Во септември годинава ќе се одржат избори за парламентите на сојузните единици во Бранденбург, Саксонија и Тирингија. Анкетите на јавното мислење предвидуваат десничарската АфД да освои релативно мнозинство во сите три. Засега, сите останати политички партии тврдат дека нема да коалицираат со нив. но има набљудувачи кои се сомневаат во тоа.
За социјалдемократите, моментално непопуларни како никогаш во нивната долга историја, се предвидува катастрофа.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека само 7 отсто од гласачите во Саксонија се за Социјалдемократската партија на Германија а 36,5% за АфД. Работите се уште полоши за најстарата германска партија во Тирингија, каде што може да смета на само 5,3 отсто од потенцијалните гласачи, додека АфД би можела да добие 34,1%.
Посебно загрижувачки за најстарата партија во Германија (основана 1869) е што овие сондажи се вршени пред блокадите на земјоделците, штрајкот на машиновозачите, прекинот на работата на многу медицински ординации, невидениот хаос во државата за што првообвинети се владејачката партија и актуелниот шеф на владата, социјалдемократот Олаф Шолц.
„После заминувањето на Вили Брант, Хелмут Шмит и Херберт Венер од политичката и животната сцена, веќе не се појавија личности кои ќе ја персонифицираат социјалдемократијата. Дали некој го гледа сегашниот германски канцелар Олаф Шолц како социјалистички лидер? За мене тој изгледа како досаден бирократ кој не ја сменил тактиката откако беше вицепремиер во времето на лидерката на ЦДУ, Ангела Меркел. Па зошто некој на изборите би гласал за нејзината сенка, а не за оригиналите од нејзината партија во која, додуша, исто така не се појавија силни политички фигури?“, пишува Иван Ивањи.
Тој забележува дека секаде не е така и дека партии кои, барем по името, се социјалдемократски, водат влади во неколку европски држави Како Норвешка, Данска, Шпанија, Португалија. Занимливо, тој македонските социјалдемократи не ги смета за водачи на владата туку само како учесници во владеачката коалиција.
Некакво заедништво се обидува да претстави Социјалистичката интернационала со седиште во Лондон, но со оглед на тоа што во неа се зачленети дури 147 партии и организации, таквиот број повлекува неможност за некоја заедничка политика, ниту некои упаства или барем совети од централата.
Поинаку беше кога не нејзино чело, од 1976 до 1992 стоеше Вили Брант кој се залагаше за помош на ослободителните движења, за човекови права и слични светски проблеми, но и за старите социјалистички идеи, на пример за поправедна распределба на вишокот вредност кој се создава со наемен труд.
„Збогум социјалдемократијо, беше занимлива појава во светската историја,“ завршува Ивањи.