Фицо ја отпиша Украина

Ако Киев сака да стави крај на војната и руската инвазија, Украина мора да се откаже од дел од својата територија, е пораката на новиот словачки премиер Роберт Фицо.

„Некаков компромис мора да има. Што очекуваат тие? Дека Русите ќе си заминат од Крим, Донбас и Луганск? Тоа е нереално,“ изјавил словачкиот премиер.

Фицо доаѓа на власт на изборите во септември со ветување дека ќе престане со испраќање оружје во Украина, дека ќе го блокира потенцијалното членство на Киев во НАТО и дека ќе биде против санкционирање на Русија.

Во интервјуто во кое порачува дека Украина ќе треба да се откажува од дел од својата територија, Фицо го потврдува и својот став околу украинското членство во НАТО.

„Ќе му кажам (на украинскиот премиер Денис Шмигаљ) дека сум против украинското членство во НАТО. Тоа во основа може да биде само повод за Трета светска војна, ништо друго.

Украина не е независна или суверена држава... таа е под целосно влијание и контрола на САД,“ порачал Фицо.

Тој му даде поддршка и на унгарскиот премиер Виктор Орбан во неговата борба за блокирање на пакетот помош за Украина од ЕУ во вредност од 50 милијарди евра.

23 јануари 2024 - 11:42