Лекови од Фајзер на попуст преку вебсајт на Трамп

Американските пациенти ќе можат да купат лекови од Фајзер со огромен попуст и до 85%, но само ако ги нарачаат директно преку веб-сајтот на Белата куќа наречен според претседателот – TrumpRx. Лековите што се издаваат на рецепт преку програмата Медикејд ќе бидат продавани по најниската цена што ја има во другите земји. За возврат, Фајзер три години ќе биде ослободен од царини.

Фајзер е првиот американски производител што прифатил да се вклучи во пошироката шема на администрацијата на Доналд Трамп насочена за подобра здравствена грижа на граѓаните, но и за заштита на фармацевтската индустрија. 

Помина времето кога САД го субвенционираа здравственото осигурување за остатокот од светот. Со овој смел чекор ја завршуваме ерата на глобално зголемување на цените на сметка на американските семејства, изјави Трамп.

Лекови што се издаваат на рецепт ќе бидат достапни преку веб-страницата TrumpRx по многу пониски цени од досегашните, дури и со попуст од 85%. Ова ќе важи за околу 70 милиони Американци со пониски приходи што се опфатени со државната програма Медикејд за здравствено осигурување. Цените ќе бидат одредувани според принципот на „најповластена нација“ - еквивалентни на најниската цена достапна во слични земји.

Компанијата проценува дека повеќето од лековите за примарна здравствена заштита и некои специјализирани ќе бидат поевтини за просечно по 50%. Предвидени се значителни попусти и за неосигурените Американци ако ги купуваат лековите директно од производителот.

Веб-страницата TrumpRx, која треба да биде активна од почетокот на 2026 година, нема да продава ниту дистрибуира лекови, објасни висок функционер на администрацијата. Таа ќе има улога на каталог во кој потрошувачите ќе можат да ги пребаруваат лековите со наведени цени и ќе ги пренасочува кон производителите и каналите за директно доставување.

Фајзер е првата фирма што позитивно одговори на писмото што Трамп пред два месеца им го испрати до 17 фармацевтски компании со барање да ги спуштат цените на лековите. Договорот ќе му овозможи на Фајзер да го прошири своето домашно производство, а ќе добие и тригодишно одложување на одредени царини за увоз на фармацевтски производи. Компанијата најави дека ќе инвестира уште 70 милијарди долари во производство, истражување и развој на лекови во САД. Нејзините акции синоќа скокнаа за речиси 7%.

Сега имаме сигурност и стабилност што ни се потребни на два критични фронта, царини и цени, изјави извршниот директор Алберт Бурла.

Од денеска на сила стапуваат царините од 100% на увоз на брендирани лекови, освен ако фармацевтската компанија не гради производствен погон во САД. За фирми од ЕУ, главниот извор на лекови од брендирани имиња, царината ќе биде 15%, според трговскиот договор потпишан претходно оваа година.

1 октомври 2025 - 08:44