Извори на Ројтерс запознаени со истрагата забележуваат дека сè уште не е донесен конечен заклучок и не објавуваат детали каква муниција била употребена, кој го наредил нападот и дали бил намерен или по грешка.
Шефот на Пентагон Пит Хегсет во средата потврди дека американската војска го истражува инцидентот. Државниот секретар Марко Рубио претходно изјави дека САД „намерно не би нападнале училиште“, но не ја отфрли директно одговорноста. Белата куќа ја префрла вината врз Иран.
Додека Министерството за војна моментално го истражува ова прашање, иранскиот режим е тој што ги таргетира цивили и деца, а не САД, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Женското училиште во Минаб беше погодено во саботата во 11.30 часот, во првиот бран од нападите на САД и Израел врз Иран. Во тоа време во училиштето се одвивала редовна настава. Според локални извори, загинале 175 лица, претежно деца.
Десетици илјади луѓе во вторникот излегоа на улиците на Минаб на масовниот погреб на девојчињата. Ковчезите на жртвите, покриени со ирански знамиња, поминаа со камиони низ центарот на градот.
Изворите на Ројтерс тврдат дека САД и Израел ги поделиле нападите во Иран по региони и врз основа на типот на целите. Израел се фокусирал на напади врз центри за лансирање ракети во западниот дел на Иран, а САД на југот, каде што е и Минаб.
Првичните анализи на фотографии и снимки по нападот, покажуваат дека училиштето било нападнато во исто време со иранска воена база во регионот. Проверени сателитски снимки потврдуваат дека училиштето било уништено. Со прецизни проектили биле уништени и најмалку шест објекти на морнаричката база и уште две згради околу училиштето. Тоа укажува дека нападите биле намерни и прецизни.
Според Вес Брајант, безбедносен аналитичар и советник на Пентагон, единствено логично објаснување е дека училиштето по грешка било одредено како легитимна цел, затоа што до 2013 година било составен дел од воената база.
Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права, без да посочува виновник за масакрот, повика на темелна истрага за инцидентот, за кој има основа да се смета за злосторство против човештвото. Намерното напаѓање на училиште или болница или која било друга цивилна структура е воено злосторство според меѓународното хуманитарно право.