„Европската унија дигна раце од светот кој се наоѓа надвор од нејзините граници“, пишува Даниел Џонсон во Телеграф, оценувајќи дека ЕУ самата на себе си е најголем непријател.
Toj потсетува дека во американско-британските акции против Хутите, од ЕУ се приклучи само Холандија, додека од Брисел, Берлин, Рим и Мадрид не доаѓа ништо друго освен една депресивна рамнодушност.
А Европа ќе ја плати веројатно највисоката цена од пореметувањето во најважната бродска артерија на светот и ре-рутирањето на трговијата веќе ги качува цените на континентот.
За да остават впечаток дека и тие нешто прават, Франција, Германија и Италија решија да организираат своја мисија под знамето на ЕУ. Но, оваа операција, со кодно име ASPIDES, уште не е ни договорена, а камоли испорачана. Иако многупати се покажало дека на Блискиот исток тајмингот е најважен од сè, нема шанси оваа европска операција да започне брзо.
Вистината е дека како институција, ЕУ очајно бавно реагира на глобалните закани. Чаламџијата Макрон, кој се претставува како најголем европски авторитет, кај НАТО дијагностицираше „мозочна смрт.“
„Сепак, атлантската алијанса го издржа тестот на времето, додека многу рекламираната Европска армија не стана ништо повеќе од наполеонова фантазија“, пишува Џонсон.