
Министерот за одбрана Борис Писториус најави дека Германија ќе инвестира 35 милијарди долари до 2030 година за да ја зајакне одбраната на воените сателити од зачестените закани од Русија и од Кина. Тој бара развој на офанзивни капацитети во вселената, за да може да се одвратат непријателски акции. НАТО ја прогласи вселената за оперативен домен уште во 2019 година.
Писториус истакна дека два руски шпионски сателити „Лукс Олимп“ постојано ги следат сателитите на Интелсат, кои ги користат и Германија и други влади.
Конфликтите во иднината нема да бидат ограничени на Земјата. Тие ќе се водат и во орбитата. Сателитските мрежи се Ахилова петица на современите општества. Нападот врз нив може да парализира цели земји. Русија и Кина ги зајакнаа своите капацитети. Тие можат да ги нарушат сателитските операции, да ги заслепат сателитите, да ги манипулираат или кинетички да ги уништат, предупреди Писториус.
Генералот Пол Тедман, шеф на Вселенската команда на Обединетото Кралство, ја смета Кина за најголема закана за мрежата од воени комуникациски сателити Скајнет, врз кои се потпира армијата и од кои зависи една петтина од британската економија. Тој забележа дека Британија издвоила само 1,45 милијарда фунти за вселенска одбрана во текот на следната деценија, додека САД вложуваат по 40 милијарди долари годишно за своите вселенски сили, а Кина и Русија ја зголемиле својата сателитска флота за 70% во изминатите две децении.
Непријателската активност во вселената сега се префрла од основно блокирање на сателитите до планови за опремување на орбитални летала со нуклеарни боеви глави. Ги гледаме сите тие работи реално. Тие повеќе не се научна фантастика, изјави генералот.
САД и Франција, пак, најавија втора заедничка мисија на координирани сателитски маневри во орбитата, за да се провери способноста за воени операции во вселената. Американската Вселенска команда пред еден месец извршила координирана вежба и со Британија.
Во периодот од 4 до 12 септември американски воен сателит USA271 се приближил до комуникацискиот Skynet 5A од вселенските сили на Британија во геостационарна орбита од 36.000 километри над Земјата. Двете команди не објавуваат доверливи детали, но се претпоставува дека се вежбало следење непријателски сателит.