Жените живеат подолго од XX причини

Има разноразни објаснувања зошто жените живеат подолго од мажите. Традиционалните објаснувања се дека мажите се склони кон поризично однесување, пушат и пијат повеќе. Обемна студија, со која биле опфатени и цицачи и птици, покажува дека причината е биолошка. Причина е тоа што жените имаат двојни хромозоми X, кои подобро ги штитат клетките од мутации.

Поттикнати од статистичките податоци дека жените во просек живеат подолго од мажите без оглед на географските и социјалните услови, научници од Институтот Макс Планк за еволутивна антропологија го прошириле спектарот на истражување кај 1.176 видови цицачи и птици.  

Навистина е чудно што жените живеат подолго во речиси секоја земја во светот. Затоа бевме заинтересирани да го разгледаме ова од поширока таксономска перспектива, вели Јохана Штерк, еволутивен демограф во Институтот.

Полот на секоја единка на цицачите, вклучувајќи ги и луѓето, се одредува според хромозомите  X и Y. Ако бебето има пар X хромозоми, тоа е девојче. Ако наследи X и Y, тоа е момче. Меѓутоа, кај птиците, ситуацијата е обратна. Женките имаат пар различни полови хромозоми (ZW), додека мажјаците имаат идентични (ZZ). 

Хипотезата за хетерогаметскиот пол тврди дека ако нешто тргне наопаку со ген на еден од X хромозомите на жената, клетките имаат резервен хромозом на кој можат да се потпрат. Но, мажите, со само еден X хромозом, немаат такво осигурување. Истиот проблем може да се случи и со неспарениот Y хромозом.

Ако има мутации штетни за животниот век, мажите немаат резервна копија, објаснува Фернандо Колчеро.

Тимот од германскиот институт собрал и анализирал податоци за животниот век на 528 видови цицачи и 648 видови птици од зоолошки градини. Кај речиси три четвртини од испитаните цицачи, женките живееле подолго од мажјаците. Но, кај 68% од проучуваните видови  птици машките единки живееле подолго од жените, што ја потврдува хипотезата за улогата на хромозомите. 

Колчеро и Штерк предупредуваат дека хромозомите не се единствената причина од која зависи животниот век. Важни се и разликите во големината на телото и однесувањето на животните. Мажјаците кај видовите што не се спаруваат моногамно, оние што мораат да се натпреваруваат за да обезбедат партнерка со поголемо тело или со посмело однесување, во просек не живеат подолго од женките. 

Долгите рогови кај лосот или мускулите кај горилите имаат своја цена, цели Колкеро. 

Некои видови ги прекршуваат сите правила. Лемурите, на пример, и покрај тоа што се сексуално промискуитетни, немаат разлики во животниот век на мажјаците и женките. Од правилото отстапуваат и мршојадците и големите птици грабливки. 

2 октомври 2025 - 14:37