Дигиталната лична карта е катастрофа

Членките на Европската Унија (со исклучок на Данска) издаваат лични карти со години. Ако самиот обем на нелегална имиграција е некаков показател, личните карти не направиле ништо за да ги направат границите на Европа побезбедни или да го спречат работењето на црно. Па зошто воведувањето на дигитална лична карта би било поефикасно во Британија?

Премиерот Кир Стармер објави дека дигиталните лични карти ќе помогнат во решавањето на проблемот со нелегалната имиграција во Британија. „BritCards ќе го оневозможат нелегалното работење и ќе ги направат нашите граници побезбедни, рече тој. 

Застапниците тврдат дека дигиталната лична карта ќе ги принуди работодавците да го проверат имиграцискиот статус на своите работници, иако веќе се обврзани да го сторат тоа. Присуството или отсуството на лични карти, дигитални или други, нема да направи никаква разлика. Оние што намерно ја искористуваат евтината работна сила на мигранти тешко дека ќе почнат да ги почитуваат законите за труд поради новата апликација за паметни телефони.

Нелегалната миграција е само последното од оправдувањата за воведување задолжителна шема за идентификација. Кога Тони Блер и Новата лабуристичка партија првпат ги промовираа личните карти, тие ги претставија главно како средство за да се чувствуваат луѓето безбедно. Tогашниот министер за внатрешни работи Дејвид Бланкет посочи дека би можеле да ја „зајакнат самодовербата и чувството за граѓанство и благосостојба“.

Нивниот менаџерски сон за граѓанство целосно познато и категоризирано од државата постојано се судираше со отпор. Луѓето едноставно не сакаа да бидат изложени на постојано следење од службени лица. Како што разбра Џорџ Орвел, „најомразеното од сите имиња во Англија е Ноузи Паркер“.

Законот за лични карти беше усвоен во парламентот во 2006 година, но беше речиси напуштен во 2008 година поради противењето на синдикатите и пречекорувањата на трошоците. Во 2010 година, новата коалиција на конзервативците и либералдемократите на премиерот Дејвид Камерон ја откажа шемата, а законот за лични карти беше укинат. На ист начин завршија други подеднакво наметливи шеми за собирање и средување на приватни податоци, вклучувајќи ги Националниот регистар на идентитети и несреќната база на податоци за заштита на децата, ContactPoint.

Одлуката на коалицијата да ја укине шемата за лични карти беше победа за граѓанските слободи. Но, имаше уште една причина зошто коалицијата им го сврте грбот. Ова беше ерата на штедење - а овие проекти беа скапи неуспеси. Тие се трајни докази за неспособноста и некомпетентноста на модерната британска држава.

Државата има ужасна евиденција кога станува збор за речиси секој голем проект, но особено за големи ИТ потфати. Националната програма требаше да ги интегрира сите електронски картони на пациентите во рамките на единствен систем во NHS. Започнат во 2002 година, проектот беше оптоварен со технички тешкотии, расправии и огромни пречекорувања на трошоците. Конечно беше напуштен во 2011 година со цена од над 10 милијарди фунти. Комитетот за јавни сметки го опиша како едно од „најлошите и најскапи фијаска со договори“ во историјата на јавниот сектор.

Потоа е тука и ужасниот скандал со поштата „Хорајзон“. Благодарение на неисправен систем за сметководствен софтвер, платен од државата и развиен од „Фуџицу“, повеќе од 900 поштари беа неправедно осудени за кражба, измама и лажно сметководство помеѓу 1999 и 2015 година. Оваа катастрофа уништи безброј животи.

Владата моментално го развива и проширува OneLogin, кој обезбедува единствено дигитално најавување за пристап до сите владини услуги и ги содржи личните податоци на околу три милиони граѓани. Како што веројатно веќе претпоставивте, тој е катастрофално лошо управуван.

Надворешни изведувачи добија огромен, широк пристап до приватните информации на граѓаните. Ризикот од прекршување на податоците е премногу очигледен... Дигиталната лична карта би нè претворила од слободни граѓани во објекти за надгледување, следење и управување, Затоа лабуристичките технократи не можат да се откажат од тоа.

Тим Блек, Spiked

30 септември 2025 - 15:40