Кога на први јануари на телевизија ќе одат оние репортажи од „најлудата ноќ" на повеќето од нив во позадина ќе трешти народно, а оние кои ќе се подготвуваат за пренос од Виенскиот концерт загрижено ќе „ц-цкаат" до каде дошол светот „со ова турбо-фолкот". Но корените на неговата естетика се стари веќе половина век, што е традиција за почит.
Во новата книга на Иван Ивачковиќ, „Како пропеавме: Југославија и нејзината музика“, се анализира историјата на музиката на бивша Југославија, од владеењето на забавната, преку појавата на рокенролот, па до експанзијата на новокомпонираната народна музика. Сето тоа ставено во општествениот и политичкиот контекст во кој се случувало - Југославија на шеесетите и седумдесетите на минатиот век. Еве извадок од книгата во кој се препознаваат основните елементи на создавањето на жанрот кој денес го нарекуваме турбо-фолк.
Официјалните медиуми во текот на шеесетите, и особено во текот на седумдесетите, речиси сè освен „изворната" народна музика, онаа која била изведувана до тогаш, го третираа како културен отпад. На пример, песните на Шабан Шаулиќ не беа емитувани ни на радио ни на телевизија. Тој не се проби благодарејќи на официјалните медиуми туку наспроти нив. За ова да се разбере до крај, треба да се потсетиме дека во септември 1972 Тито го упати своето славно Писмо - го пишувал инаку Стане Доланц, една од најмоќните и најмрачни фигури на југословенската историја - кое беше вовед во пресметката со „српските либерали", реформаторската струја внатре СКЈ. Во Писмото се најде место и за култура, па во него се критикуваше „форсирањето на кичот и шундот". Тоа за последица имаше голем број репресивни акции во сферата на културата, од кои веројатно најпознатата беше Конгресот за културна акција одржан во Крагуевац. Воведен е данок на шунд, јавно беа палени еротските списанија Чик и Адам и Ева, па дури и крими романите станаа непожелни. Во програмата на Радио Белград значително е зголемено емитувањето на за Србите секогаш омилените жанрови, како што се класичната музика и операта, и така натаму. Бидејќи во Писмото е посебно критикувана Телевизија Белград заради пропагирањето на кичот и шундот, за извесно време е спуштена рампата за секоја можност тука да се појават народњаците. Притоа, како што тоа го вели во својата книга „Помеѓу политиката и пазарот" Јелена Арнаутовиќ, по пристигнувањето на Писмото сите изданија на ПГП РТБ морале да бидат редовно контролирани во Републичкиот секретаријат за култура. „Со директна интервенција на самиот партиски врв во програмската политика на медиумите", вели Арнаутовиќ, „значително е намалено дотогашното афирмирање на новокомпонираната народна музика затоа што политичката 'подобност' повторно стана поважна од пазарната". Во ТВ Белград кукавичкиот менталитет и автоцензурата карактеристична за државните миедиуми биле, како што видовме, една од причините таа куќа со молчење да премине преку смртта на Силвана Арменулиќ. Тито сигурно не го замислуваше така чувањето на јавноста од „кичот и шундот", но за телевизијата - колку и да беше надмена кон изведувачите од кои живееше, толку и понизна кон власта од кои зависеа работните книшки, платите, „топлите оброци" и маркиците за јавен превоз - никој од новите фолк изведувачи не постоеше повеќе.
Ова претерување беше до толку побесмислено ако се знае дека внатре „народњачката" категорија постоеа воочливи разлики. Затоа што ако Силвана, општо гледано, делуваше пристојно, тогаш Лепа Лукиќ несомнено спаѓаше меѓу првите весници на пропаста: нејзиното припросто однесување и џејмсбрауновската ароганција подготвија пат по кој ќе чекори таканаречената новокомпонирана народна музика од осумдесетите, и нешто подоцна, турбо-фолкот...
Она што им е заедничкo на сите од народњачката бранша, и по што таа се разликуваше од сите останати сегменти на овдешната музичка параиндустрија, е чувството за бизнис. Првите големи фолк ѕвезди не си ги донеле само куферите - опинците, шајкачите и елеците - туку и природната лукавост на српското село. Додека рок музичарите голиот ентузијазам го прогласуваа за светиња, самите така туркајќи се кон пропаст, народњаците многу бргу почнаа да функционираат организирано и со деловен дух: работеа педантно и систематски, создавајќи специјализирани кланови и прилагодувајќи се, со молскавични рефлекси, на барањата на пазарот. Така на фолк сцената се формираше многу потврда и поспособна логистика отколку во рокенролот. Најтипичен и воедно најспектакуларен пример од шеесетите е дискографската куќа Дискос од Александровац. Сето тоа имаше комерцијален потенцијал - она кое големите компании како Југотон и ПГП понекогаш заради разбирливото чување на репутацијата, а понекогаш заради несфатливата индолентност не сакаа да го објават, Дискос го земаше „под свое". Александровац така стана српскиот Нешвил.
Дискос додуша го објавуваше и Тома Здраковиќ, а ѝ пружи и прва шанса на Силвана Арменулиќ, но го понижи и своето име и народњачкиот жанр објавувајќи плочи на бизарни пејачи каква што беше Милица Остојиќ, попозната под „уметничките" имиња Мица Трофраљка или Мица Троцевка. Настапот на оваа жена - која конституцијата на сумо борач не ја спречуваше да носи кратки сукњи и тесни џемпери - беше вистинско фрик шоу, а песните кои за чудо ги пееше крајно професионално, беа полни со скокотливи и мрсни стихови на граница на идиотизам. Во песната „И лабавиот знае да забавува" пееше: „Љубим љубим враголана, а он стоји право/Тек сада видим лажу, њему није све лабаво", а во песната „Сака дедо малку мед" имаше и вакви стихови: „Хоче деда мало меда, у ноге ме стално гледа/Ако деда, ако, ако, само напред, само тако"...
Мица Трофртаљка, чиј „опус" е вистински „Црвен бан" на овој народњачки бран, беше веројатно најчудната појава не само во каталогот на Дискос, туку и во комплетната историја на југословенската популарна музика сè до почетокот на 90-тите, кога почнаа да попуштаат сите граници. Нејзините плочи се продавани во огромни тиражи - некои велат дека стигнувале и до 400,000 примероци - но секако тоа го немаше во официјалните медиуми. Требаше да поминат десетина години помеѓу нејзиниот извик: „Втерај ми го, втераj!", кој можеше да се чуе само по становите, куќите и кафаните, и мигот во кој Билјана Јевтиќ запеа: „Влези ми влези/во трага" во Белградска хроника, една од најгледаните емисии на ТВ Белград.
По природата на нештата народњаците ѝ се обраќаа на провинцијата, и тоа не на онаа која се носи во личната карта, туку онаа која се носи во главата. Низ „звуците на родниот крај" не се препознаваа имено само оние кои останале на село, туку и оние кои во педесетите и шеесетите дојдоа во градовите. Сепак, фолк ѕвездите наоѓаа првенствено публика вон големите центри, донесувајќи во „внатрешноста" на земјата посебен вид демократија: рецептот на Дискос беше применет и на радио-станиците, па тие се котеа низ целата држава, угодувајќи му - со емитување на народњачки хитови - на баналниот, и како што ќе се воспостави, најраспространетиот вкус. Радио Шабац стана народњачко Радио Луксембург.
Сосема соодветно на празниците, песната „Тужан поглед у џепове празне"