За образовните авторитети од „плиткото“

Гардијан како „револуционерна“ оценува една научна студија од Универзитетот Колумбија чии наоди велат дека не е баш мудро да се откажеме од хартиените книги, како што сугерираа некои наши надобудни НВО курсисти. Науката порачува: за подлабоко читање - читање од хартија, за поплитко - читање од монитор. Станува јасна приложената фотографија? 

Глобалниот колапс на читачките вештини на младината во последно време привлекува сè поголемо внимание и загриженост.

Последната анкета на американското министерството за образование, покажа дека вештините за разбирање текст меѓу 13-годишниците се намалиле во просек за четири поени од пандемиските години и уште поалармантно, за седум поени во споредба со 2012 година.

Накратко, петдецениски природен напредок во оваа област е поништен и работата е вратена на ниво од 1971 година.

Главниот негативец се гледа во карантините од пандемијата, онлајн учењето и слично. Но, не ќе да е е само тоа.

Гардијан известува за „револуционерна студија“ на невронаучници од Универзитетот Колумбија која директно вели: За „подлабоко читање“ постои јасна предност кај читањето текст од хартија, наместо од екран, каде што „се забележува плитко читање“.

За самата студија: 59 деца на возраст од 10 до 12 години, читале оригинални текстови во двата формата, носејќи на глава опрема со електроди за анализа на мозочните реакции. 

Од витално значење за корисноста на студијата е возраста на учесниците, период кој е критичен во развојот на читањето бидејќи тоа се одделенија кога се случува клучна промена од она што се опишува како „учење да се чита“ во „ читање за да се учи“.

 „Резултатите од студијата сугерираат дека сè уште не треба да ги фрламе печатените книги“, вели лидерката на студијата, доктор Карен Фројд.

Не е ова баш толку ново. Повеќе од една деценија, научници од општествените науки аргументираат за супериорноста на „читање со разбирање“ од хартија. Но, опиени од надреалните ветувања на „дигиталната револуција“, многу образовни програми се претворија во компјутеризирани програми за полагање тестови и читање од екран.

Не дека се жалат баш сите. Гугл во последните три години има продадено таблети за основни училишта во вредност од 14 милијарди долари.

 

22 јануари 2024 - 15:27