиот претседател Владимир Путин. Нина Грегер, директорка на Институтот за мировни истражувања, додава дека Трамп ги повлекол САД од Светската здравствена организација и од Парискиот климатски договор, а им објави трговска војна дури и на американските сојузници.
Афлред Нобел во тестаментот пишува дека наградата треба да му се додели на оној што направил најмногу за унапредување на заедништвото меѓу народите. Трамп не го прави тоа, вели Грегер.
Историјата, од друга страна, покажува дека златниот нобелов медал го добиле и Барак Обама, кој немаше никакви мировни заслуги, или државниот секретар Хенри Кисинџер во врвот на Виетнамската војна.
Како годинешен добитник се спомнуваат имиња на хуманитарни организации или некоја институција на ОН, па и Обединетите нации како целина, на 80-годишнината од формирањето. Алтернатива се новинари или активисти за човекови права.
На светските кладилници најмал е коефициентот за Собите за итен одговор во Судан - иницијатива предводена од локалните комитети за отпор, која имаше важна улога за доставување хуманитарна помош до луѓето погодени од граѓанската војна. Меѓу фаворитите се и Јулија Навалнаја, вдовицата на рускиот опозициски активист Алексеј Навални, како и организациите УНРВА и Лекари без граници, кои беа активни во Газа. Според коефициентите, веднаш зад нив е Трамп, а по него е Володимир Зеленски.