Британија има повеќе воени бродови отколку морнари за нив

Кралската морнарица не може да пушти во употреба нови фрегати доколку претходно не повлече од служба најмалку два воени брода за да и се ослободат морнари за служење.

ХМС Вестминстер, кој неодамна мина скап ремонт на трошок на даночните обврзници од околу 100 милиони фунти, и ХМС Аргил до крајот на годинава треба да бидат пензионирани. Нивниот екипаж ќе биде испратен да ја опслужува новата флота од Тип 26 фрегати.

Британија има нарачано 8 Тип 26 фрегати кои ќе бидат најмодерните бродови за лов на подморници со кои располага нивната морнарица. Првата фрегата се планира да влезе во служба во 2028, а втората кон крајот на деценијава.

Планот на Британија за повлекување од служба на двете фрегати се судри со нивниот план за преземање на воена акција против Хутите за одбрана на трговските бродови кои минуваат преку Црвеното море.

Критиката е дека намалениот број на бродови ги ослабува британските капацитети за воени операции и конкретниот план за борба против Хутите. Одбраната на британските власти е дека новите фрегати ќе стигнат побрзо отколку што е потребно за старите бродови да се модернизираат.

Проблемот на морнарицата со регрутирање беше потврден и во последниот извештај на британското министерство за одбрана, кој покажа дека во последните 12 месеци морнарицата успеала да регрутира 22,1% помалку нови морнари од претходната година. Кај авијацијата и пешадијата падот е 17 односно 15 проценти.

Откако ќе бидат повлечени, бродовите најверојатно ќе бидат распарчени или продадени на некој сојузник.

17 јануари 2024 - 11:30