Империјализам без целофан

Овој каламбур што се случува на големата гео-политичка мапа а кулминираше со скандалозната кавга меѓу Трамп/Венс и Зеленски во Овалната соба, не дека не е виден во историјата. Само што овојпат немаше никаква обвивка од идеализам. Само чиста и брутална политичка и империјална моќ. Проценки велат дека на крајот, Украина сепак ќе прифати да биде економски протекторат на САД. Подобро и тоа отколку да клекнат на колена пред Путин.

„Ние си кажуваме приказни за да живееме“, забележа Џоан Дидион (американска писателка и новинарка - н.з.). Политичарите се различни. Тие раскажуваат приказни не за да живеат, туку за да преживеат. Приказните им даваат на лидерите аура на цел и контрола, натопувајќи ги нивните одлуки со големо значење. И понекогаш, едноставно престануваме да веруваме во нив. Тоа се случи деновиве во Белата куќа. Приказната за Западот се стопи и остана само моќта“, пишува Том МекТаг.

Вели, да се гледа Доналд Трамп изминативе недели беше како еден од оние моменти кога имаш чувство се пишува историјата. Кир Стармер и Емануел Макрон полетаа во Вашингтон за да го спасат стариот свет и отпрво се чинеше дека успеаја. Но, тогаш Володимир Зеленски пристигна во Овалната соба и наиде на американската надмоќ - лута, импозантна, империјална. Правете го тоа што го кажуваме или ќе ве предадеме на вашите џелати. 

Европа беше збудалена. Во еден момент очајна што Зеленски беше означен како диктатор; веќе во следниот среќна што Украина ќе ѝ предаде половина од природните ресурси на Америка.

„Што е важна дипломатијата во свет каде што се важи само моќта, а вие сте молител? Стармер можеби се врати во Британија среќен што обезбедил јавна обврска од Трамп за клаузулата за заемна одбрана на НАТО. Но, дали некој сега верува дека нешто што претседателот кажал вчера навистина е важно?“

На крајот, сè се промени и ништо не се промени. Трамп го мисли она што го кажува - а потоа не го прави тоа. САД истовремено и се повлекуваат од Европа и се прошируваат во неа. Многу нејаснотии. На пример,  „договорот за минерали“ - договорот во суштина уште повеќе би ги проширил американските интереси во Европа. Според условите на договорот како што е предложено, САД добиваат 50% од уделот во рудното богатство на Украина - засекогаш.

Тој велеше дека договорот ќе послужи како безбедносно одвраќање за Путин. „Мислам дека никој нема да си игра наоколу ако сме таму со многу работници“, изјави Трамп. Се чинеше дека новата доктрина ќе биде „мир преку економија“, како што пиша Ле Монд. А Зеленски би бил принуден да седне на маса и да прифати територијални отстапки.

Сето тоа веќе е видено во историјата, само што овојпат немаше никаква обвивка на идеализам, само гола империјална моќ.

Политичкиот уредник на Анхерд проценува дека на крајот, Украина ќе се согласи да стане американски економски протекторат. Тоа е и поприфатливо отколку да паднат на колена пред Путин.

Приказните ни требаат затоа што секојдневниот хаос го претвораат во нешто надежно или инспиративно; нудат објаснување или откровение  или, во најмала рака, утеха. 

Макрон, Стармер и Зеленски отпатуваа за Вашингтон оваа недела барајќи приказна што би можеле да им ја кажат на нивните луѓе дома. Првите двајца успеаа, само што тоа им траеше само неколку часа.

1 март 2025 - 18:49