Не е баш пријатно од книга да добиеш совет да се сретнеш со психопатот во себе, или во неа да прочиташ дека животот е катастрофален а дека неговата цел не е да се биде среќен. Па сепак, тоа се едни од главните поенти на последната книга на канадскиот професор и клинички психолог Џордан Питерсон (која првично ја претставивме во Букбокс). Тоа не се работи кои можете да ги очекувате во една книга со совети како да се живее, како што ни изворите на кои се темели таа книга не се стандардни: Библијата, Ниче, Фројд, Јунг и Достоевски.
Но, Питерсон е генерално во друга лига од остатокот автори од овој жанр. За 55 годишниот професор по психологија на Универзитетот во Торонто првпат се слушна глобално откако порача дека нема намера да употребува родово-неутрални обраќања како што предвидуваат новите правилници на неговиот Универзитет. Потоа јавно го бранеше Џејмс Дамор, инженерот кој беше избркан од Гугл поради неговите ставови дека сепак постојат инхерентни биолошки разлики меѓу мажите и жените. И како потврда на неговата интелектуална особеност и подготвеност да брцне во очи на доминантните идеи на денешнината беше тоа фамозно интервју (го имаме тука) во кое смирено и убедливо ја раштрафи напнатата новинарка.
Неговото име не котира ич добро во академските кругови наклонети на левицата. Меѓу другото, и поради неговото тврдење дека голем број хуманистички студии треба да останат без фондови бидејќи се „корумпирани од нео-марксистички постмодернисти’’. Тоа е една од причините неговите противници да го етикетираат како краен десничар иако, ако ги земете во обзир неговите заложби за широко јавно здравство, редистрибуција на богатството и декриминализирање на дрогите, јасно е дека е тој далеку од таа позиција.
Самиот себе се смета за „класичен британски либерал“ а кога ќе му преречат за реакционерство, вели дека „реакционерството е новиот радикализам“
Во медиумите е најприсутен по неговите ефектни и безмилосни критики на денешната крајна левица која ја оценува како тоталитарна, нетолерантна и блиска до најцрните комунистички доктрини како онаа на Мао Це Тунг, бидејќи во обата случаи се работи за давање примат на колективниот идентитет наспроти индивидуалниот, кој е темел на западната цивилизација.
Неговиот поглед на светот е комплексен иако книгата е храбар обид тој да се поедностави во материјал кој може да биде дижестиран од поширока публика.
„Животот е трагичен. Ние сме ситни, слаби и полни со маани и незнаења а сè друго е огромно, сложено и преовладувачко. Некогаш го имавме христијанството како одбранбен ѕид против таа застрашувачка реалност. Но, Господ умре. Оттогаш, нашата одбрана била или идеологијата - највпечатливо марксизмот и фашизмот - или нихилизмот. Овие работи во 20-от век нè доведоа до катастрофа.
Среќата е бесмислена цел. Не се споредувајте со други луѓе, споредете се со себе од вчера. Никој и за ништо нема туку така да се провлече. Затоа, преземете одговорност за своите животи. Вие го правите својот свет, не само метафорички туку и буквално и невролошки. Тоа се оние лекции кои сите големи приказни и митови ни ги кажуваат од почетокот на цивилизацијата“.
Читајќи историја и познавајќи го Ниче, Питерсон вели дека проблемот со таканаречените „фини луѓе“ е што тие никогаш не биле доведени во ситуација во која ќе дознаат какви монструми можат да бидат.
Токму таканаречените „нормални луѓе“ а не социопатите беа одговорни за сите злодела на нацизмот, сталинизмот и маоизмот. Не смееме да заборавиме, без ронка лажен романтизам потсетува Питерсон, дека ние луѓето сме коруптивни, патетични и способни за огромна злоба.
Ако веќе сите сме монструми, што можеме да сториме во врска со тоа? Питерсон потсетува на фамозниот, 20 години стар експеримент за селективното внимание. Ако веќе не сте, сега му е мајката да се тестирате:
Ако не го зaбележавте главниот јунак во видеото, не е за секирање. Околу 50% луѓе не го забележуваат. Според Питерсон, ова е круцијално за да се сфати како перцепцијата зависи од нашите цели. Ако тежнеете кон нешто лошо и коруптивно, ќе гледате лоши и коруптивни алатки кои ќе ви помогнат во целта. Ако целите кон нешто повисоко, ќе гледате сосема други работи. Верувањата ја обојуваат перцепцијата. Затоа, човечкиот живот треба да биде потрага по значење и смисла а не по среќа.
„Фино е да се мисли дека смислата на животот е среќата, но што се случува кога сте несреќен? Тогаш веројатно сте животен неуспех, можеби и суицидален неуспех. Среќата е преубава нус-појава. Кога ќе дојде, прифатете ја со благодарност. Но таа е непостојана и непредвидлива. Таа не е нешто кон кое треба да се цели бидејќи таа не е цел. Таа е како шеќерна волна, фино ти доаѓа ама не врши работа“.
Но, како се доаѓа до смислата? Како прво, така што ќе ѝ дадете предимство пред корисноста и ефикасноста. Сите големи приказни, вели Питерсон, од Библијата, преку Пинокио, Лајон Кинг па до Хари Потер нè учат на истите лекции: тргни по највозвишениот пат, земи го најтешкиот камен па ќе можеш да се надеваш дека ќе бидеш психолошки препороден, наспроти неизбежното страдање кое животот го носи со себе.
Едни од неговите најдобри приказни се однесуваат на Библијата (некои имаат и над 5 милиони прегледи) а тој не негира дека е посветен христијанин.
„Сум, што е своевидно лудило. Моралниот товар е огромен. Бог може да те поништи дури и да ги правиш исправните работи. Но тој ти е најдобра опција. Постои огромна количина реалност која не ја познаваме и не ја разбираме. Можеме да се ценкаме (Питерсон тврди дека најголемото откритие на раното човештво е дека со Господ може да се преговара, на пример со нудење самопожртвуваност заради подоцнежна награда) но тоа пак не може да ти гарантира ништо и Господ сепак да се сврти против тебе. Таков е животот. Никој не може да ти гарантира дека ќе успееш“.
На прашањето дали верува во живот после смртта, Џордан Питерсон одговара:
„Јас не знам ни дали верувам во смртта! Не сум сигурен дека ние ја разбираме улогата на свеста во просторот и времето. Не мислам дека светот е онаков каков што мислиме дека е. Не сум материјалист. Што и да се случува на она суб-атомско ниво на материјата, тоа е толку чудно што и луѓето кои го разбираат тоа, не го разбираат.“
Без разлика што Питерсон е ултра занимлива но сепак чудна мешавина од психолог, теолог, конзервативец, либерал, проповедник, поборник на научниот метод кој не е материјалист и слично, она што ги поврзува сите тие аспекти е неговата одбрана на индивидуалното наспроти групното, без разлика дали тоа групно доаѓа од левицата или десницата.
„Вашиот колективен идентитет не е ваш круцијален белег. Тоа е огромното откритие на Западот. По тоа прашање Западот беше безусловно во право. Тоа е единственото место кое сфати дека индивидуата е суверена“, порачува Џордан Питерсон.