За нападите врз македонските деца во Тетово можат кривично да одговараат директори на школи, педагози и психолози
- Тетовските улици не се безбедни за децата Македонци последниве недели, тие се напаѓани од врсници до 14 години кои не подлежат на кривична одговорност, а нападите и малтретирањата притоа се снимаат и се објавуваат на ТикТок, на групите „Каурски пички“, „Балисти“ и други, пишува СДК.
-
Родителите на тепаните деца се револтирани, велат дека нападите се брутални и оставаат последици, па затоа ако треба да излезат некаде, тие ги придружуваат. Велат бандите им се втуруваат пешки на нивните деца, односно со трчање, или на електрични тротинети. Обично фаќаат едно, другите ги оставаат да избегаат. Тепаат-снимаат-бегаат. Тоа се случува претежно дење во период на настава, односно на голем одмор, но и попладне.
-
Најчесто машки деца на 13-14-годишна возраст напаѓаат година-две помали соученици или деца од некое друго школо, но родители сведочат дека пресретнато било и девојче, кое од напаѓачите било натерано да каже: „Јас сум балистка“.
-
„По нападот го смирувавме дома детево, тоа беше многу вознемирено. Уште е и тоа го покажува ноќе, кога спие. Седевме дома и му се јави другар: ‘Еј брат, те има на Антикаури, на ТикТок’. Во деновите што следеа го викнаа син ми на препознавање и тој ги препозна тепачите и снимателот. Беа ученици-Албанци од неговото училиште. Од исто место храна си купуваат, се знае кои се, а од полиција ни рекоа не можеле ИП-адресите да им ги најдат“, сведочи родителка.