Ја најдовме источната тетка на Глоријан

Благодарејќи на старата маалска 2Д технологија (Другари Душмани), до нас допре песна од една хонгконшка пејачка по име Винг. Бидејќи сме многу мазо, ја слушавме додека крв не ни потече од уши. А бидејќи сме по малку и садо, ви ја пуштаме и вам. Ако Белопета не ја донесе во Скопје, стварно е шконтар.   

Винг има несреќа што одбрала име слично на групата на Макартни (Вингс) па некои пребарувачи мислат дека е грешка во куцање и ти даваат фалш резултати. Но, бидете упорни, кој си ја бара бељата, ќе ја најде.

Како што заклучивме од преслушување на нејзиниот опус, Винг не само што е пејачка туку има остарено како пејачка, без никакви компромиси околу својот стил.

Музичката позадина и е 8 битна, ко од Спектрум, а нејзините интерпретации на поп-рок класики ќе ве потресат.

Тргајте деца на страна и пуштајте:

Wing: Back in Black

Wing: I Will Always Love You

Wing - Beat It (ја пее во живо и никако да ја стигне, чујте 1:20)


Немогуче, нели?

Инаку, по потекло е од Хонг Конг, а живее и твори во Нов Зеланд. Нејзиното пеење често се споредува со она на Флоренс Фостер Џенингс, за која имате еден фин филм со Мерил Стрип и Хју Грант (да ја видите фацата на младиот пијанист кога оваа ќе почне да пее!).

Винг досега не е осудувана.

п.с. Како бе кој Глоријан?

26 септември 2016 - 14:46