
Следбениците на Трамп неговите судски/вонсудски победи над платформите кои го исфрлија го толкуваат како триумф на слободата на говорот и правичен епилог после неколку години нефер третман.
Други пак, тоа го гледаат како вообичаен корпоративен инстинкт за преживување или менаџирање на штетата. Кога политичките тектонски плочи се помрднуваат, тие по дефиниција се спремни да платат за својот деловен мир, ако претходно се навалиле на погрешна страна.
Последниот дил за „доброволна отштета“ е со Јутјуб.
Во јануари 2021 година, Доналд Трамп доби црвен картон на неговиот канал за кршење на правилата на платформата, санкција што може да го снајде секој што кликнал на полето „Прифати ги условите за користење“.
До 8 јануари, Мета и Твитер веќе го суспендираа неговиот профил, наведувајќи загриженост за „јавната безбедност“. Неколку дена, Јутјуб беше оставен да виси на цедило, но до 13 јануари решија и тие да го забранат.
Каква беше точната природа на неговото кршење на правилата на Јутјуб? Не се знае. Не се ни знае за кое конкретно видео се однесуваше казната. Сметката едноставно беше замрзната и не беше повторно отворена.
Адвокатите на Трамп ja темелеа стратегијата дека тој не е обичен корисник: социјалните медиуми се еден вид „јавен плоштад“, на кој познат политички актер има право да зборува. Тие наговестија дека овие компании работат заедно и дека со колективно затворање кон него наметнуваат „политичка дискриминација“.
Зошто Трамп воопшто беше елиминиран? Затоа што светот изгледаше среден, а Трамп изгледаше осуден на пропаст.
Компаниите проценија дека тој е потрошена политичка сила, но неговото враќање во Ббелата куќа им ги преврте сметките: одеднаш големите технолошки компании се плашеа дека би можеле да бидат принудени на суд да ги достават нивните интерни комуникации за случајот.
Освен тоа, од тантрумите на Трамп против нив лесно се прават наслови па тие може со месеци да се најдат во непосакуван фокус на јавноста.
А тоа е губење пари. Многу пари. Дури и благ бојкот на конзервативците јако би удрил по нивните профити.
„Во суштина, технолошките компании им принесуваат жртви на своите нови богови: 25 милиони долари овде, 10 милиони долари таму. Бакни го прстенот и замини. На крајот на краиштата, и Трамп, слично како нив, е некој кој само плива напред. Откако ја запечати нивната лојалност, и тој ќе продолжи да тера како ништо да не било“, пишува Гевин Хејнс.