
Чарли Џавис, која беше меѓу 30-те најнадежни финансиери на листата на Форбс, е осудена на седум години затвор поради измама од 175 милиони долари. За тие пари во 2021 година на ЏП Морган Чејс им го продала својот стартап „Франк“, како платформа што им нуди помош на милиони студенти за пополнување апликации за федерална финансиска помош.
Идејата на банкарите била да добијат пристап до милиони млади Американци спремни за колеџ и да им понуди кредитни картички и сметки во ЏП Морган Чејс. Брзале за да не бидат претркани од некој конкурент.
На близу 300 службеници во одделението за внатрешна контрола на најголемата банка во светот им била потребна цела година за да утврдат дека компанијата на Џaвис всушност е фикција. Во примероците што Џавис им ги претставила на банкарите ги измислила податоците во корисничките табели – имиња, телефонски броеви, електронски адреси, датуми на раѓање и броеви од социјално осигурување.
Банката платила 175 милиони долари без да ги провери табелите. „Тоа не е ништо“, коментирал еден банкар за сумата. Џавис ги убедила дека би било ризично да се загрози приватноста на чувствителните лични податоци на толку многу луѓе. Дури по една година, откако зделката поминала, ревизија покажала дека повеќето полиња со податоци за 4,25 милиони корисници биле празни. Франк имал едвај 300.000 клиенти.
Вие сте добра личност. Сепак, направивте лошо дело и морам да ве казнам... Измамата останува измама, без оглед дали ќе надмудрите некој паметен или некој глупак, ѝ рекол на обвинетата судијата Хелерштајн од Окружниот суд во Менхетн.
Покрај затворската казна од 85 месеци, Џавис ќе мора да плати отштета од 287,5 милиони долари, како и трошоци од 22,4 милиони.
Бранителите на обвинетата го претставија случајот како „28-годишна жена против 300 инвестициски банкари од најголемата банка во светот што имале 22 дена за проверка“.
Судијата потврди дека голем дел од вината може да биде префрлена на ЏП Морган Чејс поради лошо сработената домашна задача. На Џавис ѝ дозволи да остане на слобода за време на процесот на жалби, кој може да потрае со години.