Гугл не се откажува од монополот за рекламирање

Казната од речиси 3 милијарди евра од Брисел не го уплаши Гугл за да се откаже од контрола на алатките со кои го диктира онлајн-рекламирањето во Европа. За да остане на европскиот пазар, понуди ситни корекции во политиката со кои наводно повеќе нема да биде монопол. Но, веќе е соочен со нова истрага - дека манипулира со видливоста на извештаи што содржат реклами.

Антимонополските власти на ЕУ во септември му одредија казна од 2,95 милијарди евра на Гугл поради нарушување на конкурентноста на пазарот и му дадоа рок од два месеца да се прилагоди на регулативите за да му биде дозволено да остане на пазарот. 

Како образложение за казната, Европската комисија објави дека Гугл неправедно ја искористил својата доминантна позиција во онлајн рекламирањето за да ги фаворизира сопствените услуги.

ЕУ оцени дека Гугл не само што продавал реклами на сопствените веб-страници и апликации, туку делувал и како посредник за фирмите што сакаат да постават реклами на други платформи за да се појават на мобилните и компјутерските екрани. Според Брисел, ова ги елиминира конкурентските фирми од бизнисот за рекламирање. 

Казната го разгневи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја оцени како економски удар од ЕУ за САД. Трамп се закани дека на ударот врз Гугл ќе возврати со зголемување на царините за ЕУ.

Гугл ја обжали казната, која не е поврзана со барањето за трансформација. На последниот ден од рокот за корекции на политиката, на Европската комисија ѝ предложи компромисно решение со кое верува дека ќе го надмине спорот и нема да ги оштети европските издавачи и огласувачи што користат алатки на Гугл за да го развијат својот бизнис.

Компанијата сега ветува дека на издавачите ќе им овозможи да постават минимални цени за различни понуди при користењето на алатката Ad Manager. Како одговор на обвинувањата за судир на интереси, со тек на времето ќе ја зголеми интероперабилноста на своите алатки за издавачите.

Овие мерки се далеку од препораките на европските регулатори, кои сметаат дека единствен начин за разбивање на империјата за онлајн-рекламирање е Гугл да се откаже од контролата врз своите алатки за рекламна технологија. Брисел прифати да ја разгледа понудата од Гугл, што не е гаранција дека ќе ја прифати.

Казната од 2,95 милијарди евра не е ни прва ни највисока што Гугл ја добива од Европа. Во 2018 година мораше да плати 4,1 милијарди евра поради злоупотреба на доминантната позиција на оперативниот систем андроид, а во 2017 година беше казнет со 2,4 милијарди поради антиконкурентни практики на пазарот за споредување цени.

Европската комисија вчера отвори нова истрага поради сомневањата дека Гугл на својот пребарувач намерно ја намалува видливоста на резултатите од медиуми кога тие вклучуваат содржини од комерцијални партнери како спонзорирани текстови. Гугл возвраќа дека таквите политики се неопходни за да се заштитат корисниците од наметнати содржини.

14 ноември 2025 - 15:47