Америка ја изгуби војната кога ги испука првите шест ракети

Поранешниот офицер за разузнавање на американската морнарица и главен инспектор за оружје на ООН беше на интервју кај Џорџ Галовеј. Оценува дека војната е изгубена откако се дрзнаа да го убијат ајатолахот, потег кој е сличен како да го убиеш Папата. За опис на Доналд Трамп искористи наслов од песна на Грин Деј. Знаете која.  

Џорџ Галовеј: Ми се чини дека војната не оди добро за освојувачите. Како тебе ти изгледа?

Скот Ритер: После неколку дена од војната, можам да го кажам следново: Ова е конфликт за промена на режимот кој САД и Израел го изгубија кога ги испукаа првите шест ракети врз Техеран, мавајќи по резиденцијата на Али Хамнеи, врховен водач на Иран и втора најважна фигура во шиитската конфесија во целиот свет, после ајатолахот Али ал-Систани во Наџаф, Ирак.

Кога Доналд Трамп им ја објави оваа операција на Американците, рече дека целта е да се обезглави режимот и да се создадат услови Иранците да се дигнат и да ги земат работите во свои раце. Денес Иранците навистина се дигаат на нозе и ги земаат работите во свои раце, само што улиците не се полни со луѓе кои скандираат „Смрт за Хамнеи“ туку со народ кој го слави новиот маченик, човекот кој го даде својот живот служејќи ѝ на својата земја и на вера.

Ние ја изгубивме војната. Ние, САД и господарите на ситуацијата во Тел Авив. Војната е изгубена. Режимот нема да се сруши, режимот нема да се смени а Иранците ќе издржат додека непријателот не се истошти и биде принуден да бара мир. 

Галовеј: Доналд Трамп е будала или е наивен?

Ритер: Претпочитам да го користам терминот кој го употребија дечките од американската панк-рок група Грин Деј. Тој е Идиот. Американски идиот, еден од најглупите луѓе кои оделе по земја, човек кој не се ни труди да научи за она што сака да го прави. Човекот е плиток, се претставува како американски патриот а во реалноста е пиун на Израел.

 

5 март 2026 - 12:13