Блокирана владата на САД

Длабоките партиски поделби ја затворија федералната влада на САД. Вработените на неопределено нема да добиваат плата. На работа ќе останат само луѓето на виталните позиции. Блокадата значи привремено отпуштање на околу 750.000 службеници. Многумина нема воопшто да се вратат на работа. Трамп се закани дека ќе ја искористи паузата за масовна чистка во владините служби.

Петнаесеттото затворање на федералната администрација на САД по 1981 година создава општа несигурност, итно ќе се одрази на владините услуги и ќе има долгорочни последици врз економијата.

Не се знае до кога владата ќе биде блокирана. Независни аналитичари укажуваат дека поради длабоките политички поделби ова затворање може да биде подолго од 35 дена, колку што траеше досега најголемото, за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп во декември 2018 година. Тоа значи дека САД може во услови на владина блокада да ги одржат среднорочните избори во почетокот на ноември.

Сенатот на САД до крајниот рок синоќа на полноќ не постигна договор за понатамошно финансирање. Во прашање се 1.700 милијарди долари за владино финансирање на агенциите, што изнесува приближно една четвртина од вкупниот буџет на владата од 7.000 милијарди долари.

Републиканците, кои имаат мнозинство во Сенатот, бараа привремено продолжување на крајниот рок до 21 ноември, за да ги задржат агенциите отворени, но демократите беа решително против. За усвојување на буџетот се потребни 60 гласа, што значи дека републиканците треба да добијат поддршка од најмалку осуммина демократски сенатори.

За да дадат поддршка, демократите инсистираа на зголемување на финансиската поддршка за програмата Медикејд за здравствено осигурување.

Кога Конгресот нема да успее да донесе закон за финансирање, федералните агенции се законски обврзани да ги запрат сите операции. Вработените на несуштински позиции за системот се префрлаат на неплатено отсуство. Оние, пак, чии работни места вклучуваат заштита на животот и имотот - мора да продолжат да работат, но нема да добиваат плата сè додека не се обезбеди финансирање. 

Канцеларијата за буџет на Конгресот проценува дека околу 750.000 федерални вработени би можеле да бидат отпуштени секој ден од затворањето. Вкупниот дневен трошок за нивна компензација ќе достигне околу 400 милиони долари.

На работните места ќе останат истражителите во ФБИ, офицерите во ЦИА, контролорите на летање и припадниците на вооружените сили. Постарите лица што се потпираат на покритие од Медикер сè уште можат да ги видат своите лекари, а давателите на здравствени услуги можат да добијат надомест. Со затворањето нема да биде нарушена здравствената и социјалната грижа за воените ветерани. Медицинските центри и амбулантските клиники за ветерани ќе бидат отворени, а ќе продолжат и погребите на националните гробишта.

Вработените што ќе бидат привремено отпуштени ќе ги добијат заостанатите плати, ако бидат вратени на работа. Оваа блокада на владата, за разлика од претходните, е специфична поради тоа што Белата куќа се закани со трајни отпуштања на службеници од федералната администрација, дури 300.000 до крајот на оваа година. Претседателот Доналд Трамп се закани дека „многу добри работи можат да произлезат од блокадите“.

Ќе ја искористиме паузата за да се ослободиме од многу работи што не ги сакавме, од демократски работи. Значи, ќе отпуштиме многу луѓе кои ќе бидат многу погодени. Тие се демократи, тие ќе бидат демократи, рече Трамп.

1 октомври 2025 - 07:45