Десет особини на балканскиот менталитет

Некогашен српски новинар а денес светски гуру за дигитални стратегии и директор во европската централа на Гугл, на конференција во Белград ги опиша главните столбови на балканскиот менталитет. Многу прецизни поенти!

Koга почнавме да ја чепкаме биографијата на Лазар Џамиќ, сфативме дека тој е навистина интересен лик. Прво бил музичар, толку добар што го напишал првиот учебник за тапанари во Југославија. Потоа се занимавал со новинарство - 9 години работел во Радио Смедерево, па и како негов директор. Во 1992 свртува во водите на маркетингот и ПР консултации, се сели во Белград и пишува неколку стручни книги. Денес го сметаат за еден од најголемите авторитети за дигитален маркетинг во светот. Работи како директор на планирање во лондонската агенција Kitcatt Nohr Digitas, и креира стратегии за водечки компании и брендови. Сепак, за многумина е најпознат по книга (излезена јануари 2014) посветена на феноменот на Алан Форд на просторите на бивша Југославија, под наслов „Цвеќарница во Куќата на цвеќето".

Деновиве тој настапи на трибина на фестивалот „Миксер хаус". Тема - 10 поими на балканскиот менталитет. Еве го неговиот список:

10. НЕПОСТОЈАНОСТ

Тоа е најстабилната карактеристика на овие простори, и придонесува за нашата слика за себеси. Погледнете ја само нашата историја - Белград е рушен 40 пати. Словените кога доаѓале на Балканот, дали во 7 век или пред доаѓањето на вонземјаните на Земјата, има тука различни теории, нашле многу лошо место за да ги постават нивните шатори. Наишле на место во кое секоја орда, булук или армија го нашла својот пат кога оделе лево или десно. Тоа е приказна за нестабилно место во геополитичка смисла. Споредувајќи се со Англија, таму е сосема нормално да имате семејни стебла кои се водат од 1060 година па наваму. Тоа е поинаква ментална конструкција од онаа на којашто се имаме навикнато - секоја власт почнува од почеток и руши сè претходно, прави сè од ново. Историјата се пишува, препишува и допишува.

Нашиот менталитет не е сахер торта којашто има убави слоеви, која можете фино да ја сечете на уредни парчиња, туку е чинија шпагети. Сè е сосема заплеткано и замачкано во црвен сос.

9. СМРТ

Душко Ковачевиќ еднаш сјајно изјави: постојат 5 годишни времиња кај Србите - зима, пролет, лето, есен и војна. Има многу вистина во тоа.

Често забораваме во која мерка Србите живеат блиску до смртта, на начини кои на луѓето „од надвор" им се сосема непоимливи. Моите пријатели Англичани сосема ги шокира што ние јадеме на гробишта, си седиме на местото на смртта и кркаме.

Нам смртта ни е сосема нормална, затоа што ако погледнете колку сме гинеле во војни - 60% машко население е убиено во Првата светска војна, не е ни чудно што сме кондиционирани на смрт. Тоа се такви ломови во човечката психа, кои не можат да се надоместат толку лесно.

Монах во средовековна Србија еднаш рекол, а тоа е и насловот на оваа приказна: Ние Србите сме цвеќе кое расте на раб на гроб. Нешто убаво и нежно, лесно кршливо, што секогаш стои на раб на нешто смртно и трагично, нешто што сосема ќе нè лоцира до уништување.

8. НАДРЕАЛИЗАМ

Нашиот природен облик на општествено уредување не е ни комунизам, ни социјализам, туку надреализам, како секојдневна појава. Ако Латиноамериканците го дале магичниот реализам, ние на светот сме му го дале документарниот надреализам. Не постои граница помеѓу сонот и јавето. Просечен ден на Балканот е или како кошмар, или некој вид сон.

7. МИТОВИ - УЛОГАТА НА ЈУНАЦИТЕ

Митот за херојството се провлекува низ неколку нешта - прво се митовите за Крале Марко, кој во суштина е вестерн. Освен за водачи, имаме и митови за улогата на Србите во светот, од кои некои се реални, а други вон реалноста, но секако се многу присутни. Често во расправите не можат да се избегнат приказни за 40 дивизии кои сме ги задржувале на Балканот за време на Втората светска војна, за тоа дека сме ги спречиле Турците да ја освојат Европа.. .Неспорно е значењето на Тесла и Пупин, но главно е дека Милева, а не Алберт Ајнштајн ја напишала теоријата на релативитет.

6. МИТОВИ - УЛОГА НА ЖРТВИ

Еден израелски писател има речено дека Евреите и некои балкански народи се народи на книгите, односно народи на приказните - и на едните и другите митологијата им е историја, се гледаат низ леќата на митологијата наместо низ леќата на реалната историја.

Oва страдалништво постојано е дел од нашиот живот, почнувајќи од она родителското: јас кога бев мал одев по 10 километри до школо сред зима, и тоа по угорница во двата правци.

5. НАГОН

Се сеќавате на вампирските заби од Алан Форд кога си се дерат едни на други? Е тоа е опис на регуларниот ден во моето семејство. Дерењето е вообичаен начин на комуникација. Ние имаме слаба контрола на импулсите. Прво нешто правиме, па потоа размислуваме. Таа контрола на импулсите е дел од културата, образованието, политиката, дел од нашиот комуникациски и дијалошки дискурс.

На пример, тотално сум огорчен од животот и со став дека никој не ме слуша. Од тука се тргнува со дискурс кој е преполн со емоции, и јас имам наратив којшто морам како робот да го искажам до крај, инаку се чувствувам несреќно. Од друга страна имате ароганција - некој којшто е сосема ненавикнат да слуша мислење на други луѓе, кои се на позиција на власт, и целосно арогантно занемаруваат какво и да е прашање или коментар.

4. СУЕВЕРИЕ

Еден од начините на изразување на нашата ирационалност е суеверието. На пример, изненадување за жена ми беше кога востанови дека дијагноза воспаление на јајници во Англија не постои.

Тука е, секако, и најголемиот непријател на Србите, поголем од масоните, Ватикан и НАТО - промајата!

Бев во ситуација во автобус Белград-Смедерево да присуствувам на тепачка затоа што човек отвори прозорец на 42 степени и млаз топол воздух го заплиска задниот крај на автобусот. Какво и да е движење на воздухот од еден до друг прозорец е смртна опасност, од која и најзакоравениот српски платен убиец се плаши повеќе отколку од било што на светот.

Во Англија ми недостасуваат нашите ритуали, како гледање во шоља или кога ќе споменеме некоја лоша работа па чукаме во дрво.

3. МУДРОСТ

Дури и на журки тука нема лесна дискусија, второто прашање е дали има живот и после смртта. Од друга страна, таа приказна за длабоките аспекти на човечкиот живот е нешто што е одлично, затоа што тоа значи дека ние сме во контакт и во допир со силни и длабоки нешта, баш заради тоа што сме били во контакт со смрт и нестабилности. Имаме и момент на темпоралност - на пример со некој пријател не се гледаш 10 години, но кога повторно ќе се сретнете имаш впечаток дека си бил само зад аголот по кафе. Го продолжувате разговорот во истата реченица каде што сте го прекинале пред 10-15 години. И потоа таа темпоралност оди во кафана. Ако нешто ми недостасува во Лондон, тоа се тие. Времето да се седи, да се раскажува за длабоки нешта без да се брза, да се анализираат сите аспекти на животот и на смртта. Кафаните се фантастична институција на која француските бистроа не можат да им се фатат за малиот прст.

2. ЖИЛАВОСТ

Тука постојано се раскажува дека нешто не чини и тоа го знаеме, но мислам дека би требало да ја свртиме леќата и да ги прославуваме нашите парадокси кои ги носиме во душа. Тие ни даваат некој вид психолошко богатство кое може да се претвори во фантастична уметност и креативно искажување. Грунф победува во деловниот свет, верувале или не. Постои концепт кој подразбира иновации со екстремно мали ресурси - многу голема работа во Индија, Африка и во Кина од очигледни причини, но и на Запад. Голем број водечки компании почнуваат да применуваат сиромашни иновации. Тоа значи ситуацијата на екстремно ограничување и екстремен недостаток на ресурси да ја искористиш како креативна прилика да го смениш начинот на размислување и начинот на кој ги креираш нештата. Имаме одлична прилика да примениме и некоја наша креативна финта. Оптимистичкиот дилентатизам од кој често можеме да тргнеме во суштина многу добро резонира со модерниот свет, тоа е она што би требало да го сфатиме. За разлика од светот кого сега изобилството го турка низбрдо, ние имаме прилика да градиме од ниска база, со голем број нови креативни решенија кои ги имаат нашите луѓе.

1. ХУМОР

Голем дел од нашиот поглед на свет е хуморот. Постоа таа изместена реалност, но нашиот хумор содржи многу повеќе сатира отколку англискиот. Заради сатиричните афоризми луѓето кај нас имаат одено в затвор, па дури и мене лично, кога пишував сатирични афоризми за мојот локален весник, ми се закануваа дека ќе бидам испратен во војска шест месеци порано. Таква сериозна сатира „надвор" нема многу.

4 април 2015 - 14:32