Само во текот на 2025 година биле отворени речиси 300 нови истраги за измами за злоупотреби од европскиот Фонд за закрепнување, повеќе од двојно повеќе отколку во претходната година. До крајот на 2025 година Обвинителството (EPPO) имало 512 активни случаи во кои беа вклучени речиси 2.000 осомничени.
Портпаролка на обвинителството изјави дека 331 случај се однесува на Италија, земјата што прими најмногу пари од фондот создаден за да им помогне на европските економии да се опорават од последиците од блокадите предизвикани од пандемијата. Од вкупно исплатени 394 милијарди евра од фондот, Италија досега има добиено 153 милијарди.
Обвинителството, сепак, ја пофали финансиската полиција на Италија дека врши „извонредна работа за откривањето на финансиски измами воопшто, а особено за измамите во рамките на ЕУ“.
Тоа што во другите членки нема пријавени случаи не значи и дека немало измами. Откривањето е исклучително тешка операција, изјави портпаролката.
Фондот за закрепнување беше договорен во летото 2020 година. Членките на ЕУ ѝ одобрија на Европската комисија да позајми 720 милијарди евра од финансиските пазари. Неколку месеци по основањето, агенцијата на ЕУ за борба против измами (OLAF) предупреди на „голем ризик“ дека толку голем фонд пари ќе привлече злоупотреби, но и Брисел и членките се спротивставија на повиците за поголема транспарентност за трошењето на парите „за да не го зголемат товарот за администрацијата“.
Фондот ќе биде затворен до 31 август, а исплатата на 31 декември. Непотрошени остануваат 122 милијарди евра во грантови и 61 милијарда евра во кредити со ниска камата.
На пошироко ниво, Обвинителството до крајот на минатата година имало 3.602 активни случаи за измами со европски средства, за вкупна штета проценета на 67,3 милијарди евра. Тоа е значително зголемување во споредба со претходната година, кога имало 2.666 случаи за штета од 24,8 милијарди евра.
******
Види и: Најлудите превари со пари на ЕУ