
„Мислам дека имаше многу генерали кои седеа таму и си мрмореа, патував 13.000 километри за да го слушнам ова?“, ja сподели на CNN својата фрустрација пензионираниот бригаден генерал Стив Андерсон, еден од стотиците генерали и адмирали кои беа свикани лично на брифинг кај надлежниот министер за војна Пит Хегсет.
На добар дел од нив, наместо на стратешки брифинг каков што очекувале, настапот на Хегсет им личел на партиски говор.
„Можеше ова да го кажи и на имеил,“ рекол друг генерал за Политико.
Од друга страна, Хегсет помпезно ја означи оваа средба како „Денот на ослободување на американските воини.“
„Вие убивате луѓе и уништувате работи за да заработите за живот. Вие не сте политички коректни, не мора да припаѓате на учтивите. Вие сте различни. Ние не се бориме затоа што го мразиме она што е пред нас, туку се бориме затоа што го сакаме она што е зад нас,“ им рекол министерот на собраниот армиски врв.
Хегсет се фокусирал на потребата од зголемување на фитнес стандардите на вооружените сили и најавил дека интерниот процес на жалби и истраги на војската ќе биде ревидиран за да се елиминираат „несериозните“ жалби.
Ваквите политики биле неопходни за да се зголеми „смртоносноста“ на американските трупи.
Дел од критичарите, униформирани и цивилни, го сметаат состанокот за одвлекување на вниманието од странските непријатели кон обезбедувањето на американските улици. Во меѓувреме Трамп предложи идеја за нови сили за брза реакција за потенцијални домашни немири, а Хегсет сугерираше дека правилата на ангажирање на војската заради заштита на цивилите, се „глупави“.
Пред кремот на американската армија говорел и самиот Трамп кој, навикнат на овации, бил зачуден од тишината и војничката воздржаност на присутните.
„Ако не ви се допаѓа тоа што го кажувам, можете да ја напуштите просторијата. Се разбира, со вас ќе замине и вашиот чин и вашата иднина. Само чувствувајте се убаво и опуштено, ОК?“, рекол Трамп.