Германската армија ќе прима војници од странство

За да се справи со сериозниот недостаток на луѓе во германската армија, државата планираше да дозволи да се пријавуваат и луѓе од другите држави од ЕУ. Но, и така не испаѓа сметката па можно е предлогот да се прошири и на кандидати од држави кои не се членки на Унијата со што би им се забрзал процесот за добивање германско државјанство.

Предлогот да се дозволи странски државјани да служат во германската армија може да се прошири и на Европејците од земјите надвор од ЕУ, пренесува Дојче веле. 

Германскиот министер за одбрана, социјалдемократот Борис Писториус првично ја беше изнел идејата за добредојде на не-Германци за да се адресира драстичниот недостиг на персонал. Идејата доби поддршка и од пратениците еден од коалиционите партнери, ФДП, како и од опозициската ЦДУ.

Кандидатите првично би можеле да доаѓаат од ЕУ, како и од земји како Обединетото Кралство, поранешна членка на ЕУ, како и од неутралната Швајцарија, но и од европски држави кои не припаѓаат на Европската унија, но кои можеби се во пристапни преговори.

„Ако долгорочно размислувате на европски начин, веќе не може да биде важно каква националност има еден војник во оваа европска рамка“, изјави Мари Агнес Страк-Зимерман од ФДП.

Надвор од Европа, таа рече дека можноста за пријава во германската армија може да биде проширена и во НАТО, но тоа ќе зависи од политичките случувања во одделни земји-членки како САД и Канада.

Деновиве Германија дозволи поседување двојно државјанство.

 

23 јануари 2024 - 14:25