
Откако Маск се приклучи на протестот против „воукизмот“ акциите на најпопуларната компанија за стриминг услуги изгубија 4,3% од вредноста. Пазарната капитализација на фирмата падна од 498 милијарди долари во средата на 482,9 милијарди во четвртокот, според податоците од stockanalysis.com.
Нетфликс, кој има 300 милиони корисници, одамна трпи критики дека промовира „будна“ содржина, но проблемот ескалираше во отворен судир откако режисерот Хамиш Стил на социјалните мрежи почна да го навредува убиениот активист Чарли Кирк, нарекувајќи го „случаен нацист“.
Хамиш е режисер на анимираната серија за деца „Dead End: Paranormal Park“, во која главен лик е трансродов тинејџер. Серијата, која беше прекината во 2023 година, Хамиш ја опиша како „морничава, но слатка серија што следи разновидна група вработени во тематски парк со одмаздољубиви духови, кутре што зборува и ЛГБТК љубов“.
Разгневени од коментарите на Хамиш, корисници на социјалните медиуми повикаа на бојкот. Вирално се прошири кампањата #CancelNetflix на која корисниците покажуваат фотографии и снимки дека ја прекинале претплатата.
Илон Маск се придружи и го критикуваше Нетфликс дека испраќа негативни сигнали до децата.
Откажете го Netflix заради здравјето на вашите деца, напиша Маск.
Контроверзна е и серијата CoComelon Lane, во која момче во фустан танцува пред своите хомосексуални татковци.
Во протестот се вклучија и политичари, како американската пратеничка Мерџори Тајлер Грин, која го обвини Нетфликс дека шири трансродова идеологија во емисии наменети за деца.