За време на опсадата во Сараево, кога известував за Њујорк Тајмс, никогаш не претрпевме ниво на бомбардирање и таква блокада на храна, вода, гориво и лекови каква што Израел сега наметнува во Газа. Никогаш не претрпевме стотици мртви и ранети на ден. Никогаш не го истрпевме соучесништвото на меѓународната заедница во српската геноцидна кампања. Никогаш не доживеавме Вашингтон да ги блокира резолуциите за прекин на огнот. Никогаш не доживеавме масивни испораки на западно оружје за опсадата да продолжи. Не доживеавме сараевските медиуми да бидат рутински дискредитирани и отфрлани од меѓународната заедница. Никогаш не доживеавме западните влади да ја оправдуваат опсадата како право на Србите да се бранат, иако мировниците на ООН испратени во Босна во голема мера беа ПР гест, неефикасни во запирање на колежот додека не беа принудени да одговорат по масакрите на 8.000 бошњачки мажи и момчиња во Сребреница.
Не сакам да го минимизирам ужасот од опсадата на Сараево, која ми прави кошмари речиси три децении подоцна. Но, она што го трпевме – три до четиристотини гранати дневно, четири до пет мртви и дваесетина ранети дневно – е мал дел од големата смрт и уништување во Газа. Израелската опсада на Газа повеќе наликува на нападот на Вермахт врз Сталинград, кога беа уништени над 90 отсто од зградите.
Во појасот Газа беа се прекинати сите комуникации. Нема интернет. Нема телефони. Нема струја. Целта на Израел е убиство на десетици, веројатно стотици илјади Палестинци и етничко чистење.
Тоа е обид на Израел да го избрише не само народот, туку и идејата за Палестина.
Тоа е копи/пејст на масовните расистички колежи од други колонијални проекти кога се веруваше дека неселективно и брутално насилство ќе ги избрише аспирациите на угнетениот народ. И како и другите извршители на геноцид, Израел има намера тоа да го држи скриено.
Во израелските бомбардирање, едни од најтешките во 21 век, загинаа над 7.300 Палестинци, од кои речиси половина деца, заедно со 26 новинари, медицински работници, наставници и персонал на Обединетите нации. Околу 1,4 милиони Палестинци во Газа се раселени, а околу 600.000 се бездомници. Џамии, 120 здравствени установи, амбулантни возила, училишта, станбени блокови, супермаркети, пречистителни станици за вода и канализација и електрани се претворени во урнатини. Болниците и клиниките, на кои им недостасува гориво, лекови и струја, се бомбардирани или се затвораат. Чистата вода ја снемува. Газа, до крајот на израелската операција на спалена земја, ќе биде непогодна за живеење, тактика што нацистите редовно ја применуваа кога се соочуваа со вооружен отпор, вклучително и во Варшавското гето, а подоцна и во самата Варшава. Кога Израел ќе заврши, Газа каква што ја знаевме, нема да постои.
Истребувањето на оние чија земја ја крадеме, чии ресурси ги ограбуваме и чиј труд го експлоатираме е кодирана во нашата ДНК. Прашајте ги Индијанците. Прашајте ги Индијците. Прашајте ги Конгоанците. Прашајте ги Кикују луѓето во Кенија. Прашајте ги Хереро во Намибија, кои, како Палестинците во Газа, беа стрелани или одведени во пустински концентрациони логори каде што умреа од глад и болести. Осумдесет илјади од нив. Прашајте ги Ирачаните. Прашајте ги Авганистанците. Прашајте ги Сиријците. Прашајте ги Курдите. Прашајте ги Либијците. Прашајте ги домородните народи ширум светот. Тие знаат кои сме ние.
Израелскиот искривен и колонијален поглед е и наш поглед. Само се преправаме дека е поинаку. Си припишуваме доблести и цивилизациски квалитети кои се тенко оправдување за одземање на правата на окупираниот или опколен народ, земањето нивна земја и користењето бескрајни затвори, тортура, понижувања, присилна сиромаштија и убиства, за да се држат потчинети.
Нашето минато, вклучувајќи го и нашето скорешно минато на Блискиот Исток, е изградено врз идејата за покорување или бришење на „инфериорните“ раси на земјата. На овие „инфериорни“ раси им даваме имиња што го отелотворуваат злото. ИСИС. Ал Каеда. Хезболах. Хамас. А бидејќи го отелотворуваат злото, затоа што се помалку од луѓе, ние се чувствуваме лиценцирани, како Нисим Ватури, пратеник во израелскиот парламент од владеачкиот Ликуд, да кажеме дека „Појасот Газа ќе се избрише од лицето на земјата“. Нафтали Бенет, поранешен премиер на Израел рече: „Ние се бориме против нацистите“, со други зборови, против апсолутното зло. Не остана покусо ни Нетанјаху кој на прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц ги опиша Хамас како „новите нацисти“.
Размислете за тоа. Народ, со години затворен во најголемиот концентрационен логор на светот, без храна, вода, гориво и лекови, без војска, воздухопловни сили, морнарица, механизирани единици, артилерија и ракетни батерии, е касапен од една од најнапредните армии на планетата. И сега тие се нацистите?
Тука има историска аналогија. Но тоа нема да го признае ни Бенет, Нетанјаху или кој било друг израелски лидер.
Кога окупираните одбиваат да се покорат и продолжуваат да пружаат отпор, ние се откажуваме од оние претензии за нашата „цивилизирачка“ мисија и, како во Газа, се препуштаме на оргии на убивање и уништување. Стануваме пијани од насилство. Ова насилство нè прави луди. Убиваме со непромислена жестокост. Стануваме ѕверови за што ги обвинуваме угнетените. Ја разоткриваме лагата на нашата помпезна морална супериорност. Ја обелоденуваме основната вистина за западната цивилизација - ние сме најнемилосрдните и најефикасните убијци на планетата. Само затоа и доминираме со „бедните на светов“. Тоа нема никаква врска со демократијата или слободата. Тоа се права кои немаме намера никогаш да им ги дадеме на угнетените.
Геноцидот лежи во сржта на западниот империјализам. Тоа не важи само за Израел. Не важи само за нацистите. Тоа е градежниот материјал на западната доминација. Хуманитарните интервенционисти кои инсистираат да бомбардираме и окупираме други нации затоа што НИЕ ја отелотворуваме добрината - иако промовираат воена интервенција само кога се смета дека е во наш национален интерес - се корисни идиоти на воената машина и глобалните империјалисти. Тие живеат во бајката за „Алиса во земјата на чудата“ каде што реките крв го прават светот посреќен и поубав. Тие се насмеаните лица на геноцидот. Можете да ги видите на вашите екрани. Можете да ги слушате како псевдоморализираат во Белата куќа и во Конгресот. Секогаш грешат. И никако да ги снема.
Ние можеби паднавме на сопствените лаги, но поголемиот дел од светот јасно нè гледа нас и Израел. Тие ги разбираат нашите геноцидни склоности, го мерат лицемерието и самобендисаноста. Тие гледаат дека Палестинците, главно без пријатели, без моќ, принудени да живеат во сиромашни бегалски кампови или во дијаспората, отсечени од правото да имаат своја татковина нивната татковина и вечно прогонети, имаат судбина која некогаш била резервирана за Евреите. Ова е последната трагична иронија. Оние на кои некогаш им требаше заштита од геноцид, сега го прават.
Крис Хеџис: Exterminate All the Brutes