Во мирнодопски времиња, преку Ормускиот теснец се пренесуваат околу 20 милиони барели нафта дневно, заедно со голем дел од светскиот течен природен гас. Тоа е околу една петтина од енергетските течности што се тргуваат глобално.
Според сите параметри, тоа е најважната поморска линија на земјата. Во моментов, е речиси затворена.
Бродскиот сообраќај е пропаднат, осигурителните компании се повлекоа а за шесте земји-членки на Советот за соработка во Заливот (ССЗ), Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Кувајт, Бахреин и Оман, последиците се многу поголеми од изгубените приходи од извоз.
Затворањето на Ормускиот теснец откри ранливост што децениите акумулирање на богатство и сјајните планови за иднината никогаш не ја решија: овие земји не можат да се прехранат сами. Не фигуративно, туку буквално.
Земјите-членки на ССЗ увезуваат околу 85% од нивната храна. Катар над 90%. Истиот тесен воден пат што ја однесува нивната нафта ги носи и нивните житарки, ориз и шеќер. Дури и Емиратите, кои се убедливо најдалеку во градењето стратешки резерви, велат дека имаат резерви за четири до шест месеци.
После тоа, започнува рационализација, црни пазари, социјалниот притисок расте и може да се очекува сосема нов бран мигранти. Британската Управа за приходи и царини ќе биде воодушевена кога ќе види дека се враќаат 200.000 лица заминати во даночен егзил.
На хартија постојат алтернативи (саудискиот гасовод Исток-Запад и рутата Хабшан-Фуџаира на Абу Даби), но тие покриваат само дел од нормалните количини и не прават ништо за храната или катарските испораки на течен природен гас.
Имаат пари тие држави на претек, но само со пари не можеш да преместуваш жито низ воена зона. Копнен камионски превоз од Турција или вонреден воздушен превоз не може ни приближно да ги испорачаат волумените. Инфраструктурата едноставно не постои, а Иран веројатно ќе ги таргетира тие авиони за да се осигура дека нема да се заобиколи нивната регионална хегемонија во овој аспект.
Монархиите во Персискиот Залив со децении функционираат врз имплицитен договор: приходи од конвенционални енергенси во замена за политичка стабилност. Тој договор зависи од две работи што се случуваат истовремено: нафтата излегува и стоките влегуваат. Хормуз ги опфаќа и двете. Затворете го, и договорот се распаѓа.
Тие што отидоа таму бидејќи дестинациите звучеа гламурозно, сега сфаќаат дека цело време биле на „Блискиот Исток“.
Залиивот со години имаше импресивни бројки за приходи и БДП, но, ништо од тоа не ја менува основната аритметика на пустината. Обработливото земјиште е занемарливо. Недостатокот на вода е екстремен. Постројките за десалинизација, кои снабдуваат помеѓу 40% и 90% од водата за пиење (во зависност од државата), самите се енергетски интензивни и можни цели ако Иран стане екстремно воинствен. Центрите за вештачка интелигенција го цицаат животот (и водата) од веќе ослабената енергетска мрежа на метрополите во кои не се издржува без клима уреди.
Иран долго време предупредуваше дека ако се најде под агресија, ќе го затвори Ормуз. Некој го има убедено Трамп дека блефираат.
Подолго затворање на теснецот ќе предизвика верижна реакција: недостиг на девизи, спирална домашна инфлација, одлив на капитал бидејќи работната сила од странство (до 88% во Обединетите Арапски Емирати) почнува да заминува и колапс во секторите кои не се поврзани со нафтата и целосно зависат од увозот.
Цените на нафтата може да скокнат до небо, но производителите од Заливот се последните што ќе имаат корист од тоа кога не можат физички да извезуваат.
Исламската револуционерна гарда најави дека ќе го минираат теснецот ако не се најде излез од ситуацијата а воените напади врз земјите од Заливот може да траат со месеци.
Ако испадне така, толку од гламурот на Дубаи и другите звучни дестинации, толку од златните визи и забавите со Харис Џиновиќ.