
Обемната анализа „Зелено во сиво“, спроведена од новински куќи во соработка со научници од норвешкиот институт за природна средина, опфатила 96% од површината од 39-те земји во Европската агенција за животна средина.
Од вкупно 9.000 квадратни километри изгубена зелена површина во периодот од 2018 до 2023 година, дури 1.800 биле во Турција. Во Полска се уништени повеќе од 1.000 квадратни километри, во Франција 950, во Германија 720 и во Британија 604, покажува анализа на сателитски снимки, слично на онаа со кое се следи кастрењето на Амазонската прашума.
Европа во просек губи по 1.500 квадратни километри годишно, што е еквивалентно на 600 фудбалски терени секој ден. Природата е причина за голем дел од загубите, околу 900 квадратни километри годишно, но истражувањето покажува дека градежните работи се шират на земјоделско земјиште со брзина од околу 600 квадратни километри годишно, со сериозни последици за безбедноста на храната и здравјето на континентот.
Најчестите развојни проекти, кои сочинуваат една четвртина од сите случаи за ширењето на сивата зона, биле за изградба на домови и патишта. Природата и обработливото земјиште се уништуваат и за да им овозможат луксуз на богатите луѓе, за ширење на туризмот, конзумеризмот и индустријата.
Во Португалија биле уништени речиси 300 хектари од заштитените песочни дини на плажата Гале во близина на Мелидес за да се изгради нов терен за голф во ексклузивниот клуб „КостаТера“, каде што имотите ќе се продаваат за над 6 милиони евра. Само за одржување на теренот за голф се потребни 800.000 литри вода на ден. Центарот ќе биде резиденција на принцезата Евгенија и нејзиниот сопруг, Џек Бруксбанк, кој е вклучен во развојот. Земјиштето е заштитено според регулативите на ЕУ - Натура 2000, но властите поради „економска корист“ ѝ одобриле градежни работи на американската фирма за недвижности Discovery Land Company.
Во Турција, мочуриштето Чалтилидере во покраината Измир на егејскиот брег е закопано под повеќе од еден квадратен километар бетонски темели за марина за поправка и изградба на луксузни јахти. Мочуриштето е дом на фламинга, пеликани и корморани, врзува јаглерод од воздухот и е природна заштита од поплави. Локалните власти го поништија неговиот заштитен статус во 2017 година. Јатек, индустриската задруга што го развива проектот, вели дека марината ќе донесе огромен економски раст и илјадници работни места во областа. Се планира производство на дури 132 луксузни јахти годишно.
На планините Вермио во Грција, законски дефинирани како област без патишта, се развива голема фарма со ветерници. Во Германија, половина милион дрвја беа исечени во близина на Берлин за да се изгради гигафабрика на Тесла што ќе треба да произведува по 1 милион автомобили годишно.
Секоја уништена шума, плодно поле и жариште на биодиверзитетот заради краткорочен профит е предавство на ветувањата што им ги дадовме на младите луѓе. Ако продолжиме да ја третираме природата како потрошна, Европа ќе ги изгуби не само своите климатски цели, туку и својата безбедност на храната, своето здравје и токму местата што го правеа континентот вреден за живеење, коментира Лена Шилинг, европратеничка од Зелените.