Белгија бара колективна одговорност за грабежот на руските милијарди

Белгискиот премиер Барт де Вевер побара од другите лидери на ЕУ писмени гаранции дека членките ќе ги споделат ризикот и последиците ако замрзнатите руски средства, кои се чуваат во неговата земја бидат употребени за финансирање на заеми за Украина. Де Вевер нема да ја блокира иницијативата, но предупредува: „Нема бесплатни пари. Секогаш има последици“.

Лидерите на Европската Унија на самитот во Копенхаген изразија широка поддршка за идејата за користење на руски средства замрзнати на Запад за да се обезбеди заем од 140 милијарди евра за Украина. Правните и финансиските аспекти сè уште треба да се решат.

Меѓународното право забранува конфискација на суверен имот, па затоа ЕУ ќе мора да најде начин да продолжи да го признава правото на Москва врз средствата на нејзината централна банка и да ја заштити Белгија, каде што се наоѓаат повеќето од средствата.

Нема бесплатни пари. Секогаш има последици. Им објаснив на моите колеги дека сакам да се потпишат на документ на кој пишува: „Ако ги земеме парите на Путин и ако тргне наопаку, сите ќе бидеме одговорни“, изјави Де Вевер.

Повеќето руски средства замрзнати во Европа се чуваат во депозитарот за хартии од вредност „Еуроклеар“ во Белгија. Во време кога заврши воената помош финансирана од САД за Киев, а многу членки на ЕУ се соочуваат со фискални тешкотии, Европската комисија бара да ги користи паричните салда од замрзнатите хартии од вредност на Руската централна банка за да го поддржи Киев во 2026 и 2027 година. Планот на Комисијата се сведува на однапред исплата на теоретски идни руски репарации за Украина, за кои очекува дека ќе бидат утврдени во евентуалниот мировен договор.

Кремљ го осуди предлогот како „чиста кражба“.

Во согласност со принципот на реципроцитет, на секој напад од ЕУ врз нашиот имот ќе возвратиме многу сурово. И тие го знаат ова. Русија има доволен арсенал на контрамерки и капацитети за соодветен политички и економски одговор, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

Де Вевер бара и целосна транспарентност од другите европски земји што чуваат замрзнати руски средства. Тие информации се чуваат во строга тајност. 

Истражувачи од Европскиот парламент наведуваат дека 185 милијарди евра што се чуваат во Белгија, како готовина или речиси доспеани хартии од вредност. Франција веројатно замрзнала 19 милијарди евра од Русија, а Луксембург помеѓу 5 и 20 милијарди.

Надвор од ЕУ, Јапонија ѝ замрзнала на Русија 28 милијарди евра, Британија 26 милијарди, Канада 15, Швајцарија 6 и САД околу 4 милијарди. Вкупниот износ ја надминува глобалната сума од 300 милијарди евра со која шпекулираат медиумите.

2 октомври 2025 - 16:22