Вести

Трамп и Си ги спојува магнетна врска

Кинескиот претседател пристигна на самит во Белата куќа вооружен со моќно оружје – доминацијата во синџирот на производство на ретки минерали. САД не можат да најдат алтернатива за кинеските магнети, кои се клучни за воената индустрија, па Трамп е под притисок да прифаќа отстапки на другите отворени теми и да го продолжи трговското примирје со Пекинг.

Швеѓаните ќе прегласуваат поради изборна измама?

Истрага за измама може да го промени победникот на парламентарните избори во Шведска. Натурализиран сомалиски имигрант кој освоил пратеничко место како кандидат на левицата е осомничен дека им плаќал на гласачи и им делел ливчиња на кои веќе е заокружено неговото име. Ако биде потврдена измамата, Швеѓаните првпат во историјата ќе мораат да прегласуваат.

За пцуење во Грузија се оди во затвор

Судовите низ Грузија се полнат со „безобразници“ откако властите со закон го забранија пцуењето по интернет како дел од кампањата за прочистување на политичката клима во Грузија од токсични поделби. Премиерот ги прогласи вербалното навредување за „оружје што политичките непријатели го користат за дестабилизација на земјата“.

Речник

Во доба на роботаксија, Убер се обложува на луѓе 

Убер вложува милијарди во новите автомобили без возачи, но верува дека клучниот фактор за економска исплатливост е да го зголеми бројот на возачи. Компанијата пресметала дека хибридна мрежа во која се вклучени луѓе може да ја зголеми зафатеноста на автономните возила што би носело поголем профит отколку флота составени исклучиво од роботаксија.

Обединетите нации се корисен театар

Секој септември, кога заседанието на Генералното собрание на ОН го парализира сообраќајот,  њујорчани се прашуваат: Која е поентата на глобалниот политички театар? Обединетите нации не се „почетокот на светска држава“. Најдобро функционираат во поограничена улога, кога делуваат како форум за државите, а не како повисок авторитет над нив. 

Работната недела се растегнува на шест дена

Идејата за четиридневна работна седмица веќе е напуштен. Се прифаќа нова шема на работа и во неделите. Наместо да ги набиваат работните часови во помалку денови, работниците едноставно ја прошируваат работата на шести ден, делејќи го времето на нелинеарни блокови прилагодени на родителските обврски, нивото на енергија или личните задачи.

Рајан Гослинг си го губи времето со филмови како Барби

Галамата околу оваа оценка на американскиот режисер не стивна ни кога Оливер Стон објасни дека му имаат извадено стара изјава која ја дал пред да излезе филмот. Попат Стон јако го запердаши и Џон Вик на Киану Ривс. А медиумите кои се гледаат како чувари на холивудските икони, оти па нема како да се опише Стон, го пишуваат како „апологетот на Путин.“ 

Има ли право Риз Витерспун да јаде снег?

Се разбира дека ова не е вест и не би била вест да не беше светов ваков каков што па еден потег на актерката да црпне со шоља тазе снег и од него да си направи десерт не само што ги тригерна везден загружените онлајн кибицари туку стигна и до сериозни медиуми. Тие пак решија не само да ја пренесат „загрижноста“ на дел од јавноста туку и да консултираат експерти.    

Би поминале ли Том Вејтс и Боб Дилан на Звезде гранда?

Застрашувачка е помислата Јелена Карлеуша да им ги рецензира интерпретациите и да им мрси како се слаби со трилерите (мада, на Вејтс ваљда би му признала дека е добар „у доњим лагама“). Го прашале Дејвид Ковердејл истото, додуша не за Звезде гранда, туку за Американски идол. Не знае да одговори, не зашто не ги цени овие двајца, туку затоа што не гледа талент шоуа.

Тојота: Електричните коли никогаш нема да доминираат

Главниот извршен директор на автомобилската компанија која ја има основано неговиот дедо, тврди дека привлечноста на електричните автомобили е ограничена и нивниот максимум ќе биде 30% од пазарот. Прво, сè уште се скапи, второ, недостасува инфраструктуира за полнење која таа опција ќе ја направи функционална и трето, милијарда луѓе на планетава живеат без струја. 

Дали стварно канселираа и зачин?

Амстердам ќе менува име на улица кое носи име на морско оревче затоа што тоа, морското оревче, имало колонијалистички конотации. Глупи Грци, можеа да бараат со Преспански да ни се забрани и тоа име, да речеме затоа што употребата на терминот МОРСКО оревче сугерира дека имаме територијални претензии. Нема што немаше да прифатиме во таа фасцинантна капитулација. 

ЕУ останува глобален маргиналец

Како и многу пати претходно, американските и британските сили повторно се заедно во акција, овојпат мавајќи по Хутите кои начисто ја пореметија бродската трговија преку Црвеното море. Иако таа трговија е од витално значење за економските прилики во Европа, како и многу пати порано, европската бирократија е назад со материјалот. Имале план. 

Германската армија ќе прима војници од странство

За да се справи со сериозниот недостаток на луѓе во германската армија, државата планираше да дозволи да се пријавуваат и луѓе од другите држави од ЕУ. Но, и така не испаѓа сметката па можно е предлогот да се прошири и на кандидати од држави кои не се членки на Унијата со што би им се забрзал процесот за добивање германско државјанство.

Спортс илустрејтед, речиси па готово

Во ни најмалку неочекуван исход, магазинот кој со децении беше синоним и парите ги правеше од избирање на најсовршените примероци на женскиот род и нивно објавување на насловната страна, ќе затвори само неколку години откако одлучи радикално да ги промени предусловите за појавување на нивните насловни.

Фицо ја отпиша Украина

Ако Киев сака да стави крај на војната и руската инвазија, Украина мора да се откаже од дел од својата територија, е пораката на новиот словачки премиер Роберт Фицо.

Италија го легализираше фашистичкиот поздрав

За прв пат по 1945 во Италија ќе биде дозволено римското отпоздравување, кое во Втората светска војна стана симбол на фашистите и нацистите, се додека истото не претставува закана за јавниот ред и мир.

За образовните авторитети од „плиткото“

Гардијан како „револуционерна“ оценува една научна студија од Универзитетот Колумбија чии наоди велат дека не е баш мудро да се откажеме од хартиените книги, како што сугерираа некои наши надобудни НВО курсисти. Науката порачува: за подлабоко читање - читање од хартија, за поплитко - читање од монитор. Станува јасна приложената фотографија? 

Гугл призна дека шпионира и во „инкогнито“

Паралелно со спогодбеното решавање на 5 милијарди долари тешката тужба по истата основа, Гугл јавно откри дека собира податоци од вашето користење на Гугл Хром дури и кога сте во „инкогнито“ начин на работење.

Кинеска батерија, од новите

Кинеска компанија развила батерија која ќе трае подолго од уредите што ги напојува.  На нуклеарен погон е, помала од паричка и може да обезбеди енергија 50 години без полнење. Ја користи енергијата ослободена од нуклеарните изотопи и полупроводници за да ја претвори таа енергија во електрична енергија. На пронајдокот најмногу му се остри воената индустрија.

Мерцедес ќе ги продава сите салони во Германија

Продажните салони и придружните работилници во Германија што се во сопственост на Мерцедес наскоро ќе бидат продадени од компанијата, откако истото се покажало како успешен потег низ другите држави на Унијата како дел од нивната стратегија за оптимизација.

Зеленски се врати од Давос со празни раце

Владимир Зеленски стана махер да доаѓа до пари за Украина кога треба да се убедуваат државници чија работа е да располаѓаат со туѓи пари. Европјаните и Американците уште немаат пресметано колку пари од нивните даноци вкупно имаат отидено за Киев и војната против Русија. Но, кога се работи за приватни пари, работата оди малку потешко. 

Збогум социјалдемократијо, беше интересна појава

Губејќи ја врската со работничката класа, социјалдемократијата во Германија ја изгуби смислата и останува без работа а нејзината улога ја преземаа партиски неутралните, но моќни синдикати. Невозможно е во бледиот социјалдемократки бирократ Олаф Шолц да се гледа како на некаков левичарски лидер. Тој останува во сенка на некогашната владина шефица од ЦДУ, Ангела Меркел, а кој би гласал за сенката кога има оригинали? 

Корпоративните профити ја разгоруваат инфлацијата

Нов извештај на американски тинк-тенк наведува јасни докази дека високите корпоративни профити се главен двигател на тековната инфлација во САД.  Компаниите продолжуваат да ги одржуваат цените високи дури и кога нивните инфлациски трошоци се намалуваат. Како и кај нас, колку и да се намалиле некои влезни трошоци, фирмите не се откажуваат од ќарот на кој навикнаа.

Саух, Тесла, саух

Сопствениците на електрични автомобили во Велика Британија добија предупредување да ги држат колите наполнети во текот на ноќта и да ги загреваат пред употреба за да не бидат непријатно изненадени кога ќе излезат на пат на досега најниските температури оваа зима. Кај нив падна и на речиси минус петнаесет деновиве.

Херц ќе продава 20.000 електрични возила за да вози на бензин

Глобалната компанија за изнајмување возила се пожалила дека муштериите повеќе преферираат коли со мотор со внатрешно согорување, плус високиот трошок за замена на електричната флота, заради што распродава дел од електричните возила што ги имаше.

ВИ девојките нагрнаа на ЧатГПТ

Како што ОпенАИ отвори продавница за модифицирани верзии на ЧатГПТ, пример ми треба бот фокусиран на архитектура или историја или музика, така истата се преполни со готови ВИ девојки, а не требаше да има ниту една.

Кога Украинците сакаа контраофанзива, САД не даваа

Летово Украинците не успеаа да ја пробијат руската одбрана која можеше да биде толку успешно поставена исклучиво благодарејќи на времето што Русите го имаа за да работат на нејзе. Да беше до Украинците, контраофанзивата ќе почнеше многу порано.

Американците задоволни од укинувањето на позитивната дискриминација

Мнозинството возрасни Американци се задоволни од одлуката на Врховниот суд да забрани при прием на факултет да се бодува и расата и етничката припадност, практика која ја имаа воведено многу инстутиции во име на поголемата вклученост на разните групи. Задоволни се не само белците туку и луѓето со азиско и хиспано потекло, па дури и црнците чиј прием опаѓаше и покрај позитивната дискриминација.

Германските градинки вовеле сексуално образование што никој не го побарал

На децата во градинка во Северна Рајна-Вестфалија им е понуден простор за мастурбација или како они тоа го имаат склопено „ако сакаат да се повлечат во заштитен простор според нивните потреби со цел физички да се откријат и задоволат себе си“.

Британија има повеќе воени бродови отколку морнари за нив

Кралската морнарица не може да пушти во употреба нови фрегати доколку претходно не повлече од служба најмалку два воени брода за да и се ослободат морнари за служење.